Шефицата на Европската комисија со оптимистички пораки од Скопје
Шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на посетата на Скопје објави дека уште наредната недела следува конкретна иницијатива за придвижување на заглавените евроинтеграции на Македонија.
По средбата со премиерот Христијан Мицкоски, Фон дер Лајен на заедничката прес-конференција потврди дека е постигната согласност за затекнатиот застој конечно да се надмине.
– Се договоривме да имаме еден прв нов чекор следната недела и да се обидеме да го деблокираме процесот и всушност да го претвориме во процес. Тоа е најважниот дел – изјави Фон дер Лајен.
Истакнувајќи ги досегашните реформски достигнувања, таа изрази оптимизам дека земјава има потенцијал за брз напредок откако ќе се отстранат пречките.
– Во моментот кога ќе ја деблокираме ситуацијата тука, моето лично мислење е дека можеме да бидеме мошне брзи со С. Македонија, затоа што веќе интензивно работиме на реформите што се неопходни. Да, сè уште има работа, но импресивно е она што досега го имате направено – рече претседателката на Европската комисија.
Претседателката на ЕК појасни дека пристапните патокази моментално се наменети за кандидатите што се подлабоко влезени во преговарачкиот процес и активно отвораат и затвораат поглавја, но нагласи дека по одблокирањето ќе започне изработка на патокази и за земјава.
Во своето излагање таа упати и директна поддршка за македонските идентитетски особености.
– Ние ќе ѝ посакаме добредојде на С. Македонија со нејзиниот идентитет и со нејзиниот јазик. Веруваме дека македонската култура и македонскиот јазик можат да ја направат нашата Унија побогата – изјави Фон дер Лајен.
Премиерот Христијан Мицкоски, по вчерашниот разговор со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Скопје, порача дека на Македонија ѝ е потребна значително посилна поддршка од европските институции за конечно да го деблокира пристапниот процес.
Тој потенцираше дека земјава ги исполнува своите обврски и ги спроведува клучните реформи, но очекува активен ангажман и од страна на Унијата за создавање одржливи услови.
– Ние ги завршуваме нашите обврски, ги спроведуваме реформите што се очекуваат од една земја, понекогаш навреме, понекогаш малку и доцниме, но сепак ги завршуваме како земја што сака да стане членка на Европската Унија. На денешната средба напоменав дека очекуваме да биде вклучена и Европската Унија во овој процес. И не бараме од Унијата да заземе страна. Бараме да помогне во создавање услови за одржливо европско решение во кое договореното ќе биде јасно, обврските ќе важат за сите, а процесот на пристапување нема повторно да биде отворен за нови билатерални условувања. Ако од нас се очекуваат одлуки со долгорочни последици, тогаш е оправдано да очекуваме и јасна европска перспектива за она што следува потоа. Нашата цел не е да го одолжуваме процесот, туку да создадеме услови тој конечно да се движи напред на стабилна и одржлива основа – рече Мицкоски.
Запрашан за надминување на бугарското вето и барањето за уставни измени, премиерот откри дека Фон дер Лајен им препорачала директен дипломатски контакт на ниво на шефови на дипломатиите.
– Наредната недела нашиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски е во Софија, причина за тоа е коридорот 8 и проектите што ги движиме во рамките на тој коридор 8. Да побараме од домаќинот средба на билатерална основа, јас веднаш побарав од министерот да испрати дипломатска нота и да побара време за средба и состанок со неговата колешка и да почнеме процесот од некаде да го движиме – рече Мицкоски.
Скопје беше последната дестинација од балканската турнеја на Фон дер Лајен (од 30 септември до 2 октомври), фокусирана врз следните етапи од европското проширување и постепената интеграција на регионот во ЕУ. С.Т.
































