Поет на мал народ

Ова е темата што и мене ме засега и ја носам во душата, драг читателу, со која како проклетство или како благодат сум даруван од Господ. Распнувачко прашање со кое треба да расчистиш како со некоја „гранична ситуација“, со некој вид скок salto mortale, оти ако не расчистиш, така ќе останеш на работ од психолошката и онтолошката бездна во тебе. Нешто слично како Хамлет кај Шекспир меѓу она „да се биде или да не се биде“. А всушност тој бил дански принц искачен над обичниот народ. По аналогија на тоа хамлетовско Да и Не, во долги меланхолични филозофски мисли се и поетите на големите и моќни, плус тоа и богати народи, особено тие што го натрупале своето материјално богатство со колонизаторски грабеж на туѓи мали и сиромашни народи, во кои сепак и во нив Господ фрлил понекој скапоцен дијамант, поет или некој друг од уметничката сфера. Гении што се потпираат, како и народот на кој им припаѓаат, главно на изворот на нивната креативна имагинациска енергија на духот и душата. На таквите народи им припаѓаат и Македонците, кои се повеќе од мал народ денес: „смачкано племе“ како што ги дефинирал нив Блаже Конески.
Ова е нешто како вовед во темата, драг читателу, а можев да почнам in medias res со прашањето што поодамна во едно интервју ми го постави еден новинар: „Како е да се биде и дали сте среќен што сте поет на еден мал народ?“, а јас надоврзувајќи се додадов, цитирајќи го Конески, „на едно смачкано племе“. Одговорив кусо во неколку реченици. Реков само дека сум задоволен и сум му благодарен на Господ што ме фрлил во него, оти, како што вели и нашиот народ, не треба да се мешаме во Господовите работи, туку треба да ги прифатиме и да бидеме свесни размислувајќи за нив. Тоа е доволно. А проблемот или поентата е во тоа што во ова сега екстратешко време се поставува прашањето и дали воопшто му се потребни поети и уметност на светот. Да. Оти уште во антиката Платон ги избрка, на пример, поетите од неговата „идеална држава“, бидејќи му ги саботирале со критика на боговите неговите архетипски, вечни идеи. Жртви на тој негов прогон се и Хомер и Хесиод. Иако (потребно е да го акцентираме тоа), парадоксално, поетите низ столетијата од филозофите најмногу се инспирирале имено од Платон, поаѓајќи и од неговата девиза „Бог е мерка на сè“, која му ја десакрализира Протагора со контратезата „човекот е мерка на сè“. Контратезата што на крајот доведе и до она на Достоевски: „Ако нема Бог, сè е дозволено“. На прв поглед, како и тој да е на страната на античкиот филозоф, но не е.
Комплементарна е нашата денешна тема, драг читателу. Ако сакаш да знаеш, јас сепак воленс-ноленс сум на страната на Платон за Бог, а не за човекот како мерка на сè, кој со својата „мерка“ дојде и до атомската бомба и Хирошима и Нагасаки. Итн. Но да не вртиме наоколу, иако сме сепак во епицентарот на темава на нашиот есеј. Во контактна врска сме со драматичното прашање-јанѕа на раниот германски романтичар Хелдерлин „Чуму поети во скудно време?“, поставено при крајот на 18 и почетокот на 19 век, кога на сцена се појавуваше макар само и како почетна најава чудовиштето со име Капитал, а германскиот поет пред Маркс ја деактивираше со своето дијагностичко прашање катастрофата што ќе ја донесе тој по однос на уметноста што е излишна за него и новата капиталистичка епоха. Тоа на што сме сведоци и ние денес.
Да. Па, сепак, и во модерната капиталистичка епоха по Хелдерлин има различни одговори на неговото драматично до судбоносност прашање. Така, на пример, Томас Елиот, еден од корифеите на модерната европска поезија, ги глорифицира поетите, покрај другото, и како идеални да ја водат државата, спротивно на Платон, кој не сака да ги види нив во неа. Да. Ама, на пример, кај нас не може по никоја цена да се случи тоа, драг читателу, ако немаш партиска книшка во нашиот плуралистички партиски тоталитаризам. Но да не се отклонуваме многу од поставената тема, оти во секое здраво жито има и какол, а важно е во него „златното зрно“ (фрлено во постоење, како што велат филозофите) што му го дал Господ на еден не голем и моќен, туку на еден мал и сиромашен народ каков што е и нашиот. Па и јас, драг читателу, во таа смисла во јанѕа и несоница често сум размислувал за тоа зошто Господ како поет ме фрлил со раѓањето во „смачканото племе“ на Македонците, а не, на пример, кај Англосаксонците, Германците или Французите. Но секогаш сум доаѓал до катарзичен заклучок дека Господ сепак си ја знае работата. Го сфаќам него, и не само што знам зошто ме фрлил во тоа племе, туку и сум му многу благодарен за неговата одлука. Да. Оти поетите на големите, моќни и богати народи многу повеќе се занимаваат со естетско филозофирање (макар и стихувано) за филозофската смисла или бесмисла на постоењето, со метафизика, отколку како поетите на малите и сиромашни народи за кои судбината е искуство, а не естетско-филозофска теорија.

Поетите на македонското „смачкано племе“ добро го знаат тоа, за што пример се животот и судбината на таквите како што се: Константин Миладинов, Прличев, Рацин, Вапцаров, Неделковски и другите слични на нив. Тоа се поети со две сопства или Јас во себе: едно лично и едно колективно во синтеза и интеракција, во кои се едно индивидуалната и колективната судбина на родот, неговата трагедија и тага, но истовремено и неговиот подем и радост како опозиција на тоа. И тие, како и комитите и асномците, го носат како судбина знамето „Смрт или слобода“, безалтернативната судбинска девиза, која по идентитетскиот геноцид врз нас од оваа цивилизација е актуелна. Така, без разлика што на нашите денешни поети, по сè изгледа, како што се однесоа, не им е гајле за тоа, ниту се свесни за тоа што ни се случи по Преспа 2018. Што, пак, значи дека ги нема сега кај нас писателите од етички тип на Рацин, кој го бранеше и по цена на својот живот со принципот на саможртвата со која една личност го освојува врвот на повисоката смисла на постоењето лично и на својот род. Оти, според него, само така може да се стаса до оној „силно светнат ден“ и „куќата – цел свет“ што им се потребни на човекот и човештвото во поетовата визионерска епоха на новата ренесанса и новиот хуманизам.
И тоа кај Рацин, архетипски поет на „смачканото племе“, не е маска, драг читателу, естетски концепт каков што е, на пример, оној на англиските романтичари (Бајрон, Шели, Китс) за „светскиот бол и тага“, за кои патем (не се сетиле на тоа) макар и индиректно се заслужни и нивните Англосаксонци како колонизатори, кои истребија редица архаични култури и народи, како што се Индијанците во Северна Америка и Нов Зеланд. Секоја чест. Капа симнувам пред нивната поезија, но нивниот концепт за „светскиот бол и тага“ е, нека ми простат, само филозофска и естетска игра на имагинацијата, исто како што е тоа и концептот на иранските симболисти, кои себеси си ја доделија титулата „проколнати поети“, додека шмркаа бурмут по париските кафеани, а нивните Французи трупаа дома, влечејќи го со бродови, огромно материјално богатство, најмногу од колониите во Африка. Така, па и не е чудно што во една таква макар и висока декадентна атмосфера на културата и можат да произлезат такви концепти, кои се често естетски, теориски, но не и лично искуствено доживеани. Оти, како што знаеме, декаденцијата во уметноста и културата се јавува како духовна атмосфера на Запад главно во богатите и развиени, не само во духовна туку и во материјална благосостојба, земји. Во таквата атмосфера, пак, на благосостојба се јавува, познато е, и една многу повеќе катарзична отколку трауматична меланхолија, која самите поети ја именуваат со поимот „досада“ како психолошка состојба на духот. Неа, на пример, многу евидентно можеме да ја согледаме кај еден од корифеите на европската уметничка декаденција Бодлер и неговата култна книга „Цвеќиња на злото“, како и во другата, песни во проза, „Сплинот на Париз“.

Тоа е поезија на темна контемплација на безвредноста на живото и човековиот напор во него, за една депресивна ситуација на човековото битие заглавено во неа. Па така, и Бодлер во таа смисла ќе рече, автопортретирајќи се психолошки и духовно: „Мојата душа е гробишта“. Итн. А неговата поетска инспирација парнасовскиот поет Теофил Готие ќе даде извонредна дефиниција за разбивање на таа декадентна досада на духот, која гласи шокантно: „Поарно варварство отколку досада“, со што е дадена истовремено и формулата, како кај никој друг, на разбивање на досадата на неговата колонизаторска цивилизација. Генијална формулација што објаснува сè, како да станува збор за неколку дебели томови од областа на антропологијата во кои, покрај другото (не само уметничките концепти), е објаснет и механизмот на дејствување на западната цивилизација во нејзиниот колонизаторски авантуризам на разбивање на досадата. Од тука тргнал во своето дело и депресивниот Бодлер, сепак сјаен поет и мислител истовремено, иако тој не му се допаднал на Сартр, тврдокорен левичар, па во соцреалистички стил напишал цела една книга од пет-шестотини страници жестоко критикувајќи ги неговата темна поезија и декадентен дух.
Толку. Велиш, драг читателу, дека зацапавме и малку застранивме во однос на темата на нашиот есеј, но не е точно, и пак сме во нејзиниот епицентар, затоа што се служиме со проверениот метод на компарации и аналогии на тема: поет на мал народ. А притоа и сиромашен и доведен на работ на елементарна опстојба на „смачкано племе“ како што се тоа Македонците. Оти што да речеме за неговите судбински поети што ги набројавме (еден дел од нив) понапред. Тие што беа вистински проколнатици, осведочени со божји печат, а не концептуални, естетско-филозофски како француските симболисти (Бодлер, Верлен, Маларме и другите), или англиските романтичари со нивниот концепт за „светскиот бол и тага“, искуствено ги боледуваа сопствената судбинска болка и болката на својот колектив. Па, ако сакаш, драг читателу, и „светскиот бол и тага“ (како Бајрон, Шели и Китс), но без естетско-филозофска декадентна маска. Тоа можеме репрезентативно поетски и човечки да го најдеме кај многу македонски поети, од Константин Миладинов, па до Конески, Шопов и Анте Попоски во поновата македонска поезија. Особено кај Кочо Рацин, архетип на судбински поет на „смачканото племе“, што пееше за болката на светскиот пролетаријат, кој „за туѓи бели дворови“ си копа „црни гробови“, но и за „силно светнатиот ден“ што ќе го огрее човештвото кога хуманистички ќе се обедини во неговата космополитска „куќа – цел свет“, што ја замислувале и креирале Македонците уште во антиката со Александар Македонски. Сликата на светот како универзална држава на рамноправни народи обединети во сè, а не обединети по диктат на корпоративниот модел на западниот капитализам што ја цица крвта на малите и сиромашни народи. Тоа. Ете, можеби и заради таа идеја, да не заживее, денес се убива мемориски тој народ, драг читателу. Па, ете, ако Теофил Гете можеше како поет на еден моќен народ (Французите) да даде дијагностичка, генијална дефиниција на неговата цивилизација „Поарно варварство отколку досада“, и јас како поет на мал народ, на „смачкано племе“, имам право и можам да дадам дефиниција за Македонците како вечни илузионисти дека космополитизмот и љубовта кон сите и на сите народи еден со друг е вистинската формула за среќата на човекот и човештвото, за „силно светнатиот ден“ и „куќата цел свет“ на Рацин и на преостанатите слични на него македонски поети, кои и пред Достоевски објавија макар и со знамето „Смрт или слобода“ дека убавината ќе го спаси светот. Убавината што оваа сурова цивилизација, како Христос на голгота, ја распна во Преспа 2018.
Nocturno. De profundis. Memento mori.