Фронтекс се зајакнува, Западен Балкан сè повеќе се вклучува во европската безбедносна архитектура
- Брисел сака тројно поголем Фронтекс и пошироки овластувања, додека Македонија веќе учествува во заштитата на европските граници, но и понатаму чека политички да влезе во Унијата
Европската комисија се подготвува во октомври да предложи промени на правилата што го регулираат Фронтекс, со кои европската гранична агенција би добила значително пошироки овластувања. Плановите предвидуваат посилен мандат за соработка со земји надвор од ЕУ, поголема улога во операциите за враќање на мигрантите и проширени надлежности во борбата против прекуграничниот криминал и хибридните закани.
Една од најамбициозните идеи е тројно зголемување на постојаниот корпус, од сегашните нивоа кон околу 30.000 службеници. Тоа покажува дека за Брисел контролата на надворешните граници станува една од клучните европски политики.
Но во оваа европска безбедносна архитектура Македонија веќе има свое место. Фронтекс е распореден во земјата, а македонските институции соработуваат со европската агенција во управувањето со миграциските текови и заштитата на границата на западнобалканската миграциска рута.
И тука се појавува еден необичен европски парадокс. Македонија сè повеќе учествува во системот со кој Европа ги штити своите граници, но сè уште не е дел од Европската Унија, а да биде парадоксот уште поголем, дури и е блокирана на својот европски пат од непринципиелни билатерални условувања.
Во една ваква поставеност на работите не може а да не се постави прашањето зошто земјава не е во завршна фаза на пристапниот процес за членство во ЕУ ако веќе е доволно доверлива заедно со европските институции да ја чува европската граница.
Очигледно европската граница може да се поместува кон Западен Балкан многу побрзо отколку Европската Унија. Од друга страна, тоа отвора и поширока дилема: дали регионот постепено станува европска безбедносна зона, без притоа да станува составен дел на Европската Унија?
Официјален Брисел во повеќе наврати истакна дека има јасна стратегија како земјите од регионот да ги вклучи во својата безбедносна архитектура, но никогаш не кажа дали постои некаква јасна политичка стратегија како да ги внесе во институционалната архитектура.
Повеќе домашни аналитичари постојано предупредуваат дека намерно се создава модел во кој Западен Балкан е доволно блиску за Европа кога станува збор за миграцијата, криминалот и безбедноста, но доволно далеку кога станува збор за членството. Или, како што тврдат некои од професорите со кои разговаравме, ЕУ сака од Западен Балкан само добар сосед и ништо повеќе.
– Европската Унија постепено ги интегрира земјите од Западен Балкан во својата безбедносна политика, во некои економски планови, но тоа не значи автоматски и нивна политичка интеграција – велат соговорниците.
Според нив, токму ова може да стане еден од најголемите предизвици за регионот во следните години.
– Може да се случи да имаме Европа во која македонската полиција и европските служби заеднички ја штитат границата, но македонските претставници и понатаму немаат место на масата каде што се одлучува за иднината на таа Европа – оценуваат аналитичарите.
Оттука, соговорниците додаваат дека прашањето повеќе не е само кога Македонија ќе влезе во ЕУ.
– Прашањето е каква улога Европа сака да му даде на Западен Балкан: идни членки на Унијата или безбедносен појас околу неа. Ако границата на европската безбедност веќе стигна до Македонија, логично е да се праша кога ќе стигне и полноправното европско членство – заклучуваат соговорниците, дел од нив професори и познавачи на евроинтегративните процеси.
А токму на тоа се сведува парадоксот: Европа сака побезбедни граници, а Македонија сака поблиска Европа. Останува да се види дали двете цели ќе се сретнат или, пак, Македонија ќе остане дел од европската ограда наместо дел од европската куќа, без оглед на сите отстапки и жртви што ги направи во овие 35 години на својот европски пат. С.Т.































