Фото: Панче Тошковски

Европската интеграција на земјата мора да се гледа како суштинска трансформација на институциите и јавните услуги, а не само како процес на усогласување на законодавството. Земјава постигна важен напредок во нејзините реформи и во подготовката за зачленување во Европската Унија, а крајната цел е граѓаните да ги почувствуваат резултатите од реформите. Европската интеграција исто така е двостран процес – мора да има испорачување како од земјите-кандидати, така и од самата Европска Унија која мора да ги исполни ветувањата и да се подготви за идно проширување со земјите од Западен Бакан. Ова беше истакнато на 75. Дијалог-сесија на тема „Придонесот на структуираниот дијалог кон евроинтегративниот процес: Од Темелите и пошироко“ на Националната конвенција за Европска Унија во Северна Македонија.

Министерот за правда Јетон Шасивари, обраќајќи се на сесијата истакна дека европската интеграција на земјата мора да се гледа како суштинска трансформација на институциите и јавните услуги, а не само како процес на усогласување на законодавството, со цел граѓаните да ги почувствуваат резултатите од реформите.

Тој нагласи дека структурираниот дијалог има особено значење затоа што овозможува реформите да се согледуваат како дел од една поширока европска рамка, во која се поврзуваат владеењето на правото, институционалниот капацитет, човечките ресурси, дигитализацијата, финансиската одржливост и квалитетот на јавните услуги.

Како координатор на Поглавјето 23 – Правосудство и фундаментални права, тој посочи дека Министерството за правда е посветено на реализација на реформските приоритети утврдени во Реформската агенда, препораките од Европската комисија, оценските мисии и работата на Поткомитетот за правда и внатрешни работи.

-Преку Реформската агенда, реформите се поврзани со конкретни мерки, рокови и резултати. Нашата задача е тие резултати да не останат само во стратешките документи, туку да станат видливи во функционирањето на институциите и во услугите што ги добиваат граѓаните – истакна министерот.

Шасивари посочи дека Македонија веќе е дел од пошироки европски механизми за владеење на правото, борба против корупцијата и заштита на фундаменталните права, што отвора дополнителен простор за размена на искуства, практики и европски стандарди.

-За првпат мораме системски да одговориме не само на прашањето што треба да реформираме, туку и колку тоа чини, со какви човечки ресурси располагаме и каков институционален капацитет ни е потребен за реформите навистина да функционираат – нагласи Шасивари.

Во тој контекст, беше  посочена и дигиталната трансформација на правосудството, преку подготовката на нова ИКТ стратегија, со која се цели кон модерно и интегрирано правосудство, поефикасни постапки, поголема транспарентност, подобро управување со предметите и полесен пристап до правда.

-Задачата пред нас е да одиме пошироко: од усогласување кон имплементација, од реформски обврски кон одржливи резултати и од европска перспектива кон европска практика. Тоа е патот по кој треба да продолжиме – порача Шасивари.

Словачката амбасадорка Ивета Хрицова истакна дека низ годините Националната конвенција покажа дека придружувањето не е само процес меѓу владите и институциите, туку е заеднички труд на целото општество.

-Кластерот на основни човекови права не е само дел од преговорите, туку се самите темели на довербата во институциите, во владеењето на правото и во способноста на државата да им испорача на граѓаните…Нашата држава многу ја цени соработката помеѓу нашите две земји, министерства и институции, а особено во областите каде што имаме конкретни искуства и можеме да ви дадеме додадена вредност – рече Хрицова.

Јитка Иваничкова, извршна директорка на Словачката асоцијација за надворешна политика (СФПА), истакна дека земјава постигна важен напредок во нејзините реформи и во подготовката за зачленување во Европската Унија.

-​Европската интеграција е двостран процес. Земјите кандидати мора да продолжат со спроведувањето на реформите и исполнување на своето домашна работа, но и Европската Унија мора исто така да се подготви за едно идно проширување. Западниот Балкан е составен дел од иднината на Европската Унија, а неговото пристапување навистина претставува клучна геополитичка инвестиција – нагласи Иваничкова.

Таа истакна дека една посилна и пообединета Европа е особено важна во денешното предизвикувачко геополитичко опкружување а проширувањето треба да остане дел од таа визија.

-Европската Унија мора да се прошири, стратешки таа нема никаков друг избор. Какви и да се формите на постепената интеграција што може да се развијат, тие на крајот на краиштата треба да водат кон едно полноправно членство во ЕУ.  ​Напорите и достигнувањата на Северна Македонија треба да бидат придружени со кредибилна европска перспектива – потенцира таа.

Милева Ѓуровска, национална координаторка на НКЕУ-МК и претседателка на Европското движење, посочи дека во рамки на сесиите на Конвенцијата беа усвоени над 360 препораки кои беа споделени со институциите и со пошироката јавност.

-Реформите насочени кон јакнење на владеењето на правото донесоа одредени промени и зад нив стојат значајни напори на институциите, но и на граѓанското општество. Сепак, последните оценки на Европската комисија покажуваат дека треба да се работи со поголема посветеност и доследност во примената на законите и на зацртаните реформски решенија – рече таа.

Ѓуровска истакна дека реформите не можат да чекаат поповолни политичките околности.

 

-Владеењето на правото, независното и ефикасно правосудство, борбата против корупцијата и заштитата на основните права се важни за членството во ЕУ, но се уште поважни за граѓаните и за јакнење на довербата во институциите – без која тешко може да се одржи чувството на припадност кон заедницата. Државата не се одржува само со закони. Таа се одржува и со впечатокот дека сите се еднакви пред законите, дека правото штити, но и казнува – истакна таа.

Во рамки на сесијата беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и Европското движење во Република Северна Македонија (ЕММК), како носител на НКЕУ-МК, со што се потврдува значењето на соработката меѓу институциите и граѓанското општество во реформскиот процес.

Во првиот панел, посветен на Поглавје 23 – Правосудство и основни права, се дискутираше за функционирањето на правосудниот систем, владеењето на правото и потребата од натамошно унапредување на институционалните механизми за заштита на правата и слободите. Вториот панел, посветен на Поглавје 24 – Правда, слобода и безбедност, се фокусираше на безбедносните предизвици, институционалната координација и исполнувањето на европските стандарди во оваа област.

Третиот панел беше посветен на антикорупцијата, со дискусија за ефективноста на институционалните механизми, превенцијата и борбата против корупцијата и потребата од доследно спроведување на реформите, пренесува МИА.