Повод: Текстот под наслов „Балкански нордиски совет: Идеја што може да ја промени

  • Што ако Балканот престане со обидите да ја реши својата историја и почне да ја користи политичката прагма, како што прават Скандинавците?

Има идеи што на прв поглед звучат романтично, а кога малку подобро ќе се погледнат, стануваат и практични. Уште повеќе што идејата за балкански нордиски совет не е нова и е проверена и високоцелисходна во регионот на Скандинавија.
Идејата за еден балкански, или пошироко југоисточноевропски, „нордиски совет“ не ја толкувам никако како нова Југославија, ниту како федерација, уште помалку како нова држава или некаква балканска суперструктура што ќе им кажува на Словенците, Хрватите, Бошњаците, Србите, Македонците, Црногорците, Албанците, Бугарите, Романците, Грците и Турците како да живеат. Туку нешто многу попрагматично. Ја гледам како заедница на држави што не мора да се согласуваат за своето минато за да можат да соработуваат околу својата иднина. Замислете ги околу иста маса Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Македонија, Албанија, Бугарија, Романија, Грција и Турција. Единаесет држави. Различни истории, јазици и религии. Различни политички системи. Различни степени на економски развој. Различни геополитички ориентации. Но еден регион, еден поширок простор со значајни ресурси, испреплетени пазари, поврзани човечки судбини, а што е можеби најважно, огромен број проблеми што ниту една од нив НЕ МОЖЕ САМА да ги реши.

Нордијците не ја укинаа својата различност

Кога ќе се спомене нордискиот модел, обично се мисли на богатството, социјалната држава, високата доверба во институциите или квалитетот на демократијата. Но најинтересната нордиска лекција е многу поедноставна. Тие по долги години најсурови конфликти, кои и Балканот не може да си ги замисли, сфатиле дека „соседството може да биде институција“. Данска, Финска, Исланд, Норвешка и Шведска не станале една држава. И денес имаат сопствени влади, парламенти, партии, даночни системи и национални интереси. Но имаат институции преку кои систематски бараат заеднички решенија.

Парламентарна соработка, меѓувладина соработка…

Токму Нордискиот совет е форум за парламентарна соработка, а Нордискиот совет на министри е форум за меѓувладина соработка. Целиот систем се темели на Хелсиншкиот договор и е насочен кон области во кои државите можат да постигнат повеќе заедно отколку одделно. А тоа „повеќе заедно“ е клучот. Не е идеологијата и не е кованицата и добро познатото мото – „братство и единство“. Тоа што ги спојува е просто – интересот. Нордискиот модел одамна покажал дека практичната соработка може да започне од нешта што изгледаат прозаично. И тоа најпрвин работа, силно образование, стопанство, социјална сигурност, транспорт… Да потсетам, заедничкиот нордиски пазар на труд, на пример, постои уште од 1954 година, а сегашниот договор им овозможува на граѓаните на петте нордиски држави да работат во другите земји БЕЗ работна дозвола. Да не заборавам дека пасошката соработка меѓу Нордијците исто така започнала во 1950-тите, пред да стане еден од претходниците на денешната европска слободна мобилност. Тоа е суштинската поента. Не мора прво да се создаде политичко единство за да се создаде практично единство. Може да биде обратно. Затоа што Балканот е еден од ретките европски простори каде што историјата направила нешто необично. Таа постојано ги делела луѓето национално, верски, но ги оставила економски, културно и географски испреплетени. Македонец има роднина во Србија. Србин има фирма во Црна Гора. Бошњак работи во Словенија. Албанец има семејство во Македонија. Бугарски камион оди кон Солун. Грчка компанија инвестира во Скопје. Хрватски турист доаѓа во Црна Гора. Романски производ стигнува во Бугарија. Турска компанија гради во Албанија. Сите овие приказни постојат и без некаков голем политички проект. Прашањето ми е само зошто тие да останат случајност.

Балканот веќе има завршено половина од оваа идеја

Ова не е идеја што би требало да се измислува од нула. Регионалната соработка веќе постои. Западен Балкан има Заеднички регионален пазар, чија цел е слободно движење на стоки, услуги, капитал и луѓе, како и соработка во дигитализацијата, инвестициите, иновациите и индустриската политика.
Европската комисија (ЕК) експлицитно го опишува како чекор кон европскиот единствен пазар. Во периодот 2021–2024, според Регионалниот совет за соработка, трговијата со стоки и услуги во рамките на регионот пораснала за 19 отсто, а обемот на внатрешнорегионалната трговија со стоки се удвоил во пет години. За периодот 2025–2028 е усвоена нова фаза на Заедничкиот регионален пазар. Во неа повторно се нагласени четирите слободи – човечкиот капитал, дигитализацијата, иновациите и конкурентноста.
Значи, Балканот веќе ја тестира идејата. Само што ја тестира парче по парче. Една иницијатива тука. Друг договор таму. Еден самит во Берлин. Друг во Софија. Трет во Скопје. Една декларација. Друг акциски план. И тука се појавува прашањето за „нордискиот совет“. Што ако сите овие парчиња добијат една политичка куќа?

Не за уште една бирократија, бидејќи Балканот има суфицит од организации што не испорачуваат резултат

Но идејата НЕ Е само да се создадат уште една бирократија, секретаријати, конференции и годишни самити. Ако така ја сфатиме, тогаш нема потреба од неа. Балканот нема дефицит од организации. Има дефицит од организации што испорачуваат резултат. Затоа замислениот „Совет на Југоисточна Европа“ би имал смисла само ако неговиот успех може да се мери со конкретни работи.
Еве на пример конкретни нешта за кои треба да се влезе во кондиција. Помалку да се чека на граница, железничките линии да се поврзани, компаниите полесно да извезуваат, студентите да учат во соседните држави, а да бидат слободни да се вратат во својата држава, фирмите да се основаат преку граница за кратко време, без бирократија, и истите тие да покажат функционалност, да има евтини прекугранични летови и возови, да има заеднички енергетски мегапроекти, да има пожарникари од една држава да можат брзо да помогнат во друга… итн. Ако нема позитивен одговор на овие прашања, нема потреба од нова организација.

Не сме исти, и токму тоа е важно, нордискиот модел не е модел на еднаквост, туку е модел на т.н. организирана различност

Постои една опасност во ваквите идеи, а тоа е да се почне да се зборува за „балкански народ“ како сите да сме исти. Не сме. И не треба да бидеме. Словенецот не е Македонец. Македонецот не е Србин. Србинот не е Бугарин. Бугаринот не е Грк. Гркот не е Албанец. Албанецот не е Турчин. Романецот не е ниту еден од нив. Историите се различни. Јазиците се различни. Религиите се различни. Националните митологии се различни. Но токму тука можеби лежи најинтересниот потенцијал. Нордискиот модел не е модел на еднаквост. Тој е модел на организирана различност. Во Југоисточна Европа имаме православни, католици, муслимани, протестанти, атеисти и луѓе што религијата ја доживуваат приватно. Имаме словенски, романски, грчки, албански и турски јазични традиции. Имаме различни историски искуства со империите, националните држави, социјализмот, либерализмот и транзицијата. Но имаме и нешто што ретко се нагласува, а тоа се стотици години на меѓусебен контакт. Историјата не ни дала еден народ. Таа ни дала еден огромен простор на пресек на заеднички интереси.

Балканот има проблем со довербата, но на довербата може да се работи

Најголемата пречка не е јазикот. Не е религијата. Не е ни економијата. Тоа е недовербата. Државите во регионот имаат нерешени прашања. Историски спорови. Национални прашања. Граници. Различни погледи кон минатото. Но тука можеби правиме логичка грешка. Зошто претпоставуваме дека прво мора да ги решиме сите спорови, а дури потоа да соработуваме? Нордискиот пример покажува друга логика. Имено, дека може да се соработува во едни области додека не се согласува во други. Тоа е зрела политика. Согласувањето не е предуслов за секоја соработка. Тоа е можеби најважната политичка лекција што Балканот може да ја научи од Скандинавците.


Како би изгледал нашиот „нордиски совет“?

 

Што се однесува до моето скромно мислење, јас не би почнал со химна и не би почнал со знаме, ниту би почнал со нова валута. Добро, ова звучи малку грубо, но повеќе е хипербола, за да дојдам до поентата. Јас, хипотетички, би почнал со десет конкретни работи. Еве кои…

1. Совет на Југоисточна Европа

Парламентарно тело составено од пратеници од единаесетте држави. Не парламент што носи закони за државите, туку место за постојан парламентарен дијалог.

2. Совет на министри

Редовни состаноци на министрите за економија, транспорт, енергетика, образование, дигитализација, здравство, култура и цивилна заштита.

3. Балкански економски простор

Постепено отстранување на непотребните бариери за компании, услуги, капитал и работници. Западен Балкан веќе оди во оваа насока преку Заедничкиот регионален пазар.

4. Регионална студентска слобода

За да може студентот од Скопје без административен лавиринт да помине семестар во Загреб, Љубљана, Белград, Софија, Букурешт, Атина или Истанбул.

5. Балканска инфраструктурна карта

Заедничко планирање на железниците, автопатиштата, пристаништата, енергетските мрежи и дигиталната инфраструктура.

6. Заедничка енергетска сигурност

Добро, ова веќе е здраво започнато и кај нас со новото Министерство за енергетика, со проекти за интегрирање на Македонија во регионалната енергетска заедница. Електричната енергија не знае каде завршува границата, а заеднички енергетски мегапроекти (па и нуклеарка) се одлична перспектива за регионот.

7. Регионален систем за цивилна заштита

Пожарите, поплавите, земјотресите и сушите не бараат пасош. Зошто пожарникарите да мораат да чекаат бирократија додека гори шума од другата страна на границата? И слично важи и за земјотресите или поплавите или други големи природни непогоди. Заеднички регионален систем на заштита и помош на граѓаните.

8. Балкански дигитален простор

Заеднички стандарди за електронска идентификација, дигитални услуги, сајбер-безбедност и плаќања.

9. Заеднички научен и иновативен фонд

Наместо секој универзитет да се бори сам, регионалните тимови да конкурираат за заеднички проекти.

10. Совет на градови

Скопје, Белград, Загреб, Љубљана, Сараево, Подгорица, Тирана, Софија, Букурешт, Атина и Истанбул да имаат постојан форум на градоначалници и урбани експерти. Тоа би било нешто многу покорисно од уште еден протокол.


Балкан против Брисел?!

Овој проект не би требало да биде „Балкан против Брисел“. Токму спротивното. Регионалната економска интеграција на Западен Балкан денес е експлицитно поврзана со приближувањето кон европскиот единствен пазар. Европската комисија го определува Заедничкиот регионален пазар како чекор кон единствен пазар (Single Market), а ЕУ во 2025 година повторно ја нагласи регионалната економска интеграција како дел од процесот на постепено приближување на Западен Балкан кон европскиот пазар. Значи, европската интеграција и регионалната интеграција не мора да бидат конкуренти. Може да бидат две скалила на иста скала. И тоа е можеби најпаметната верзија на оваа идеја. За земјите што се во ЕУ, регионалниот совет би бил дополнителна платформа. За оние што се надвор, проектот би можел да биде инструмент за побрзо приближување кон европските стандарди. За граѓаните пак би значел нешто уште поедноставно. Имено, Европа да почне да се чувствува поблиску и пред формалната европска граница.

Доне Прентоски, постојан соработник на „Нова Македонија“ од Германија