Следува 16. Меѓународен турнир „Прилеп град херој 2026 Цевитана-куп“
Во спортската сала на СОУ „Р.Р. Ричко“ во Прилеп в сабота ќе се одржи 16. Меѓународен традиционален турнир во џудо „Прилеп град херој 2026 Цевитана-куп“. Турнирот е во организација на џудо-клубот Сеишин од Прилеп и се одржува традиционално по повод националниот празник 11 Октомври, кој секоја година е во програмата за прослава на овој празник на ниво на општината Прилеп.
Годинава се очекува учество на над 300 натпреварувачи од клубови од осум држави, за возрасните категории деца, помлади пионери и пионери во машка и во женска конкуренција. Борбите ќе се одвиваат на четири боралишта (татами), а правдата ќе ја делат судии од Македонија и од странство.
Свеченото отворање на турнирот е од 10 до 10.30 часот, а борбите ќе почнат во 10.30 часот, информираат од организаторот на турнирот, ЏК Сеишин од Прилеп. Г.И.
































