Фото: Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини МЕРМС

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска учествува на Вториот министерски самит на Македонија, Србија, Грција и Бугарија, кој се одржува во Белград во организација на Србија, пренесе МИА.

Во фокусот на самитот се сигурноста на снабдувањето со енергија, развојот на Вертикалниот гасен коридор, пристапот до капацитетите за течен природен гас преку Александруполи, диверзификацијата на изворите и правците на снабдување, како и унапредувањето на регионалната соработка во електроенергетскиот сектор.

Самитот следува по првата министерска средба одржана во Атина во мај, со што продолжува дијалогот меѓу четирите земји за заеднички регионален пристап кон енергетската сигурност и отпорноста на енергетските системи.

Во составот на македонската делегација се и заменик-генералниот директор на МЕПСО, Александар Пауноски, како и претставници на НОМАГАС.

Во рамки на посетата, Божиновска ќе оствари и билатерална средба со бугарскиот министер за енергетика, на која ќе се разговара за понатамошно унапредување и проширување на воспоставената енергетска соработка меѓу двете земји.