Пензионерите бараат идните зголемувања на пензиите да бидат линеарни, наместо процентуални, со цел сите пензионери да добиваат еднаков износ на зголемување. Тие денеска ќе го претстават барањето пред министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, од кого очекуваат прашањето да биде регулирано со закон.
Од Иницијативниот одбор за линеарно зголемување на пензиите велат дека разликите меѓу пензиите веќе се утврдени при нивното пресметување, во зависност од работниот стаж, образованието, работното место и другите критериуми.
Претседателот на иницијативниот одбор на пензионерите од Охрид и Дебрца, Кирил Јосифовски, вели дека по заминувањето во пензија сите пензионери се во еднаква положба во однос на трошоците за живот.
– Главните параметри за формирање пензија како работен стаж, школска спрема, работно место, сето тоа е опфатено и вградено во решението за соодветната пензија. Врз основа на тие критериуми има пониски, средни и повисоки пензии. Но, после одење во пензија, никој пензионер не одвојува и не вложува ништо, понатаму сите пензионери сме еднакви – вели Јосифовски.
Тој најави дека од министерот ќе побараат законски да се уреди линеарното зголемување и тоа да важи и за следното мартовско усогласување.
– Очекуваме и бараме до наредното мартовско зголемување ова прашање законски да се уреди и натамошното делење на пензиите да биде линеарно – рече Јосифовски.
Од иницијативниот одбор сметаат дека процентот на усогласување може да се утврдува според растот на трошоците за живот, но средствата од буџетот треба да се распределат рамномерно меѓу пензионерите.
Трајче Станојков од Свети Николе вели дека не се против процентуалното усогласување, но бара износот на зголемувањето да биде еднаков за сите.
– Не може 3 отсто да му се даде на оној кој има 90 илјади пензија и да го наградиме со 3000 денари, а да го казниме оној кој едвај дојде до 18 или 20 илјади пензија и само за 600 денари да му се усогласи со животниот трошок – вели Станојков.
Од иницијативниот одбор побараа и оставка од претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, Станка Трајковска, поради нејзиниот став против линеарното зголемување.
По две години во кои пензионерите добиваа ист износ на зголемување, од септември повторно се применува процентуалното усогласување според движењето на платите и трошоците за живот.
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека септемвриското усогласување ќе се спроведе согласно законскиот механизам, а конечниот процент сè уште се пресметува.
Пензиите законски се усогласуваат двапати годишно – на 1 март и на 1 септември. При процентуалното усогласување, растот на пензијата зависи од нејзиниот претходен износ, па повисоките пензии добиваат и поголемо зголемување во денари.
Септемвриското усогласување се однесува на пензиите за септември, кои пензионерите ќе ги добијат во октомври.
































