ОД ЃУРЃОВДЕН ДО МИТРОВДЕН
- Во лавиринтите на туѓите интереси: Од солунскиот бунт до Белград
Епилогот од драматичните настани во Солунската егзархиска машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“ од учебната 1887/1888 година оставил длабока трага врз образовниот и национално-политичкиот развој на цела генерација македонски младинци. Масовното незадоволство, поттикнато од строгиот и бирократизиран режим, наметнувањето на бугарскиот јазик и директната цензура врз слободната мисла, резултирало со отворен бунт и отпор кон директорот Георги Кандиларов и официјалната линија на Софија. Реакцијата на егзархијата била брза, немилосрдна и исклучиво реваншистичка: десетици ученици беа трајно исфрлени од училишните клупи, а меѓу нив и оние што самите, со длабоко разочарување и пркос, одбиле и понатаму да останат под патронатот на бугарската образовна пропаганда.
Наоѓајќи се на улица, без завршено средно образование и со затворени врати во институцијата што требаше да биде нивна интелектуална колепка, македонските ученици се соочија со сериозна егзистенцијална и образовна неизвесност. Нивната желба за знаење не згасна, но патот до тоа знаење бараше наоѓање алтернативни патишта. Токму во тие пресвртни моменти на сцена стапува економот на солунската гимназија, охриѓанецот Темко Попов – личност со исклучително динамична, сложена и контроверзна улога во македонското движење од тој период. Попов, кој претходно веќе воспоставил контакти со белградските владини кругови преку потпишаниот договор за заемна соработка од 1886 година и активно ја лансирал сопствената национална програма со антиегзархиски предзнак, ги поврзал револтираните ученици со тогашниот српски конзул во Солун, Петар Карастојановиќ. Свесен за стратешката тежина на моментот, Карастојановиќ во незадоволството на младите Македонци препознал извонредна шанса за јакнење на српските позиции во Солун и Македонија. На младинците им биле дадени силна надеж и формално ветување дека Кралството Србија не само што ќе им овозможи да го продолжат образованието туку и ќе им обезбеди целосна морална и материјална поткрепа преку редовни државни стипендии во Белград. За да ја операционализира оваа иницијатива, Карастојановиќ за целата ситуација детално го известил српскиот дипломатски застапник во Цариград, влијателниот Стојан Новаковиќ. Во османлиската престолнина, како непосреден гласник и преговарач од редовите на исклучените ученици, бил испратен прилепчанецот Панта Кондов. На средбата со Новаковиќ, младиот Кондов отворено, искрено и без дипломатски завивања ја образложил суштината на нивниот солунски бунт. Тој децидно истакнал дека македонските ученици не сакале и не можеле повеќе да учат и творат на туѓиот за нив бугарски јазик, туку нивниот неприкосновен копнеж бил наставата да се одвива на нивниот мајчин, домашен македонски дијалект. Оваа јасна македонска национална самобитност го затекнала Новаковиќ, кој побарал официјално писмено образложение од солунскиот конзулат и веднаш го известил Министерството за надворешни работи на Србија. Така започнала опсежна дипломатска преписка меѓу Солун, Цариград и две клучни српски министерства – за надворешни работи и за просвета. Белградското Министерство за просвета изразило целосна подготвеност да ги прими бунтовните ученици и да им обезбеди стипендии, но зад таа привидна „великодушност“ лежел строг, прагматичен услов: по завршувањето на образованието во Србија, младинците морале да се вратат во своите родни места во Македонија и таму активно да дејствуваат како мисионери и проповедници на српската национална идеја.
Планот за префрлање на учениците од Отоманската Империја во Кралството Србија набрзо преминал во фаза на практична реализација. Во летото 1888 година во Солун лично допатувал Светомир Николаевиќ, претседател на моќното патриотско друштво „Свети Сава“, специјализирано за културно-просветна пропаганда на југ. Во текот на јуни 1888 година, Николаевиќ успешно ја организирал и ја спровел првата група од 13 ученици. Меѓу овие тринаесетмина се наоѓало и самото јадро на солунскиот бунт – младиот дваесетгодишен интелектуалец од велешка Богомила, Петар Поп Арсов. Заедно со него, во оваа прва бранообразна група беа и: Микаил Питов од Битола, Димитрија Михов од Горни Порој (Демирхисарско), Андреја Ристов (Христов) од Велес, Иван Трифунов од Воден, Дијамандиј Колев од Штип, Димитрија Ѓорѓиев од Криворечка Паланка, Ефтим Попов од Косоврасти (Дебарско), Пантелија Шалаганов, Никола Симанов и Михаил Јованов од Скопје, како и Симеон Димитров и Магдалена Михајлова од Тетово. Неколку месеци подоцна, кон средината на септември 1888 година, била префрлена и втората група составена од десет ученици. Нивното патување го водел Петар Тодоровиќ, кој во тоа време официјално престојувал во Солун како владин комесар при Народната банка. Оваа втора група носела импресивен интелектуален и револуционерен потенцијал, а меѓу нив особено се истакнувал идниот великан Даме Груев од смилевскиот крај. Групата ја сочинувале уште и: Димитрија Илиев од с. Врбјани (Дебарско), охриѓаните Димитрија Пирузев, Владимир Бојаџиев и Никола Герасимов, потоа Иван Велинов од велешка Бистрица, Иван Велев од Дебар, Ристо П. Коцев од Штип, Димитар Мирчев од Прилеп и Петар Паскалов од Ениџе Вардар. До крајот на 1888 година, движејќи се индивидуално или во помали групи, во српската престолнина пристигнале уште десетина македонски младинци. Со тоа, вкупниот број на ученици од Македонија што заминале да го продолжат своето школување во Србија достигнал 33 лица.
По пристигнувањето во Белград, Петар Поп Арсов се запишал во прва година на Филозофскиот факултет при тогашната Велика школа, на одделот за филологија, во статус на вонреден студент. Како питомец на српското Министерство за надворешни работи, Поп Арсов првично бил сместен во приватно сместување. Но таквата слобода била со краток век. Српските институции и раководни фактори биле крајно недоверливи и претпазливи кон овие момчиња.
Очекувајќи слепа лојалност, а гледајќи силен индивидуализам, властите сфатиле дека слободното сместување оневозможува системска контрола врз нивната свест. Со цел над нив да се воспостави постојан надзор и континуирано да им се всадува српската идеологија, претседателот на друштвото „Св. Сава“, Светомир Николаевиќ, поднел официјално барање до Министерството за просвета и црковни работи за отворање специјален заеднички пансион за сите македонски ученици. Николаевиќ предложил државната помош од 50 динари месечно по ученик да му се префрла директно на друштвото, а тоа да се грижи за исхраната, облеката и сместувањето, образложувајќи дека таквиот модел би бил „практичен и корисен“. Предлогот бил експресно прифатен. На 1 ноември 1888 година свечено бил отворен т.н. „Светосавски пансион“, лоциран во куќата на владиката Виќентие. Во него биле затворени 32 питомци, меѓу кои и Петар Поп Арсов. Како што подоцна горчливо ќе забележат современиците и историчарите, се повторила трагичната македонска судбина: бегајќи од едно бугарско егзархиско разочарување, учениците наишле на друго, уште потешко и посурово искушение.
М-р Никола Ристевски
(продолжува)































