Македонското друштво „Илинден“-Тирана, потврдувајќи го учеството на Конгресот на Федералната унија на европските националности (ФУЕН), најави дека ќе предложи Резолуција за унапредување на правата на Македонците во Албанија.
Годинашниот 70. Конгрес на ФУЕН ќе се одржи од 17 до 20 септември 2026 година во Хелсинки, Финска.
-Нашето друштво е рамноправен член на ФУЕН од 16 мај 2015 година и е дел од Работната група на словенските малцинства при Унијата. Оттогаш редовно учествуваме на сите одржани конгреси. Ние како друштво ќе предложиме Резолуција за унапредување на правата на македонското национално малцинство во Албанија – вели за македонски весник „Илинден“ Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.
Конгресот ќе биде посветен на актуелните прашања за заштитата на националните малцинства, јазичните права и идниот развој на ФУЕН. Домаќин е Шведското собрание на Финска (Folktinget).

































