Американскиот претседател Доналд Трамп оцени дека евентуалното добивање статус на придружна членка на Европската Унија за Канада би можело да претставува „непријателски акт“ кон САД и се закани со воведување високи царини за европските производи.
– Ако намерите се добри, тогаш во ред. Ако се лоши, ќе воведеме многу високи царини за Европа – изјави Трамп пред новинарите во Северна Каролина, пренесе „Асошиејтед прес“.
Тој ја остави отворена и можноста САД да ја прекинат трговијата со Европа во одредени сектори, без да прецизира на кои производи или области би се однесувале мерките.
Трамп ја нарече „смешна“ можноста Канада да се поврзе со ЕУ како придружна членка, а својот северен сосед го оцени како „ужасен трговски партнер“.
Неговата реакција следува откако претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен предложи да се отвори можност Канада да стане првата придружна членка на Европската Унија.
Предлогот не се однесува на полноправно членство на Канада во ЕУ. Статусот на придружна членка во моментов не постои во договорите на Унијата, а неговите права и обврски допрва треба да бидат дефинирани.
Фон дер Лајен изјави дека ЕУ сака да ги подигне односите со Канада „на највисокото можно ниво“ и да изгради пошироко партнерство во трговијата, одбраната, енергетиката, технологијата и критичните суровини.
– Ова не е партнерство насочено против некого, туку партнерство за зајакнување на нашата заедничка сила – порача Фон дер Лајен.
Канадскиот премиер Марк Карни претходно нагласи дека неговата земја не бара полноправно членство во ЕУ, туку „единствен сојуз“ со Унијата.
Односите меѓу Вашингтон и Отава се влошија по воведувањето меѓусебни царини и пропаѓањето на трговските преговори. Канада настојува да ја намали економската зависност од САД, каде што завршуваат околу 70 проценти од нејзиниот извоз, и да ги продлабочи врските со Европа.
САД немаат право на вето врз геополитичките одлуки на ЕУ, вели Франција
САД немаат право на вето врз геополитичките одлуки на ЕУ, изјави францускиот министер за европски прашања Бенжамен Адад.
Неговата изјава беше дадена откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе ги зголеми царините за стоките од ЕУ поради одлуката на блокот да ја покани Канада да стане нивна прва придружна членка.
-Ниту САД – ниту кој било друг – нема да ја одреди политичката и геополитичката насока на Европејците. Повторно повторувам – имаме односи со Канада и имаме намера да ги продлабочиме – рече Хадад во интервју за телевизискиот канал „Паблик Сенат“.
ЕК: Планот Канада да стане „придружна членка“ на ЕУ не е насочен против никого
Предлогот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, Канада да стане „придружна членка“ на ЕУ не е насочен против САД, соопшти Европската комисија откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе преземе мерки во трговските односи поради планот, објавија француските медиуми.
-Како што нашата претседателка вчера јасно стави до знаење предложеното продлабочување на нашето партнерство со Канада не е насочено против никого, туку има за цел да ја зајакне нашата заедничка сила – рече портпаролот на Европската комисија за трговија, Олоф Гил, како одговор на прашање за заканата од Трамп.
































