- Во Охрид ќе настапат Македонија, Србија, Хрватска и Црна Гора. Овој турнир е и подготовка на Македонките за настап на ЕП 2026
Селекторот на женската репрезентација на Македонија, Игор Марковиќ, го објави списокот со 20 ракометарки за претстојниот меѓународен турнир „Трофеј Македонија 2026“, кој во рамките на претстојната недела на Европската ракометна федерација (ЕХФ) ќе се одржи во СРЦ „Билјанини Извори“ во Охрид (од 24 до 26 септември). Од повиканите ракометарки, 14 настапуваат во странство, и тоа пет во Полска, по две во Романија, Унгарија и во Турција, а по една во Чешка, Германија и во Словачка.
На турнирот во Охрид, покрај Македонија, ќе настапат и селекциите на Србија, Хрватска и на Црна Гора. Овој турнир е и подготовка на Македонките за настап на годинашното 17. Европско првенство (ЕП), на кое домаќини се Чешка, Полска, Романија, Словачка и Турција.
На ЕП 2026, ривалки на црвено-жолтите, кои осми пат ќе играат на континентално ракометно првенство, во групата Б, во Клуж (Романија), се репрезентациите на Норвешка, Романија и на Швајцарија.
Состав: Андреа Илиќ, Драгана Петковска, Софи Гошевска, Емилијана Ризоска, Леона Миленкоска, Сара Ристовска, Марија Гугуљанова, Ивана Џатевска, Ивана Гакидова, Катерина Дамјаноска, Јована Кипријановска, Ива Младеновска, Бојана Коцева, Ангела Јанкуловска, Ивана Арсениевска, Моника Јаневска, Таида Беровиќ, Сара Стефановска, Андреа Седлоска, Ана Марија Коларовска. Г.И.
































