- Откако Кина и Македонија воспоставија дипломатски односи пред повеќе од три децении, двете земји изградија блиски односи, кои се реализираат преку многу активности на соработка, а особено на полето на културата и уметноста. Овие размени се мост на разбирање и пријателство меѓу двата народа, но и показател дека две земји со неспоредливо голема разлика во големината можат да соработуваат на хармоничен начин. Тоа го покажуваат и преполните сали на проекциите на првиот Кинески филмски фестивал кај нас, иако оваа современа кинематографија е релативно непозната за македонската публика
Филмот „Сонцето изгрева над сите нас“, високо оценет долгометражен филм избран во официјалната конкуренција на 82. Меѓународен филмски фестивал во Венеција, со кој беше отворен првиот Кинески филмски фестивал кај нас, помина во преполна сала на Кинотеката на Македонија. Изненадувачки е ваквиот огромен интерес за една современа кинематографија што е релативно непозната за нашата публика. Покрај исполнетиот аудиториум, млади луѓе седеа по скалите на кинотечната сала за да го одгледаат првиот филм од програмата на фестивалот, што е одличен пример на културна размена преку кинематографијата. Различни филмови, иста моќ на кинематографијата – да нè трогне, да нè поврзе и да ни отвори нови прозорци кон кинеската култура, се наведува во најавата од Амбасадата на Народна Република Кина во Македонија, која го организира фестивалот. И другите културни настани што досега ги организираше Амбасадата поминаа исто така во преполни сали. Таква беше и гала-вечерта „Културна Кина – Прекрасниот Сичуан“, кога македонската публика уживаше во перформансите (вкупно 12 сценски дела) на кинеските уметници, а особено беше трогната од инструменталната изведба со кинески традиционални инструменти на македонската народна песна „Ој девојче, девојче“…
Откако Кина и Македонија воспоставија дипломатски односи пред повеќе од три децении, двете земји изградија блиски односи, кои се реализираат преку многу активности на соработка, а особено на полето на културата и уметноста. Овие размени се мост на разбирање и пријателство меѓу двата народа, но и показател дека две земји со неспоредливо голема разлика во големината можат да соработуваат на хармоничен начин и во заемен интерес. Културните интеракции се водени од принципите на заемен респект и учење едни од други.
Кина најде заинтересирана публика во Македонија, додека македонската култура сè повеќе се афирмира во Кина. Разбирањето на тоа како се постигнува интеркултурен дијалог и покрај разликите е единствен начин на негување на поврзаноста на големите и малите нации.
Јазикот беше почетната точка за комуникацијата. Изучувањето на кинескиот јазик во Македонија започна во 2002 година, со отворањето на институтот „Конфуциј“, а бројот за заинтересирани студенти континуирано расте. Пекиншкиот универзитет за странски јазици ја отвори првата програма за изучување на македонскиот јазик на додипломско ниво во 2015 година, со што на младите во Кина им се отвори можноста да научат многу за јазикот и културата на Македонија. И уметничката размена стана значаен мост за кинеско-македонската културна интеракција. Во текот на годините двете страни зачестено организираат литературни средби, уметнички перформанси, изложби… Искуството од културната размена меѓу Кина и Македонија покажува дека надминувањето на јазичните, географските, па дури и општествено-политичките разлики и постигнувањето меѓукултурна соработка не се недостижна цел. Во тој процес двете страни се придржуваат до заемна почит и рамноправно учење една од друга, практикувајќи ги принципите на културната разновидност и цивилизациското заемно учење и поставувајќи пример за пријателски односи меѓу голема и мала држава.
Првиот Кинески филмски фестивал во Македонија е само продолжување на тоа продлабочено пријателство меѓу Кина и Македонија, кое датира од далечното минато. Токму културата и уметноста отсекогаш биле најдобриот начин да се надминат бариерите, национални, јазични, религиозни, етнички…, и да придонесат за заемно разбирање меѓу цивилизациите и создавање посветла иднина за нациите на оваа планета. Интензивната културна соработка со Кина покажува дека оваа земја знае како да ги негува својата традиција, култура и уметност, да се грижи за своето културно наследство, но и да го споделува со другите нации како еден од начините да гради мирољубива политика со светот.
































