ФУДБАЛ – ЛИГА НА НАЦИИТЕ
- Македонската репрезентација е во групата 1, во која се и Швајцарија, Шкотска и Словенија
Селекторот на македонската репрезентација, Гоце Седлоски, повика 28 фудбалери за претстојните четири натпревари од новата сезона на Лигата на нациите, во која Македонија ќе дебитира во лигата Б. Црвено-жолтите минатата сезона во Лигата на нациите го освоија првото место во својата група во лигата Ц и со тоа првпат обезбедија пласман во лигата Б.
– Можеме да очекуваме борба, залагање и максимум на секој натпревар. Никогаш како играч немав четири натпревари во десет дена. Затоа повикав 25 фудбалери и три голмани. Ќе мора да ротираме и шанса ќе добијат повеќе играчи. Сакав да спојам младост и искуство. За никого не е затворена вратата од репрезентацијата, но ова е мојот избор за овие четири натпревари – изјави Седлоски, пренесе Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Првиот меч од групата 1 на македонската репрезентација во новата сезона на ова натпреварување е на 26 септември, со Швајцарија, во Скопје. Во овој циклус црвено-жолтите ќе одиграат уште три меча, и тоа со Словенија на 29 септември во Љубљана, дома со Шкотска на 3 октомври и со Швајцарија во Луцерн на 6 октомври. Преостанатите две средби на програмата се во ноември, со Шкотска на гости и со Словенија дома.
Победниците на четирите групи во лигата Б ќе обезбедат пласман во лигата А, второпласираните ќе играат во плејоф за пласман во лигата А, третопласираните ќе опстанат во лигата Б, а четвртопласираните ќе играат во плејофот за опстанок во лигата Б. Од следната сезона, Лигата на нациите ќе се игра со изменет формат, наместо четири ќе има три лиги, А, Б и Ц, со по 18 репрезентации.
Лигата на нациите за сезоната 2028/2029 ќе ги вклучи репрезентациите врз основа на нивните резултати во сезоната 2026/2027, и тоа, во лигата А ќе играат осумте четвртфиналисти од лигата А, две најдобри меѓу третопласираните од лигата А, по четири победници на групите во лигата Б и победници од плејофот. Во лигата Б ќе настапат две најнискорангирани четвртопласирани од лигата А, четири поразени во плејофот на лигите А и Б, како и по четири третопласирани од лигата Б, победници на групите во лигата Ц и победници на плејофот на лигите Б и Ц. Во лигата Ц ќе играат четири поразени во плејофот на лигите Б и Ц, осум пласирани на трето и на четврто место во лигата Ц и шест репрезентации од лигата Д, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). Н.М.
ЛИГА Б, ГРУПА 1
Македонија – Швајцарија 26.9
Словенија – Шкотска 26.9
Словенија – Македонија 29.9
Шкотска – Швајцарија 29.9
Македонија – Шкотска 3.10
Швајцарија – Словенија 3.10
Швајцарија – Македонија 6.10
Шкотска – Словенија 6.10
МАКЕДОНИЈА, СОСТАВ
Голмани: Столе Димитриевски (Валенсија, Шпанија), Дамјан Шишковски (Борац Бања Лука, БиХ), Давор Талески (Вардар);
Одбрана: Ѓоко Зајков (Ајман, ОАЕ), Анес Мељичи (Шкендија), Висар Муслиу (Сент Труден, Белгија), Ѓорѓе Џеков (Силекс), Марио Младеновски (Вараждин, Хрватска), Бојан Илиевски (Тирана, Албанија), Андреј Стојчевски (Словачко, Словачка), Себастијан Херера (Борац Бања Лука, БиХ), Езѓан Алиоски (Лугано, Швајцарија), Дин Аломеровиќ (УТА Арад, Романија);
Среден ред: Јани Атанасов (Актобе, Казахстан), Агон Елези (Сараево, БиХ), Бобан Николов (Вардар), Лука Станковски (Колос Коваливка, Украина), Тихомир Костадинов (Словачко, Словачка), Елиф Елмас (Аталанта, Италија), Енис Барди (Коњаспор, Турција), Матеј Гаштаров (Црвена Звезда, Србија), Љупче Дориев (Согдијана, Узбекистан), Дарко Чурлинов (Погон Шчечин, Полска), Димитар Митровски (Олимпија Љубљана, Словенија);
Напад: Елмин Растодер (Панатинаикос, Грција), Бојан Миовски (Ренџерс, Шкотска), Азер Омерагиќ (Вардар), Христијан Малески (Струга Трим Љум).
Извор: ФФМ
































