Анализа: Стратегиското значење на заземањето на јеменскиот брег на Црвено Море од страна на Хутите

  • Со обезбедувањето позиција што доминира над еден од најважните светски поморски коридори Баб ел Мандеб, Хутите отворија втора точка на притисок, загрозувајќи го саудискиот извоз на нафта што беше пренасочен од Ормускиот Теснец. Стратегијата, според нив, е осмислена да ги принуди земјите од Заливот на тежок избор: да се соочат со растечките економски последици од притисокот врз извозот на нафта и иранските напади или да стапат во контакт со Иран за да ги заштитат трговијата, енергетските текови и економската стабилност

Заземањето на јеменскиот брег на Црвено Море од страна на Хутите ја менува рамнотежата на моќта во Персискиот Залив, ја зајакнува позицијата на Иран и ги соочува Саудиска Арабија и нејзините соседи со тежок избор, а тоа е „или да ги поднесат растечките трошоци од новонастаната состојба или да бараат спогодба со Техеран“.
Имено, со обезбедувањето позиција што доминира над еден од најважните светски поморски коридори Баб ел Мандеб, групата блиска до Иран отвори втора точка на притисок, загрозувајќи го саудискиот извоз на нафта што беше пренасочен од Ормускиот Теснец.
Регионалните функционери и аналитичари посочуваат дека Техеран и Хутите преку закани кон поморскиот сообраќај во Црвено Море, додека Иран го блокира Ормуз, може да ги зголемат цените на нафтата и да поттикнат инфлација, истовремено намалувајќи ги изгледите регионот да се потпре на Вашингтон за решавање на кризата.
Стратегијата, според нив, е осмислена да ги принуди земјите од Заливот на тежок избор. Прво, да се соочат со растечките економски последици од притисокот врз извозот на нафта и иранските напади или пак, второ, да стапат во контакт со Иран за да ги заштитат трговијата, енергетските текови и економската стабилност.
– Заземањето на стратешките острови во близината на Баб ел Мандеб од страна на Хутите претставува пресвртница. Тоа го менува балансот на моќта и им дава многу поголемо геополитичко и економско влијание врз Саудиска Арабија, Заливот, САД и глобалната трговија – изјави Фаваз Гергес, аналитичар за Блискиот Исток.

Државите од Заливот ги сметаат преговорите со Техеран за неопходни

Ријад пренасочи голем дел од својата сурова нафта преку пристаништата на Црвено Море откако војната практично го затвори теснецот на спротивната страна од Арапскиот Полуостров, но во петокот го затвори нафтоводот што ја транспортираше нафтата, откако тој беше нападнат.
Наводното одбивање на Трамп да се согласи на барањето од Саудиска Арабија САД да извршат напад врз Хутите, во комбинација со растечките економски трошоци, го зајакнува мислењето во некои престолнини на Заливот дека преговорите со Техеран повеќе не се избор, туку неопходност за опстанок, изјавија регионални извори за „Ројтерс“.
Состанокот во Оман меѓу министрите за надворешни работи на арапските земји од Заливот и нивниот ирански колега Абас Аракчи, на кој вчера требаше да се разговара за можен договор за Ормускиот Теснец, е одложен поради несогласувања околу условите за преговорите, изјави извор од Заливот за „Ројтерс“. Предвидениот собир е дел од иницијативата на Оман и Иран за обезбедување привремена рамка за управување со поморскиот сообраќај низ овој воден пат, кој претставува клучна артерија за глобалниот извоз на нафта.
Позицијата на Иран, лоциран покрај енергетските и трговските артерии на регионот, го прави неизбежен фактор во секоја безбедносна равенка за Заливот. Без оглед на тоа што лидерите од Заливот мислат за Исламската Република, тие не можат да ја заобиколат или едноставно да ја игнорираат, а конфликтот предизвикан од американските и израелските напади врз Иран ги уништи децениските дипломатски напори за менување на состојбата.
Кога во неделата беше прашан дали е загрижен поради средбите на земјите од Заливот со Иран, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека тоа е нивна одлука.
Алекс Ватанка од Институтот за Блискиот Исток изјави дека за земјите од Заливот прашањето можеби сè помалку се однесува на тоа дали му веруваат на Иран, а сè повеќе на тоа како да ги заштитат своите интереси и да преживеат во услови на непријателства што Вашингтон не може брзо да ги оконча. Тоа би можело да ги поттикне кон водење паралелна дипломатија со Техеран и, со текот на времето, кон усвојување поширока безбедносна стратегија што не би зависела исклучиво од САД.
Економскиот притисок што Вашингтон го врши врз Иран дава резултати, но, според извор од Заливот, несакана последица е тоа што тој ги принудува американските партнери од регионот да преиспитаат дали конфронтацијата со Техеран е одржлива.

САД разгледуваат „венецуелско“ решение за иранската нафта

Американскиот претседател Трамп во неделата навести дека САД би можеле да останат во Иран и да ја „задржат нафтата“, повлекувајќи паралела со американските напори да преземат контрола врз една петтина од огромните резерви на нафта на Венецуела.
За време на посетата на Република Ирска, американскиот лидер повтори дека очекува војната со Иран да заврши годинава, веројатно веднаш по изборите за Конгресот на САД што треба да се одржат во ноември.
Говорејќи на голф-турнирот „Ајриш опен“, Трамп додаде дека цената на горивото „драстично ќе падне“ штом ќе заврши војната со Иран. Немирите на Блискиот Исток предизвикаа превирања на пазарите на нафта, при што трговците очекуваат неделава цените повторно да пораснат, по нападот врз саудиски нафтовод.
Трамп изјави дека ќе склучи само „вистински договор“ и дека нема да прифати таков што „не чини“, додавајќи дека Иран „постојано повикува“ на мировни преговори – тврдење што Техеран во минатото го отфрлаше. Сепак, претседателот на САД изнесе и друга опција, имено да се задржи американското присуството во Иран, правејќи споредба со американскиот договор во однос на Венецуела, објавен во август.
– На крајот ќе се повлечеме од Иран, освен ако не одлучиме да останеме и да ја задржиме нафтата, како во случајот со Венецуела – рече Трамп, додавајќи дека приходите на САД од Венецуела „ја исплатиле војната многукратно“.
Цените на нафтата вчера скокнаа за повеќе од три отсто, откако нападите на Хутите врз Саудиска Арабија (најголемиот светски извозник) за време на изминатиот викенд доведоа до затворање на нејзиниот клучен нафтовод во правецот исток-запад, долг 1.200 километри, а иранските напади врз бродови во Заливот дополнително ги зголемија загриженостите во врска со снабдувањето. Р.С.