Од ракометното минато (37)
- За единствениот ракометен прволигаш како никој да не беше заинтересиран и Работнички во сезоната 1965/1966 испадна од елитното друштво. Тоа беше и последната сезона во историјата на клубот меѓу најдобрите
По успешните дополнителни квалификации, летото 1965 година ракометарите на Работнички го продолжија прволигашкиот живот. Меѓутоа ја немаше онаа вообичаена радост за изборениот опстанок во елитата и како сите да претчувствуваа дека „железничарите“ од постојаната борба за опстанок веќе ги загубија амбициите. Тажно беше што никој од градските и републичките фактори не му подаде рака. Тие како да заборавија дека во најтешките мигови на Скопје по земјотресот, а и многу години пред тоа, РК Работнички и ФК Вардар беа единствените клубови што го одржуваа спортскиот живот на повисоко ниво и на Скопје му даваа шмек на спортски град. А, да не заборавиме колку, пак, двата клуба со своите настапи во елитните лиги им ги исполнуваа и разубавуваа викендите, особено по оние победи над големите ракометни и фудбалски имиња. Но сега дојдоа некои други времиња, во кои се забораваше на оние што кога беше најтешко, особено по двете катастрофални непогоди – поплавата и земјотресот, носеа спортска радост. Ако за ФК Вардар можеше да се каже дека сепак не е заборавен и за него стигнуваше финансиска помош од повеќе страни, за РК Работнички тоа не можеше да се каже. Ракометарите беа оставени сами на себе. Единствен како последен Мохиканец, кој докрај се бореше дури и на стари години беше принуден и да заигра, беше Славко Матовски. Основоположникот на ракометната игра во Македонија веќе немаше сили да се бори и на факторите да им укажува дека за Работнички треба да се грижат сите, зашто тој е свето нешто во македонскиот ракомет. Но залудни беа сите тие молби зашто кај оние што стигнуваа и кои требаше да помогнат немаше слух за да сфатат што значеше Работнички за Скопје и за Македонија. Затоа сега, кога ракометот ни стана спорт број еден во Македонија, не треба да ги заборавиме заслугите на оние што со децении вложуваа напори да го одржат и развијат овој спорт. Еден од тие големи ентузијасти, кој никако не смее да биде заборавен, е и творецот на Работнички, Славко Матовски, кој всушност со знаењата добиени на Факултетот за физичка култура во Белград (беше првиот студент од Македонија запишан на овој факултет) во првите повоени години, ја запали иницијалната каписла во ракометот во Македонија. Но кај нас стана вообичаено да живееме само со сегашноста и да мислиме оти сѐ почнува сега. Очигледно одавањето почит кон таквите неимари не ни е својствено!
Но сега да се вратам на некои моменти со кои и ќе го привршувам овој мој серијал посветен на ракометниот спорт и неговиот развој во оваа наша Македонија.
СТАРТ БЕЗ ГОЛЕМИ АМБИЦИИ
Почетокот на натпреварите во Првата сојузна ракометна лига во 1965 година не беше дочекан со некој поголем оптимизам. Напротив, поради лошата финансиска состојба, стручниот штаб на Работнички, предводен од Славко Матовски и Драган Геровски-Дале, не можеше целосно да ја реализира планираната програма за тренинзи и подготовки. Проблем беше и тоа што кај ракометарите се чувствуваше умор од јулските дополнителни квалификации. Сето тоа влијаеше врз целокупниот амбиент во клубот, а и врз најзагреаните поддржувачи на Работнички, особено оние од Дебар Маало. Се чувствуваше одредена малодушност кај сите што беа вклучени во клубот – од тренерите, преку играчите, па до навивачите. Од сите овие причини беше присутен и сомнежот дека Работнички не ќе може да го даде својот максимум во прволигашките натпревари и дека го очекува една тешка и неизвесна сезона.
Лошите прогнози се потврдија уште на првите средби. Во првото коло на гостувањето во Белград, во мечот со Црвена звезда не можеше да се очекува поволен резултат и Работнички беше поразен со 19-12. Во второто коло некако добро дојде службениот резултат 5-0 со Млада Босна, а во третото коло, на гостувањето во Високо, потпирајќи се на поголемото искуство, се очекуваше победа на скопјаните против новиот прволигаш Босна. Но не дојде до тоа. Напротив, пред инспирираниот домашен тим, Работнички не можеше ништо да стори и доживеа убедлив пораз со 12-21.Тоа веќе беше јасен показател оти сезоната ќе биде тешка за скопските „железничари“. Што се однесуваше до составот на тимот, тој веќе беше докажан од претходната година и немаше дилема оти е квалитетен и способен да се справи со сите противници. Во него, да се потсетиме, беа: голманите Томовски, Мајснер, Илиќ и Велевски, играчите Н. Матовски, Томановиќ, Штериев, Брезовски, Бојаџиевски, Хаџиандоновиќ, Гоцевски, Богдановски, Караџиќ, Шахов, Мариќ, Георгиевски и Стиков. На списокот беше и големото засилување од Вардар, Ламбро Пејов, кој беше квалитетен и посакуван играч за секоја екипа. Исто така се говореше оти тимот ќе биде засилен и со неколку други ракометари, меѓу кои беа спомнувани Линков и Арџанов од Гевгелија, Кандус од битолски Работник и Крстевски од Куманово, но до нивни трансфер во прволигашот не дојде.
Симпатизерите на Работнички сега со нетрпение го очекуваа првиот меч во Скопје со Железничар (не сметајќи го оној добиен со службен резултат), за да видат во каква форма е нивниот миленик. На крајот се појави насмевка и на нивните лица, оти тимот одигра еден добар меч и, што е најважно, победи со 15-12. Во тие моменти навивачите и играчите малку се охрабрија, верувајќи дека вака со победи ќе се продолжи и во идните кола. Но, наместо тоа, кризата уште повеќе се продлабочи, па така скопјаните до крајот на првиот дел во сите девет средби беа поразени! Никој не го очекуваше тоа, иако сите случувања пред стартот во новиот шампионат како да го навестуваа тоа. Играчите и нивниот квалитет не беа спорни, но тие беа разочарани зашто никој во градот и Републиката не се погрижи барем малку да се подобри лошата финансиска состојба на клубот. Освен што имаа гратис билети за воз, другите трошоци на патувањата се случуваше некогаш сами да си ги покриваат!
РК РАБОТНИЧКИ НЕ Е НИЧИЈА ГРИЖА!
Веќе немаше што да се прави, локомотивата на „железничарите“ беше влезена во темен тунел, во кој не се забележуваше ниту најмала светлина. Катастрофата беше очигледна, но за тоа оти е така никој од факторите не се заинтересира. Сите одбегнуваа да дискутираат за колапсот на клубот, а тие што требаше да бидат најзагрижени и заинтересирани зошто е тоа така, се однесуваа како Македонија да има десетина прволигаши, па ако еден пропаѓа остануваат оние другите. Но, за жал, и тој еден отиде во пропаст, а за да не се случи тоа, никој не мрдна со прст. Излезе дека РК Работнички не е ничија грижа, па беше оставен сам да се справувава со проблемите. Но тоа не беше можно, зашто и неколкуте ентузијасти што со години го одржуваа клубот веќе беа на крајот од силите. И тие, поради големиот број недоразбирања, а пред сѐ отсуство на чувство да се има нешто убаво и квалитетно, кренаа раце и клубот остана грижа, верувале или не, само на Славко и некои луѓе блиски до него. Но на тој начин не можеше да се опстане и да се бара некој спортски резултат. Тоа беше невозможно.
Сепак, ракометарите на Работнички беа решени, без оглед на тоа што ќе се случи, поради сопствената гордост и зачувување на угледот на македонскиот спорт, не само на ракометот, да играат докрај. Меѓутоа на сите им беше јасно оти тоа ќе биде само мачење, без да се очекува некаков резултат. И навистина беше така. Во продолжението од првенството, во вториот дел, ја регистриравме најслабата прволигашка сезона на Работнички. Скопјаните извојуваа само една победа, и тоа пред своите гледачи против стариот познаник Борац од Бања Лука со 27-23.
На крајот беше жално да се гледа прволигашката табела. Шампион стана Медвешчак со дури 43 бода, а Работнички беше последен со само шест, од кои два бода добиени со службен резултат. Со ова тешко можеше да се помири македонската спортска јавност, но вистината беше таква. Овде сѐ беше готово и работите веќе не можеа да се сменат.
Сиот дотогашен труд, непроспиените ноќи, мачните и некогаш одвај реализирани патувања, сето тоа се собра во еден куп, кој, за жал, говореше за незаинтересираноста најмногу на општествените фактори. За дебаклот што го доживеа РК Работнички во последната прволигашка сезона во својата историја, најмалку се виновни луѓето што со години се бореа да го одржат клубот. Тие, предводени од амбициозниот и неуморен Славко Матовски, успеваа во тоа, но сѐ има свој почеток и свој крај. Овој пат крајот навистина беше тажен. Славко со неговите поддржувачи во годината кога клубот требаше да прослави 20 години од формирањето испадна од Првата лига и потона во едно сивило во кое се наоѓа до денес. Еден некогашен ракометен бастион го снема како никогаш да не постоел. Затоа, пак, се појавија нови луѓе, кои со амбициозна работа во своите градови успеаја да создадат прволигашки екипи што потоа го заменија Работнички и се бореа за угледот на македонскиот ракомет. Тука пред сѐ мислам на оние следни прволигаши, Борец од Велес (1967), битолска Пелагонија (1971), скопски Вардар (1976), подоцна Пелистер, сега Еурофарм- Пелистер. Во последната декада од минатиот век токму Пелистер беше клубот што внесуваше живост во македонскиот ракомет, а ќе се памети и неговиот настап во полуфиналето на Европскиот куп и оној, како што битолчани милуваат да кажат, „меч на столетието“ против германскиот Лемго.
Додека постоеше поранешната држава, Македонија имаше пет клуба што во покус или подолг период беа учесници во Првата југословенска сојузна лига. Тоа беа Работнички (со најдолг стаж), Графичар (Скопје), Борец (Велес) и Вардар (Скопје), кои играа само по една сезона во Првата лига, потоа Пелагонија една сезона (1971-1972) и како последен што се појавуваше во силната југословенска конкуренција беше Пелистер, кој пред распадот на поранешната држава неколку сезони со успех настапуваше во Првата сојузна лига.































