Фото: „Нова Македонија“

Брисел реши прво воено да ја зајакне Унијата, а дури потоа да размислува кој ќе влегува во ЕУ

  • Речиси два билиона евра за следните седум години, со пет пати поголеми средства за одбраната, безбедноста и вселената, отвораат дилема дали Брисел се подготвува за нови членки или пред сè за зацврстување на постојната Унија

Германскиот канцелар Фридрих Мерц повторно побара намалување на следниот седумгодишен буџет на Европската Унија, оценувајќи дека предложената рамка е преголема во време кога и националните влади мораат да ги ограничуваат јавните трошоци. Но, истовремено, Мерц бара промена на приоритетите и повеќе средства за конкурентност и одбрана.
– Не е можно да се решат проблемите на 21 век со буџет од 20 век – порача германскиот канцелар.
Европската комисија предложи рамка од речиси два билиони евра за периодот 2028–2034 година. Од нив, околу 131 милијарда евра се предвидени за одбраната, безбедноста и вселената – пет пати повеќе од претходниот буџетски период.
Токму тука има низа елементи што го засегаат Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија. Имено, седумгодишниот буџет не е само финансиска табела туку и политичка слика на тоа каква сака да биде Европа во 2034 година.
– Кога внимателно ќе се анализираат ставките во буџетот што го предлага ЕК, прашањето што се наметнува и за нашата земја е дали тоа ќе биде Европа што се проширува или Европа што се консолидира. Брисел со години зборува за историското обединување на континентот и за интегрирањето на Западен Балкан, но ако во центарот на следната финансиска рамка се одбраната, воената мобилност, европското производство и конкурентноста, тогаш неизбежно се наметнува дилемата дали проширувањето и понатаму е вистинска политичка цел или постепено се претвора во декларативна определба – велат поранешни дипломати.

Според нив, клучното прашање е дали ЕУ во следните седум години се подготвува да прима нови членки или, пред сè, да ја зацврстува постојната 27-члена Унија.
– Очигледно Европа, соочена со војната, безбедносните ризици и економската конкуренција, реши прво да го зајакне сопствениот дом, а дури потоа да размислува кој ќе влезе во него. За земјите кандидати тоа не е мала разлика. Зашто едно е да се чека на вратата на Унија што активно се подготвува за проширување, а сосема друго е да се чека пред врата на Унија што седум години се подготвува за сопствена одбранбена и економска консолидација. За Македонија токму тоа е дилемата. Ако направи нови отстапки, ќе влезе во нов неизвесен период на интеграциите, а токму тие отстапки може да доведат и до внатрешни превирања во државата. Затоа можеби најважното прашање не е колку ќе тежи европскиот буџет до 2034 година, туку што сака Брисел всушност да изгради со него – нагласуваат дипломатите.
Нивна препорака е Македонија да биде особено внимателна и да ги следи сигналите што пристигнуваат од клучните земји во Унијата, особено од новите сили што доаѓаат на политичката сцена таму, а кои отворено кажуваат дека процесот на проширување мора да запре.