Од творештвото на писателот Ристо Давчевски

Во една заборавена долина во саваната се доселил преку ноќ еден ѕвер, малку човеколик и малку змејовит, но на срце добар и праведен. За плашливите тревопасачи беше страшен, сосема непознат, бидејќи со таква лика, строг поглед и горделиво одење дотогаш не виделе друг. Уште при првото запекливо изгрејсонце џинот ги обиколил потсушените пасишта и довикнал пред гладните плашливци:
– Знам дека сте многу гладни! Знам дека сте жедни, исплашени од сувата муцка на непредвидливата глад. Затоа мојот татко ме испрати да ве спасам од пребрза умирачка. Затоа ви доаѓаат обилни дождови, па веднаш по дождовите, долината ќе набрекне во бујна зелена трева и светов ќе заличи на рај во кој ќе има живот за сите!
Сѐ било така како што најавил ѕверот. Утредента допловиле облаци, Тие ги истуриле своите џиновски цистерни и само по три дена долината навистина се претворила во рајска градина. Но тогаш, меѓу тревопасните животинки дојуриле сурии диви кучиња, се озабиле пред ѕверот, портесно разлајале:
– Господару посилен од лавот, полукав од човек, помудар од волшебник, долинава од памтивек е наша, а ти рајов им го подари само на пасачите. А ние, саванските запустеници од што ќе живееме?!
– Најгладни се оние што молат за трева – одговорил мудро ѕверот. А треба да живеат, нели? Но, полека, полека, не вознемирувајте се вие. Кога има за нив ќе има и за вас.
Само по неколку дена на ѕверот му се пожалиле добро наситените антилопи, убави како невести:
– Господару, добро што нѐ спаси од гладот. Но чуму не нѐ поштеди од дивите кучиња што ни сеат страв во коски?
– Затоа што и тие се гладни и тие треба да живеат – одговорил ѕверот – но уште утре ќе ги поучам дивите кучиња да не претеруваат во јадењето. Вратете се дома, уживајте во благодатот испратен од севишниот – за нив и за вас.
По извесно време, ете ти неколку крда други пасачи пред ѕверот. Од поплаки ечи долината, одѕиваат бреговите.

– Господару – се испожалиле – кога умиравме од глад орлите беа многу мирни. А сега, откако се најадовме, се напоивме, головратестите кривоклунци надлетуваат над нас напердушени како црни гласници на чума. Се дурмат и нѐ плашат со закани: „Ајде, умирајте, не чекајте ние да го сториме тоа“. Зошто орлите нѐ тераат да умираме?
– Затоа што и тие треба да живеат – одговорил ѕверот. Но сега вие вратете се од каде што сте дојдени, јас ќе се погрижам орлите да станат пострпливи.
Следниот ден се насобрале долговратестите жирафи заедно со булуче исплашени елени.
– Господару – се побуниле и тие – секој ден гледаме како пред твои очи се гоштеваат лавови, тигри, леопарди…
– Ви реков, душички – и тие треба да живеат.
– Имате право, треба да живеат, ама зошто секој ден и во твојата муцка исчезнува по еден наш живот? Зошто господару? Каде ли погрешивме во твојата правдина?
Затоа, почитувани мои, бидејќи и јас сакам да живеам.
По неколку години, силата на ѕверот попуштила. Лежејќи во влажните дупки во долината меѓу тревопасните и месојадците, од каде што ги довикувал облаците, мускулите одеднаш му олабавиле, коските му потсушиле, над пожолтената муцка живожалните очи почнале да се склопуваат. Увидувајќи како му се ближи крајот, еден ден сите животинки, потемнети од тага, бацувајќи го неговото лице, го прашале:
– Господару наш, штотуку ја подгреа нашата надеж за живот, а еве, се готвиш да нѐ напуштиш. Гопсодару, зар мораше да ѝ подлегнеш на својата бездушна болест?
– Драги мои, ова не е болест – одговорил ѕверот умирајќи. Ова е крај на моето гостување во животот, бидејќи чув дека на свет доаѓа мојот внук како прва ластовичка желна за палава игра. Нели треба да живеат и тие што доаѓаат по мене!

(Од збирката басни „Приказни со смешно и кисело“ на Ристо Давчевски, Макавеј, 2009)


За авторот

Ристо Давчевски е македонски поет, раскажувач, романописец, драмски автор и баснописец. Роден е на 6 март 1935 година во с. Долни Дисан, Неготинско. Основното образование го завршил во родниот крај, а во Скопје учел во Школата за применети уметности. Студирал Филозофски факултет, а потоа работел како уредник на радиотеатарот за деца во Македонското радио. Од неговото творештво ќе ги спомнеме книгите за деца „Сонети за мама“, „Сказни за притвореното чудовиште“, „Внукот на Итар Пејо“, „Волшебната сликовница“, „Девојчето со рингишпил“, „Авантурите на Дедо Мраз“, „Сладолетка од сказните“, „Сто и една басна“, „Растумбана дивина“, „Сказни од басново“, „Мачори на панаѓур“. Давчевски е автор на четириесетина радиодрами и на еднаков број сценарија за ТВ-игри. По тешко боледување, починал на 14 септември 2009 година во Скопје. Зад себе оставил 30 книги со вкупно 3.000 басни. Од триесетлогијата басни во десет дома, објавени се три тома под наслов „Беседа на фауните“ (2011, 2014 и 2020 година) во издание на „Македоника литера“. Десеттомната серија претставува исклучително богатство не само за македонската литература туку и за светската бидејќи досега ниеден автор на басни во светот не оставил зад себе толку обемен опус на басни (најпознатите – Лафонтен има 12 книги и Езоп 600 басни, а Ристо Давчевски за време на својот 60-годишен творечки период напишал 6.000 басни, од кои повеќето од половината не се објавени).
– Проектот на Давчевски „Беседа на фауните“ е создаван дваесетина години. Давчевски со него ги надрасна сите свои учители – европските баснописци, ја осмисли обновата на долговековната езопизација, ѝ даде нов пулс, нов видик со нова димензија и во тој проект ја вткал душата на своето време со илјадници теми расфрлани низ целата планета. Низ емотивна и извонредна духовита умешност, завиена во апсолутната алузивна асоцијативност и со храбра воинствена сатиричност, ја означил ренесансната алинеја што му прилега на секое големо дело. Ова е проект што на македонската басна ѝ го дава приматот во европската и светската басна, а на авторот приматот на баснописец во европското книжевно милје – вели издавачот.
„Беседа на фауните“ е оригинален и по тоа што половината басни се посветени и на возрасните читатели, што е прв случај во историјата на овој литературен жанр – објаснува издавачот.
Денес ви ја претставуваме басната „Живот за сите“ поместена во книгата „Приказни со смешно и кисело“, која претставува јубилејно четиринаесетто издание на писателот Ристо Давчевски.

Подготвил: Ф.Д.