Фото: Архива, Нова Македонија

Фамилијата Попови во соработка со ШК 7 Ноември, утре во салата на СОУ „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, го организира петтиот меморијален еднодневен турнир во забрзан шах „Венци Попов“. Турнирот, кој се игра во чест на прерано починатиот истакнат гевгелиски и македонски шахист, ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Венци Попов, ќе започне во 10.30 часот. На ден пред почетокот на турнирот, беа пријавени 170 шахисти (два ВМ, осум ИМ, четири ФМ, два КМ) од шаховските федерации на Македонија, Србија, Германија, Грција и од Косово. Прворангиран на турнирот е интернационалниот мајстор (ИМ) од Косово, Ндерим Сарачи (2.520 рејтинг-поени), кој победи на ланскиот меморијал.

Победникот ќе биде познат по девет одиграни кола (швајцарски систем), со темпо на игра од 10 минути по играч, плус пет секунди за секој одигран потег, почнувајќи од првиот. Турнирот ќе се игра според правилата на ФИДЕ за забрзан шах и истиот ќе се рејтингува. Наградниот фонд изнесува 135.000 денари поделен на 10 дела. Победникот ќе освои 35.000, вториот 25.000, третиот 17.000 денари итн. Ќе бидат доделени и специјални награди од по 3.000 денари за најдобро пласиран гевгелиски шахист, најдобар млад играч до 18 години, најдобра шахистка и најдобар играч над 65 години.

ФМ Венци Попов (1962-2013) е роден во Гевгелија. Шах научил да игра уште од мала возраст од неговиот татко Душан. Заедно со својата сестра, Нада Попова, изработиле табла и шаховски фигури од картон на која играле шах. Во 1975 година тој и неговата сестра станале членови на ШК 7 Ноември. Попов бил повеќекратен пионерски, младински и сениорски првак на Гевгелија трикратен младински шампион на Македонија (1978, 1979, 1980), а победил на турнири кај нас и во странство. Бил претседател, играч и тренер на гевгелискиот клуб, а настапувал и за повеќе реномирани македонски шаховски клубови.
Г.И.