Републичкиот јавен обвинител Ненад Савески ги отфрли оценките дека судовите носат одлуки под притисок, влијание или во служба на Јавното обвинителство, коментирајќи ги реакциите по одлуките во предметите „Ласкарци“ и „Стевчо Јакимовски“.
Савески по денешната седница на Советот на јавни обвинители истакна дека пресудите се носат врз основа на законите и доказите во конкретните предмети.
– Не можам да прифатам, а апсолутно сметам дека е погрешен впечатокот дека судовите ги носат одлуките под притисок, под влијание или во служба на Јавното обвинителство. Пресудите се носат во името на граѓаните на Република Северна Македонија, врз основа на примена на законите и доказите што се содржани во тие предмети – изјави Савески.
Во однос на „Ласкарци“ и предметот против поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, тој појасни дека Врховниот суд не ги оценувал обвиненијата, туку законитоста на одлуките донесени од пониските судови.
– Врховниот суд не ги ценел обвиненијата, туку одлуките на второстепениот и првостепениот суд – рече Савески.
Осврнувајќи се на предметот „Пулс“ и можноста сопственикот на клубот, Дејан Јованов – Деко, да биде пуштен од притвор поради истекување на законските рокови, Савески рече дека роковите мора да се почитуваат.
– Траењето на притворот е регулирано со закон и со максимални рокови. Во овој случај е извесно дека тие рокови наскоро ќе се исцрпат – изјави тој.
Савески не сакаше да прејудицира дали обвинителството ќе побара друга мерка за обезбедување присуство на осомничениот, посочувајќи дека тоа е одлука на обвинителите кои постапуваат по предметот.
– Да, секогаш има можности. Дали во овој случај некои од тие можности ќе бидат применети, навистина оставете времето да покаже – рече Савески.
Тој нагласи дека и судовите и обвинителството се должни да ги почитуваат законските рокови, без оглед на причините поради кои претходно бил определен или продолжен притворот.
Одговарајќи на прашање за дисциплинската постапка поврзана со обвинителот Јован Цветановски, Савески рече дека рокот за жалба веќе истекол и дека нема да поднесе таков чекор.
Савески се осврна и на реакциите за неговото место на прославата по повод Денот на независноста, каде што седеше во близина на премиерот.
Тој рече дека местото му било определено со владиниот протокол и дека не смета оти бил привилегиран во однос на другите гости.
– Тоа е место што беше предвидено со протоколот на Владата, која беше организатор на настанот и каде што ми беше определено местото. Го почитувам редот во куќата каде што сум отишол и воопшто не сметам дека сум почестен или привилегиран во однос на другите гости – изјави Савески.
































