Една година по приклучувањето на Република Македонија кон Единствената област за плаќања во евра – СЕПА, граѓаните и компаниите имаат можност за побрзи, поедноставни и поефикасни прекугранични плаќања во евра.
Од Министерството за финансии оценуваат дека приклучувањето кон СЕПА претставува значајна реформа во платежниот систем, преку која законската и институционалната рамка на земјата е усогласена со европските стандарди.
– Пред една година направивме важен чекор кон европските стандарди во плаќањата. Денес, граѓаните и компаниите имаат побрзи, поедноставни и поефикасни плаќања во евра – напиша министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на Фејсбук.
Според неа, со приклучувањето кон СЕПА се овозможи прекуграничните плаќања во евра да се вршат под исти правила и стандарди како во земјите членки на Единствената област за плаќања во евра. Тоа, како што посочува, придонесува за побрзи и побезбедни трансакции, но и за намалување на трошоците поврзани со прекуграничните плаќања.
Особено значајни се придобивките за компаниите, бидејќи поефикасните плаќања овозможуваат полесна соработка со европските деловни партнери, подобро управување со ликвидноста и намалување на трансакциските трошоци.
Клучен чекор во спроведувањето на реформата беше донесувањето на Законот за платежни услуги и платни системи, подготвен од Министерството за финансии и предложен од Владата, како и усвојувањето на соодветните подзаконски акти од страна на Народната банка.
Барањето за пристапување кон СЕПА беше поднесено на 10 јули 2024 година, а на 6 март 2025 година Европскиот совет за плаќања ја прифати апликацијата за пристапување. Со тоа беше отворен патот за приклучување на домашните банки кон платежните шеми преку кои се реализираат плаќања во евра.
СЕПА опфаќа 41 европска земја и овозможува усогласен систем за плаќања во евра.
Од Министерството за финансии посочуваат дека продолжуваат со реформите насочени кон усогласување со европските стандарди и создавање подобри услови за граѓаните и бизнисот.
































