Фото: Маја Јавеска Илиева

Времето утрово ќе биде свежо, а во текот на денот ќе биде сончево и релативно топло, со мала до умерена локална облачност. Услови за дожд ќе има во западните планински подрачја. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, кој ќе биде поизразен долж Повардарието, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Минималните температури ќе се движат од -1 до 7 степени, додека максималните ќе достигнат од 22 до 28 степени.

Во Скопје ќе биде сончево и релативно топло, со мала облачност и слаб ветер од променлив правец. Утринската температура ќе се спушти до 4 степени, а дневната ќе достигне до 27 степени.

Од петок, па во текот на викендот и во вторник, следува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни, а локално ќе има и поројни врнежи проследени со ретки грмежи.

Утринските температури во наредниот период ќе бидат во пораст.