Оние што себеси до неодамна се прокламираа како како главни лидери на Европската Унија, пред сè мислам на германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон, очигледно ни самите повеќе не се гледаат во таа улога. Точно е, обајцата зборуваат за ЕУ, за како таа да стане посилна, да биде фактор, да не биде само нечиј обичен сојузник, но тоа се само одеци од некои минати времиња.
Европејците долго време не гледаат нов европски лидер, а уште помалку во овие што погоре ги споменав. Мерц полека губи една по една покраина на локалните избори, а штом и неговата ЦДУ одржува состаноци без него, прашање е уште колку долго ќе остане на германското кормило. Во ништо подобра позиција не е ниту Макрон. Во пресрет на претседателските избори во Франција следната година, анкетите покажуваат катастрофални изборни прогнози за актуелниот француски претседател.
И како сега овие луѓе ќе говорат во име на ЕУ? Мерц можеби и не е толку кабает, не е толку долго на власт, но Макрон имаше два мандата и можност да ја направи ЕУ силен фактор и себеси да се профилира како нов наследник на Меркел. Сепак, за нас тука во Македонија ќе остане запаметен како човекот што ја урна довербата на македонските граѓани во ЕУ и европската принципиелност, бидејќи откако претходно ги убедуваше да прифатат промена на името како последна пречка пред започнувањето на пристапните преговори, прв стави вето и најави некаква внатрешна реформа на Унијата, која никогаш не се случи. Напротив, ветата и едногласноста останаа, а така и блокадите на ЕУ. Како и нашето вечно чекање.
Затоа денес имаме Унија што само наликува на гигант што се обидува да трча во геополитичката трка, но тоа го прави на погрешна патека. Истата таа ЕУ од една страна сака да биде сериозен играч на светската сцена, а од друга страна, поради сопствените правила и недостигот од заедничка стратегија, постојано налетува на пречки во таа трка. И се сопнува, одново и одново.
Најновиот пример со продолжувањето на санкциите кон Русија совршено го разобличува овој парадокс. Франција и Луксембург бараа од листата да се изземат одредени олигарси поради сопствени интереси, додека Летонија го блокираше целиот процес сè додека не избори компромис. Оваа драма околу еден обичен список ја покажа системската слабост на Брисел: правилото за едногласност. Кога за секоја важна одлука се бара согласност од сите 27 членки, националниот интерес на само една држава може да ја заложни целата Унија.
Овој механизам, кој првично беше замислен за заштита на сите членки, денес сè почесто произведува блокади, условувања и исцрпувачки пазарења. Тоа е матрица што добро ни е позната и нам во Македонија. Пристапниот процес од одамна престана да биде чист разговор за европски стандарди и се претвори во терен каде што поединечни членки ги наметнуваат своите билатерални барања како „европски услови“. Тогаш со кого ние преговараме, со ЕУ како целина или со секоја земја посебно? Ако е ова второво, тогаш со 25 сигурно веднаш ќе се договориме, Грција веројатно ќе има уште некоја забелешка, а за Бугарија воопшто и да не говориме. Нема напред без прифаќање на нивната позиција, која не е сменета повеќе од еден век.
И додека Унијата се заглавува во внатрешни превирања, надворешниот свет се менува со брзина што Брисел тешко ја следи, ако воопшто и ја следи. По децении градење мир врз економска соработка и дипломатија, Европа одеднаш се најде во ситуација нејзината сила да се мери речиси исклучиво преку воените буџети и бројот на оружја. Острите изјави кон Москва често изгледаат диспропорционално во однос на нејзината реална воена и стратешка моќ, што поттикнува критики дека реториката го надминува капацитетот за дејствување.
Притоа, нема ништо спорно Европа да инвестира во сопствената одбрана и тоа треба да го прави, но дилемата е зошто нејзината огромна економска, индустриска и финансиска моќ не се преточува во посилна мировна дипломатија. Впрочем, Европејците се оние што ги чувствуваат директните последици од војната и економските потреси. Наместо да биде водечки центар за дипломатски иницијативи што ќе бараат долгорочни решенија, Унијата главно реагира на потезите на другите големи сили, приспособувајќи се на туѓи сценарија, а штетата ја трпи сама. Во еден неврзан муабет со пријател од Германија, на прашањето зошто се самоуништува моќната германска економија, човекот само кратко одговори дека некои други центри го сакаат тоа.
Како и да е, Европа нема да стане геополитички посилна само со купување тенкови и ракети, ниту, пак, со декларативни најави за засилено проширување, кое никако да се случи, еве веќе безмалку две децении. Нејзината вистинска сила ќе зависи од тоа дали ќе успее да го реформира сопствениот систем за одлучување така што една членка нема да може да ја блокира заедницата. Од тоа зависи и дали ќе изгради автентична геостратешка визија.
Впрочем, ЕУ најавува големи реформски вести за 30 септември. Овој датум обединува неколку важни работи што ѝ се потребни на денешна Европа: мудрост, верба, љубов и надеж. Мудри политики, верба дека може да се врати на темелните европски вредности, надеж дека светот ќе се сврти кон мирот и меѓународното право, како и љубов, разбирање, почит и хармонија меѓу народите, културите и верите на секоја точка од Земјата.
Наше е да веруваме дека ќе го следи тој пат, оти во спротивно, Унијата ќе остане заглавена меѓу сопствените вета и геополитичките бури што ги диктираат други, кои ги гледаат сопствените интереси и економии, за разлика од Европа, која упорно оди со главата во ѕид.
































