Фото: Пиксабеј

Автор: д-р Валентина Митрова, специјалист по семејна медицина

Анемијата претставува состојба при која концентрацијата на хемоглобинот во крвта е пониска од нормалната вредност: кај жените 120–160 g/l, кај мажите 130–170 g/l, кај бремените жени над 110 g/l и кај децата 110–160 g/l. Со тоа се намалува способноста на крвта да го пренесува кислородот до ткивата во организмот. Според Светската здравствена организација (СЗО), анемијата кај небремените жени се дефинира со вредност на Hb пониска од 120 g/l, а кај мажите со вредност пониска од 130 g/l.

Најчеста форма на анемија е железодефицитарната анемија, која се јавува како резултат на намалени резерви на железо во организмот, кои не се доволни за нормална синтеза на хемоглобинот. Недостигот на железо е еден од најчестите нутритивни дефицити на глобално ниво. Железото има примарна функција во создавањето на хемоглобинот и еритроцитите, а воедно учествува и во бројни метаболни процеси во организмот.

Симптоми

  • замор и слабост;
  • бледа кожа и слузници;
  • вртоглавица и главоболка;
  • задишување при напор и намалена физичка издржливост;
  • тахикардија и палпитации;
  • студени раце и нозе;
  • кршливост или лупење на ноктите;
  • косопад;
  • печење или болка на јазикот;
  • пукање на аглите на устата.

Долготрајниот дефицит на железо може негативно да влијае врз когнитивниот развој и учењето кај децата и адолесцентите.

Причини и дијагноза

Најчести причини за железодефицитарна анемија се недоволниот внес на железо преку исхраната, зголемените потреби за железо во периодот на раст, бременоста и доењето, хроничната загуба на крв или нарушената апсорпција на железото. Кај жените во репродуктивниот период честа причина се обилните менструални крвавења, додека кај мажите најчеста причина е крвавење од гастроинтестиналниот тракт (ГИТ).

Дијагнозата најчесто се поставува со биохемиски лабораториски испитувања. Покрај вредноста на хемоглобинот, важни параметри се вредноста на феритинот, кој е показател за резервите на железо во организмот, и вредноста на серумското железо. Пред започнувањето на терапијата неопходно е да се утврди причината за анемијата, особено кај мажите и кај жените во постменопауза, кај кои треба внимателно да се исклучи хронична загуба на крв од гастроинтестиналниот тракт.

Третман на анемијата

Основен принцип во третманот на анемијата е надополнувањето на резервите на железо, откако ќе се откријат и ќе се третираат причините за неговиот недостиг.

Најдобри резултати се добиваат со орални препарати со железо, наменети за надополнување на резервите при третманот на анемијата, кои содржат комбинација од хем и не-хем железо. Ваквата комбинација овозможува апсорпција преку различни механизми во организмот. Препаратите лесно се дозираат, по една таблета дневно со чаша вода, имаат добра подносливост и ретко предизвикуваат несакани ефекти, како гадење, болки во абдоменот, нелагодност, опстипација или дијареја. Несаканите ефекти може да бидат причина пациентот самоиницијативно да ја прекине терапијата.

Третманот со овие препарати трае околу три месеци, со можност да биде продолжен во зависност од индикацијата и индивидуалниот пристап во лекувањето на анемијата кај пациентот.

Предноста на овие комбинирани препарати е во тоа што овозможуваат постепено обновување на хемоглобинот и надополнување на резервите на железо во организмот, овозможувајќи нормална еритропоеза. Тие овозможуваат и добра придржаност на пациентите кон терапијата.

Терапевтскиот пристап секогаш е индивидуализиран според степенот на анемијата, причината за дефицитот и клиничката состојба на пациентот. Железодефицитарната анемија е честа и потенцијално целосно коригибилна состојба доколку правилно се дијагностицира и се третираат нејзините причини.