Од денеска во кината пристигнува историската драма „Сирак“, најновиот филм на унгарскиот режисер Ласло Немеш, автор на наградуваниот „Синот на Саул“.
Сместен во периодот по Унгарската револуција од 1956 година, „Сирак“ ја раскажува приказната за едно момче што расте со својата мајка и со идеализирана слика за својот покоен татко. Неговиот свет се менува кога во нивниот живот се појавува суров човек што тврди дека е неговиот вистински татко. Соочено со непознатата вистина и со свет во кој детството полека отстапува пред суровоста на реалноста, момчето е принудено да преиспита сè што верувало дека знае за своето семејство и за сопственото потекло. Низ интимна и емотивно интензивна приказна, „Сирак“ отвора прашања за идентитетот, семејството, загубата и потрагата по вистината, истовремено пресликувајќи ја атмосферата на една од најтурбулентните страници од современата европска историја.
„Сирак“ е копродукција на САД, Унгарија, Велика Британија, Франција, Кипар и Германија, со времетраење од 132 минути.






























