Земјите од БРИКС повикаа на максимална воздржаност на Блискиот Исток и на избегнување дејства што би можеле дополнително да ја влошат ситуацијата во регионот, се наведува во заедничката декларација усвоена денеска на 18. самит на блокот во Њу Делхи.
Во декларацијата лидерите изразија длабока загриженост поради продолжувањето на ескалацијата на Блискиот Исток и повикаа на заштита на цивилите и на цивилната инфраструктура, во согласност со Повелбата на Обединетите нации и со почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на државите.
Земјите од БРИКС се заложија за поголеми дипломатски напори со цел да се постигне долгорочен договор што би придонел за траен мир, безбедност и стабилност во регионот. Во документот се нагласува и потребата да се зачуваат непреченото одвивање на глобалната трговија, синџирите на снабдување и испораката на енергенти.
Усогласувањето на заедничката декларација беше постигнато по повеќечасовни преговори што траеле до раните утрински часови, објави „Ројтерс“, повикувајќи се на извори запознаени со разговорите.
Особено сложено било усогласувањето на различните позиции на Иран и Обединетите Арапски Емирати, кои се членки на БРИКС, но имаат различни ставови за актуелниот конфликт и за повеќе прашања поврзани со безбедноста во Персискиот Залив.
Во декларацијата не се именува ниту една земја како одговорна за ескалацијата, туку се повикува на решавање на меѓународните спорови преку дијалог, консултации и дипломатија.
Земјите од БРИКС изразија сериозна загриженост и поради нападите врз цивилната инфраструктура и врз нуклеарните постројки што се под надзор на Меѓународната агенција за атомска енергија. Тие нагласија дека нуклеарната безбедност мора да се почитува и за време на вооружени конфликти, за да се заштитат луѓето и животната средина.
Во однос на војната во Газа, лидерите повикаа на почитување на прекинот на огнот и на непречен пристап на хуманитарната помош. Тие се спротивставија на присилното раселување на Палестинците од Појасот Газа и ја повторија поддршката за решение со две држави.
Во документот повторно се поддржува формирањето независна и одржлива палестинска држава во границите од 1967 година, со Источен Ерусалим како главен град, како и полноправното членство на Палестина во Обединетите нации.
Членките се заложија и за нулта толеранција кон тероризмот, отфрлајќи ги двојните стандарди во борбата против терористичките организации. Во декларацијата се осудуваат сите форми на тероризам, без оглед на нивните мотиви, место или извршители.
БРИКС се спротивстави и на едностраните економски санкции што не се одобрени од Советот за безбедност на ОН, оценувајќи дека тие можат да ја нарушат меѓународната трговија и да имаат негативни последици за економскиот развој.
На самитот, покрај претставниците на земјите-членки, учествуваат и делегации на земјите-партнери, поканети држави и претставници на меѓународни организации. Саудиска Арабија е претставена од министерот за надворешни работи, но нејзиниот статус во БРИКС различно се наведува во официјалните соопштенија и во меѓународните медиуми.
Дводневниот самит во Њу Делхи се одржува под претседателство на Индија и е посветен на отпорноста, иновациите, соработката и одржливоста. Покрај безбедносните кризи, на дневен ред се реформата на меѓународните институции, глобалната трговија, енергетската безбедност и поголемата застапеност на земјите во развој во донесувањето меѓународни одлуки.































