Во Домот на културата во населбата Ченто е отворена 17-тата канцеларија „Една точка за услуги“, преку која жителите на општина Гази Баба ќе можат на едно место да користат голем број електронски услуги и да ги добијат потребните документи без посета на повеќе институции.
На отворањето присуствуваа министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
Андоновски истакна дека целта на ваквите центри е електронските услуги да станат подостапни за сите граѓани, особено за оние кои немаат можност самостојно да ги користат од дома.
– Центрите за услуги се практично доближување до граѓаните, искористување на електронските услуги од порталот за услуги и доближување на овие услуги до оние што немаат можност тоа да го сторат од дома. Ова е начин како услугата да ја добијат побргу, поефикасно, без да чекаат во редови и да се движат од шалтер на шалтер – изјави Андоновски.
Тој посочи дека бројот на канцеларии „Една точка за услуги“ значително е зголемен, а расте и нивната искористеност. Од првичните пет канцеларии, системот сега има 17, а очекувањата се до крајот на годината бројката да надмине 20.
Според Андоновски, во 2025 година преку овие канцеларии биле издадени речиси 1.300 услуги, додека годинава бројот надминал 13.000.
– Тоа се 13.000 граѓани услужени, 13.000 граѓани што не чекале на шалтери. Се надевам дека во оваа насока ќе се движиме и понатаму – рече министерот.
Во наредниот период се очекува да започне и караванот за услуги, наменет за жителите на руралните средини. Станува збор за специјално опремено комбе кое, според однапред утврден распоред, ќе ги посетува руралните населени места и ќе им овозможува на граѓаните пристап до електронските услуги.
– Нашата цел не е дигитализацијата да им служи само на граѓаните кои се подготвени да ги користат услугите, туку да се доближиме до секој граѓанин на државата – нагласи Андоновски.
Министерот информираше и дека повеќе од 160 вработени во јавната администрација, кои се на клучни позиции, ќе посетуваат шестмесечна обука за дигитални вештини. Обуката ќе ја спроведуваат ФИНКИ и Министерството за дигитална трансформација, со поддршка од Европската унија.
Програмата ќе опфати области како програмирање, тестирање апликации, основи на сајбер-безбедност и употреба на вештачка интелигенција. Учесниците се обврзале по завршувањето на обуката најмалку две години да продолжат да работат во јавната администрација.
Градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, истакна дека новата канцеларија ќе им овозможи на граѓаните полесно и побрзо да ги добиваат потребните документи.
– Преку оваа канцеларија, граѓаните ќе можат да добијат поддршка за над 300 електронски услуги. Целта е да ги доближиме институциите до граѓаните на општина Гази Баба – рече Стефковски.
Тој додаде дека очекува во иднина да биде отворена уште една канцеларија „Една точка за услуги“ на друга локација во општината.
































