- Вештачката интелигенција има потенцијал да го трансформира начинот на кој спортистите се подготвуваат, како се одвива спортот и како
гледачите ги доживуваат олимписките игри. Но технологијата секогаш мора да му служи на спортот, а не обратно. Тоа значи заштита на податоците за спортистите, заштита на фер конкуренцијата и обезбедување луѓето да разберат како се користи вештачката интелигенција. Оваа рамка му дава на Олимпиското движење заедничка основа за да ги прифати тие можности со доверба, а наедно да ги задржи спортистите, интегритетот и нашите вредности во центарот, вели Алехандро Мерино-Мадрид, раководител на Одделот во ИОК за ВИ
Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) ја претстави првата доверлива рамка за вештачката интелигенција (ВИ) за Олимпиското движење, обезбедувајќи практични упатства за да им помогне на организациите и на засегнатите страни во Олимпиското движење одговорно, етички и со доверба да ја истражуваат вештачката интелигенција, пишува ИОК.
Рамката обезбедува практични принципи и алатки што организациите можат да ги користат при развивање или користење системи за вештачка интелигенција. Оваа рамка е важна во спортот, затоа што го трансформира, создавајќи можности низ поддршката на спортистите, операциите на игрите, ангажманот на гледачите и секојдневната работа на спортските организации, но, во исто време, неговата зголемена употреба отвора важни прашања околу праведноста, податоците за спортистите, транспарентноста, безбедноста и одговорноста, а овие предизвици се особено важни во спортот, каде што довербата во натпреварувањето, донесувањето одлуки и интегритетот на резултатите се од фундаментално значење, пишува Интернационалниот олимписки комитет.
– Вештачката интелигенција има потенцијал да го трансформира начинот на кој спортистите се подготвуваат, како се одвива спортот и како гледачите ги доживуваат олимписките игри. Но технологијата секогаш мора да му служи на спортот, а не обратно. Тоа значи заштита на податоците за спортистите, заштита на фер конкуренцијата и обезбедување луѓето да разберат како се користи вештачката интелигенција. Оваа рамка му дава на Олимпиското движење заедничка основа за да ги прифати тие можности со доверба, а наедно да ги задржи спортистите, интегритетот и нашите вредности во центарот – вели Алехандро Мерино-Мадрид, раководител на Одделот во ИОК за вештачка интелигенција.
Седумте принципи за вештачка интелигенција опфаќаат области како што се давање приоритет на безбедна и сигурна вештачка интелигенција за спортот, заштита ги личните податоци со почит и грижа, обезбедување робусна и сигурна вештачка интелигенција за спортот, осигурување дека употребата на вештачката интелигенција е јасна и транспарентна, управување со вештачката интелигенција со отчетност и одговорност, осигурување дека вештачката интелигенција е фер и еднаква за сите и поддршка за одржливата вештачка интелигенција за иднината на спортот.
Практичната контролна листа им помага на организациите да го проценат ризикот, да вградат заштитни мерки и да идентификуваат активности за зајакнување на одговорното користење на вештачката интелигенција.
Развиена со поддршка на партнерот за дигитална трансформација „Делоит“, рамката беше обликувана преку ангажман со повеќе од 200 лидери од целото Олимписко движење. Рамката е создадена за организации и за засегнати страни низ Олимпиското движење, од оние што почнуваат да ја истражуваат вештачката интелигенција до оние што веќе ја интегрираат во своите активности.
– Секој ден следев процес што ми даваше најдобра шанса за резултатот што го сакав. Тој процес функционираше само затоа што им верував на луѓето околу мене, а довербата доаѓаше од сознанието што прават и зошто. Како што спортот ја прифаќа вештачката интелигенција, спортистот не може да се изгуби во тој процес. Спортистите помогнаа во градењето на оваа рамка, а таа им помага на луѓето да донесат добри одлуки за вештачката интелигенција, избори што се отворени за тоа како се донесуваат одлуките и го држат спортистот во центарот – рече освојувачката на олимписки медал и членка на Интернационалниот олимписки комитет Сара Вокер, пренесе ИОК. Г.И.
































