Партијата на германскиот канцелар Мерц под голем притисок по изборните порази
- Тешките изборни порази во Мекленбург-Западна Померанија и во Берлин го зголемија притисокот врз германскиот канцелар и лидер на ЦДУ, Фридрих Мерц, при што критиките се насочени и кон политичкиот курс на партијата
Христијанско-демократската унија (ЦДУ) се соочува со сериозни предизвици по значителните загуби на покраинските избори во Мекленбург-Западна Померанија и во Берлин одржани изминатиот викенд. Резултатите предизвикаа нова дебата за политиката на партијата, но и за одговорноста на нејзиниот лидер и германски канцелар, Фридрих Мерц.
За потсетување, ЦДУ претрпе најголем удар во Мекленбург-Западна Померанија каде што освои само 4,9 отсто од гласовите и не успеа да го помине изборниот праг од пет отсто. Со тоа ЦДУ за првпат во својата историја не обезбеди место во покраинскиот парламент по избори во една германска покраина. И во Берлин резултатот беше разочарувачки за демохристијаните. ЦДУ освои 18,8 отсто од гласовите, што беше значително помалку од Левицата, која со 25,7 отсто стана најсилна политичка сила.
Сè поголеми критики кон Мерц
Критиките кон Фридрих Мерц се засилија по изборите. Самиот канцелар резултатот во Мекленбург-Западна Померанија го опиша како „дебакл“, но истовремено порача дека не планира да отстапи од својот политички курс. Таквиот став предизвика незадоволство и во редовите на ЦДУ. Критичарите сметаат дека федералната политика има значително влијание врз расположението на гласачите и дека партијата не успева доволно јасно да ги претстави своите приоритети.
Поранешниот лидер на ЦДУ во Мекленбург-Западна Померанија, Екхарт Реберг, ја критикуваше политиката на федералната влада и оцени дека раководството во Берлин не ги препознава доволно проблемите и расположението на граѓаните.
Критики упати и поранешниот генерален секретар на ЦДУ, Марио Чаја. Според него, за слабиот резултат во Берлин одговорност имаат и федералното раководство на партијата и раководството на берлинската ЦДУ. Овие реакции покажуваат дека незадоволството не доаѓа само од политичките противници туку и од самата партија.
– Незадоволството во партијата станува сè погласно, а и последните лојални поддржувачи разочарано му вртат грб на Мерц. Неговиот биланс на неуспеси е без преседан. Дури ниту неговите најблиски соработници повеќе не веруваат во неговите ветувања за реформи, кои тој упорно ги повторува. Во ЦДУ, чии гласачи масовно преминаа кон АфД, сè повеќе се сомневаат дека 70-годишникот може да ја заживее германската економија и да ги намали трошоците за живот. ЦДУ се движи кон политичка маргинализација. Старите политички елити не сакаа да слушнат кога народот постојано и јасно порачуваше дека вака повеќе не може да продолжи – се вели во дел од анализите на актуелната германска политичка состојба во светските медиуми.
Неисполнетите ветувања како политички проблем
Еден од главните проблеми со кои се соочува ЦДУ е впечатокот дека партијата ветила повеќе отколку што успеала да реализира. Според истражување на „Инфратест димап“, 89 отсто од испитаниците во Мекленбург-Западна Померанија сметаат дека ЦДУ пред федералните избори дала многу ветувања, но реализирала мал дел од нив.
Особено загрижувачки за партијата е односот на граѓаните кон нејзината економска политика. Само 13 отсто од испитаниците сметаат дека ЦДУ најдобро може да ги реши економските проблеми.
Но критиките не се ограничуваат само на економијата. Околу 80 отсто од испитаниците изјавиле дека веќе не знаат јасно за што се залага ЦДУ. Дополнително, 58 отсто од анкетираните рекле дека се разочарани од Фридрих Мерц. Овие податоци укажуваат на поширок проблем со довербата во партијата. ЦДУ не се соочува само со критики за конкретни политички одлуки туку и со прашањето дали успева јасно да го објасни својот политички идентитет.
Изразено незадоволство од политиката на ЦДУ
Критичарите сметаат дека ЦДУ во изминатиот период посветува големо внимание на темите како што се миграцијата и безбедноста, додека граѓаните очекуваат појасни решенија за економијата, домувањето, образованието и другите секојдневни проблеми. Во Берлин, на пример, ЦДУ забележа пад на довербата во повеќе области, меѓу кои економијата, сообраќајот, образованието и станбената политика. Особено слаб е резултатот во областа на достапното домување: само осум отсто од испитаниците сметаат дека ЦДУ најдобро може да го реши овој проблем.
Затоа, критиките кон партијата не се однесуваат само на Фридрих Мерц туку и на целокупниот политички курс на ЦДУ. Од партијата се бара појасно да објасни кои се нејзините приоритети и како нејзините политики ќе влијаат врз секојдневниот живот на граѓаните.
Предизвик за иднината на партијата
Изборните резултати претставуваат сериозен предупредувачки сигнал за ЦДУ. Сепак, причините за поразите не можат целосно да се припишат на федералната политика. Влијание имаа и локалните теми, кандидатите и изборните кампањи на покраинските организации.
Но резултатите покажуваат дека политиката на федералната влада има влијание врз расположението на дел од гласачите. За Фридрих Мерц тоа значи дополнителен притисок во рамките на сопствената партија.
Во следниот период ќе се види дали ЦДУ ќе направи промени во својот политички пристап или ќе продолжи по досегашниот курс. Партијата сега се соочува со три важни задачи: повторно да ја стекне довербата на граѓаните, појасно да го дефинира својот политички курс и да покаже дека може да ги претвори своите предизборни ветувања во конкретни резултати.
Доне Прентоски, наш постојан соработник од Германија
































