- Некои филмови не завршуваат со последниот кадар. Тие продолжуваат да живеат во филмовите што доаѓаат по нив, во начинот на кој режисерите раскажуваат, камерите гледаат, а публиката го доживува киното. Во оваа рубрика ќе се потсетуваме на филмовите што не биле само големи дела туку и вистински пресврти. Филмови по кои седмата уметност веќе никогаш не била иста
„Пеколен портокал“ („A Clockwork Orange“, 1971) на Стенли Кјубрик одамна е синоним за култен филм. Неговата радикална естетика, провокативната тематика, незаборавната иконографија и филозофската комплексност ги надминаа границите на уметноста на подвижните слики, претворајќи го во едно од највлијателните остварувања на нашето време.
По премиерното прикажување, филмот предизвика бурни реакции, јавни полемики и забрани. Едни во него гледаа опасна апологија на насилството, други безмилосна сатира на тоталитарните тенденции на модерното општество. Повеќе од половина век подоцна, сепак, станува јасно дека Кјубрик никогаш не бил заинтересиран само за провокацијата. Насилството во неговото творештво ретко е цел само по себе; тоа е средство преку кое ги отвора најнепријатните прашања за нашата природа.
Токму затоа „Пеколен портокал“ денес помалку изгледа како контроверзно остварување од почетокот на 1970-тите, а многу повеќе како визија за цивилизацијата што постепено ја заменува слободата со институционална и технолошка контрола.
Од самиот почеток, главниот протагонист Алекс Деларџ не е претставен како класичен негативец. Тој е интелигентен, духовит и харизматичен, но истовремено суров до степен што предизвикува одбивност. Токму таа противречност ја сочинува суштината на неговиот лик.
Во мистичните и филозофските традиции слободната волја претставува еден од темелните предуслови на човечкото постоење. Без можноста да се избере злото, изборот на доброто ја губи својата морална вредност. Наметнатата доблест престанува да биде доблест; таа станува функција, навика или програма.
Лудовиковата терапија затоа претставува една од највознемирувачките метафори во историјата на киното. На површината изгледа како медицински експеримент, но на симболичко ниво претставува современ ритуал на поробување на свеста. Во тој процес поединецот престанува да биде субјект на сопствената судбина и се претвора во објект врз кој власта експериментира.
Особено е впечатлива врската меѓу Алекс и музиката на Бетовен. За него Деветтата симфонија не е само омилена композиција туку и еден од ретките мигови во кои неговата свест допира нешто возвишено. Во питагорејската традиција музиката претставува одраз на космичкиот поредок, хармонија што поединецот го поврзува со нешто поголемо од него самиот.
Во тие мигови Алекс открива дека ниту најтемната природа не е целосно отсечена од можноста за духовно искуство. Но токму таа врска државата ја уништува. Кога Деветтата симфонија станува дел од Лудовиковата терапија, музиката престанува да биде простор на трансценденција и се претвора во средство за психолошка тортура.
Тоа е една од најсуптилните и најстрашните идеи во делото. Власта не го уништува само злото, таа го контаминира и допирот со убавината. Кога уметноста ќе стане инструмент на репресијата, исчезнува и просторот во кој поединецот слободно може да ја почувствува сопствената духовност.

Токму затоа Кјубриковата визија денес изгледа можеби уште поактуелно отколку во 1971 година. Во ерата на алгоритмите, дигиталниот надзор, вештачката интелигенција, манипулацијата со информации и психолошкото моделирање на однесувањето, неговото предупредување добива нова тежина. Контролата станува најсофистицирана токму тогаш кога престанува да изгледа како таква.
Како и во „Одисеја 2001“ („2001: A Space Odyssey“), Кјубрик повторно ја истражува еволуцијата на свеста. Но ако во „2001“ таа се движи кон ново, космичко ниво на егзистирање, во „Пеколен портокал“ се случува спротивниот процес. Наместо духовно воздигнување следува регресија; наместо проширување на свеста, нејзино контролирано стеснување.
Алекс не станува подобар. Тој се претвора во празна форма, лишена од најважниот предуслов на она што нѐ прави луѓе — можноста да избира и за својот избор да ја преземе сопствената одговорност.
Во алхемиската традиција секоја вистинска преобразба започнува со соочување со сопствената сенка. Само оној што доброволно ќе ги препознае своите најскриени импулси може да ги преобрази во нешто повозвишено. Алекс навистина минува низ страдање, но никогаш не добива можност за вистинска катарза и самоспознание. Неговото „прочистување“ е наметнато однадвор и токму затоа бива суштински празно.
Во тоа лежи и една од најсилните критики што Кјубрик ги упатува кон модерната цивилизација. Општествата честопати повеќе се заинтересирани за функционални и послушни граѓани отколку за слободни личности. Полесно е да се произведе дисциплина отколку да се изгради карактер; полесно е да се регулира однесувањето отколку да се поттикне морална одговорност.
Но цивилизацијата што ќе ја жртвува слободната волја во име на редот и стабилноста постепено ја губи и сопствената хуманост.

Малку филмови успеале толку темелно да излезат од рамките на кинематографијата и да се претворат во автономен културолошки феномен. „Пеколен портокал“ одамна е дело што се препознава на прв поглед, дури и надвор од контекстот на самиот филм.
Неговото влијание врз музичката сцена е особено забележливо. Од глам-рокот и панкот до постпанкот, синт-попот и индустриската музика, естетиката на филмот постојано се враќа како препознатлива симболичка матрица.
Меѓу уметниците што најсилно ја препознале таа енергија е Дејвид Боуви. Врската меѓу Боуви и „Пеколен портокал“ е многу повеќе од обично артистичко цитирање. Естетиката на Алекс Деларџ претставува една од важните состојки во формирањето на алтер егото Зиги Стардаст (Ziggy Stardust), негова гламурозна, сексуално амбивалентна и театрално преобразена варијација.
Влијанието не останува само на нивото на имиџот. Боуви ја користи и лексиката на надсат (nadsat), сленгот на деликвентите, од „Suffragette City“ до „Girl Loves Me“ на неговиот тестаментален албум „Blackstar“. Дистопијата останува присутна во неговиот имагинативен свет до самиот крај на кариерата.
Боуви и Кјубрик, меѓу другото, ја делат и фасцинацијата со поединецот како конструиран идентитет. Алекс Деларџ е перформер на сопственото насилство; Зиги Стардаст е перформер на сопствената митологија. И двајцата постојат на самата граница меѓу личноста и маската. Во тој контекст, „Пеколен портокал“ може да се толкува и како еден од предвесниците на поп-културата во која идентитетот сè повеќе станува стил, костим, гест и перформанс.
Интересна за разгледување е и сродноста во креативните стратегии со англискиот режисер Кен Расел. И двајцата автори творат во период кога британскиот филм постепено се оддалечува од традиционалниот реализам и навлегува во територијата на провокацијата, сексуалната трансгресија, гротеската и радикалната стилизација.
Кај Расел, ексцесот е експлозивен, барокен, телесен и намерно претеран. Религијата, сексот, музиката и историјата се судираат во визуелни ерупции во кои границата меѓу возвишеното и кичот исчезнува.
Кај Кјубрик, напротив, ексцесот е дисциплиниран. Тој е внимателно организиран, симетричен, речиси математички контролиран. „Пеколен портокал“ е истовремено диво и прецизно остварување: светот на Алекс е исполнет со насилство, сексуалност и гротеска, но сето тоа е вткаено во строго организирана кинематична архитектура.
Оттука, можеби, произлегува и неговото огромно естетско влијание, како и постојаното цитирање и реинтерпретирање. Препознатливиот стилски код се појавува во други филмови, музички спотови, телевизиски серии, модни колекции, фотографии, графички дизајни и сценски настапи. Неговото наследство продолжува да се разгранува низ различни жанрови и генерации, токму затоа што иконографијата успеала да се наметне како самостоен културен феномен.
Во тоа лежи и безвременската големина на „Пеколен портокал“. Тоа не е дело само за криминалот или младешката деликвенција, ниту само за политиката во нејзината потесна смисла. Тоа е современа парабола за вечната борба меѓу духот и механизмот, меѓу слободата и контролата.
Токму затоа ова остварување ќе остане запаметено како едно од врвните достигнувања на Стенли Кјубрик и едно од највлијателните дела во историјата на седмата уметност. Неговото суштинско прашање и денес останува исто, едноставно и застрашувачко: дали може да постои вистинска добрина ако таа е наметната?
Во тој парадокс се наоѓа алхемијата на „Пеколен портокал“. Во сознанието дека вистинската преобразба не може да биде програмирана, бидејќи без слободната волја, и најскапоценото злато на душата се претвора во механичка творба.






























