mickoski vo poseta na Tesa energi - foto Vlada
Фото: Влада

Растот на пензиите, растот на БДП и растот на бројот на туристи во Македонија се показатели за добрите политики на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, смета премиерот Христијан Мицкоски. Според него, критикиките од опозицијата за владините политики се само трик пред граѓаните.

-Разликата во растот на пензиите е 16 пати поголема во тоа што го зголеми оваа влада споредено со тоа што го направи СДСМ. Опозициските критики за животниот стандард се само „ПР-трик“ осмислен од консултанти за да се хуманизира опозицијата. ​Но, лошата вест за нив е што тие немаат кредибилитет тоа да го зборуваат, бидејќи имаа седум години можност да го подобрат квалитетот на животот на граѓаните. Тие ги ограбија дополнително и не само што ги ограбија, ги понижија, ги распродадоа – изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на компанијата „Теса Енерџи“.

Премиерот вели дека за работата на оваа власт кажуваат и последните статистички податоци за бројот на туристи, коишто, како што рече, покажуваат раст.

-Тоа е за мене исклучително поволен податок затоа што во јули вкупниот број на доаѓања и ноќевања е зголемен. Имаме 6,6 проценти поголем број доаѓања во јули со јули минатата година. Тоа е втор идикатор, по индустриското производство, што вели дека имаме можности да имаме силен трет квартал во растот на БДП – истакна Мицкоски.

Ваквите податоци, вели премиерот, се индикатори дека покажуваат дека политиките што ги водиме даваат резултати.

Според Мицкоски, и сега има проблеми и се решаваат, но, како што нагласи, денес многу подобро се живее од пред три години.

-Јас не велам дека сега е совршено. Да, имаме проблеми и ги решаваме. Не велам дека сега тече мед и млеко. Но, тврдам, и тука мора да се сложиме, и се сложуваат граѓаните на сите јавни мерења, дека денес многу подобро се живее од пред три години. Нема веќе банди, нема веќе криминал, нема рекетирање, нема веќе марихуана економија, нема веќе провизии од Лотарија… Нема. Туку се враќаат назад кај граѓаните, се работи за граѓаните. ​Таа е разликата – изјави Мицкоски.

Премиерот денеска направи и паралела меѓу работењето на неговата Влада и Владите на неговите претходници, Зоран Заев и Димитар КОвачевски, од СДСМ

-Сметките од работењата на претходните влади на Зоран Заев и Димитар Ковачевски и како тие се справуваа со кризата денес ги плаќаат граѓаните, и не дај Боже некогаш повеќе на Македонија да ѝ се повторат такви влади. И мислам дека тоа го мислат мнозинството граѓани. Начинот на којшто тие се справуваат, денеска ги плаќаме сметките, додека тие уживаат во мелосот на ѕвезди музички од околината во скапи егзотични дестинации, се возат на скапи јахти. Ние ги плаќаме, односно вие, граѓаните ги плаќате сметките од тоа време како тие се справуваа со кризата – изјави Мицкоски.