Фото: МВР

Полициски службеници од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за сообраќајни работи во Табановце откриле комбе со кое биле превезувани 18 деца, иако според сообраќајната дозвола во возилото смееле да се превезуваат најмногу девет лица, соопшти МВР.

Контролата била извршена на 25 септември во 7.20 часот на локалниот пат Куманово-Табановце, во село Табановце. Комбето со кумановски регистарски ознаки било сопственост на правен субјект од Куманово и се користело за организиран превоз на ученици.

Со возилото управувал 49-годишниот С.П. од Куманово, кој превезувал 10 деца повеќе од дозволениот број.

При контролата бил извршен и вонреден технички преглед, при што било утврдено дека возилото е технички неисправно, односно дека постои неисправност на уредите за сопирање, како кај работната, така и кај помошната кочница.

Против правниот субјект, одговорното лице во правното лице и возачот ќе бидат преземени соодветни мерки и ќе следуваат законски предвидените санкции. Возилото е исклучено од сообраќај до отстранување на утврдените недостатоци.

Од МВР апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со цел да се придонесе за поголема безбедност на патиштата.