Фото: ЕПА

Како Хутите и Ал Шабаб создаваат и влегуваат во заеднички безбедносен простор на Блискиот Исток

  • Не треба да се очекува идеолошкиот антагонизам меѓу различни џихадистички и шиитски вооружени движења автоматски да ги спречи нивните оперативни договори! Напротив, колку повеќе регионалниот конфликт се интернационализира толку повеќе заедничкиот непријател може да стане поважен од традиционалниот секташки антагонизам

Новиот тренд на тероризмот на Блискиот Исток се нарекува – „високофункционална симбиоза“, а се отсликува преку соработката помеѓу Хутите и сомалискиот Ал Шабаб. Но најзначајниот аспект на продлабочувањето на односите меѓу јеменските Хути и сомалискиот Ал Шабаб не е самото постоење на контакти меѓу две ултрарадикални вооружени организации. Таквите контакти, засновани врз трговија со оружје, шверц и посреднички мрежи, не се новост во регионот. Она што заслужува особено внимание е можната трансформација на односот од таканаречена „трансакциска соработка“ во „поорганизирано безбедносно партнерство“, во кое секоја од страните обезбедува ресурс што на другата ѝ недостига!

Предупредувањето за функционална фузија на терористичките групи датира
од поодамна

Уште во извештајот на Експертскиот панел на Советот за безбедност на ОН од февруари 2025 година се наведува дека Ал Шабаб развивал „трансакциски или опортунистички“ однос со Хутите. Во извештајот се регистрирани најмалку две средби во Сомалија во 2024 година, на кои претставници на Ал Шабаб барале напредно оружје и обука, додека за возврат се разгледувала можноста групата да ги интензивира пиратските активности во Аденскиот Залив и да ги нарушува поморските движења. ОН истовремено потврдуваат дека оружје од Јемен продолжило да стигнува во областите под контрола на Ал Шабаб. Потоа, подоцнежниот извештај на Експертскиот панел на ОН оди чекор понатаму. Во него се оценува дека соработката меѓу Хутите и Ал Шабаб се интензивирала и дека опфаќа шверц на оружје, техничка обука, оперативни тактики и логистичка поддршка. Панелот притоа предупредува дека јакнењето на овие врски може да претставува растечка закана за мирот и безбедноста не само во Јемен туку и пошироко во регионот.

Од „тактички зделки“ до „стратешко партнерство“

Горенаведениот модел на соработка меѓу двете ултрарадикални вооружени организации има пошироко значење од самата релација меѓу Јемен и Сомалија.
Имено, Хутите поседуваат нешто што Ал Шабаб тешко може самостојно да го произведе. Тоа е пристап до современи системи на оружје, ракетни и беспилотни технологии, техничко знаење и искуство стекнато низ долгогодишна војна со регионални и западни сили.
Ал Шабаб, од друга страна, располага со нешто што Хутите го немаат во иста мера: територијално присуство во Африканскиот Рог, мрежи по должината на сомалискиот брег, локални посредници, нелегални финансиски канали и можност за влијание врз просторот околу еден од најважните светски поморски коридори.
Но многу безбедносни аналитичари истакнуваат дека овие две организации се идеолошки некомпатибилни. Исто така, според аналитичарите, вистинското прашање не е дали Хутите и Ал Шабаб имаат идеолошки заедничка основа. Прашањето е дали интересот, милитантниот прагматизам и заедничкиот непријател можат да ја потиснат идеолошката некомпатибилност. Досегашните сознанија укажуваат дека одговорот е потврден.

Идеологијата како пречка што прагматизмот ја надминува

Хутите ѝ припаѓаат на заидитската шиитска традиција, додека Ал Шабаб е салафистичко-џихадистичка организација и дел од глобалниот екосистем на Ал Каеда. Од класична идеолошка перспектива, нивната соработка изгледа контраинтуитивно. Но современиот тероризам не функционира исклучиво како идеолошки систем. Тој функционира и како мрежна безбедносна економија. Организациите можат истовремено да бидат идеолошки непомирливи и оперативно компатибилни. Заедничкиот непријател создава минимален заеднички именител, а тоа се САД, Израел и западното воено и економско присуство во регионот. На тој прагматичен простор идеологијата престанува да биде пречка и станува секундарна во однос на оперативната корист.
Токму тоа го забележува и Фондацијата за меѓународен мир „Карнеги“ (Carnegie Endowment for International Peace) во својата анализа од 2025 година. Според неа, контактите меѓу Хутите и Ал Шабаб покажуваат како прагматизмот ги надминува идеолошките разлики кога геополитичките цели го бараат тоа. Анализата укажува и на фактот дека двете организации имаат интерес од асиметрично војување и нелегални економски активности. Оттука произлегува важен безбедносен заклучок: Не треба да се очекува идеолошкиот антагонизам меѓу различни џихадистички и шиитски вооружени движења автоматски да ги спречи нивните оперативни договори! Напротив, колку повеќе регионалниот конфликт се интернационализира толку повеќе заедничкиот непријател може да стане поважен од традиционалниот секташки антагонизам. Р.С.


Точки на спојување на големите терористички организации

Стратешкото значење на соработката помеѓу Хутите и сомалискиот Ал Шабаб не може да се разбере без просторната рамка. Имено, Јемен и Сомалија се наоѓаат на спротивните страни на Аденскиот Залив. Меѓу нив се протега еден од најважните морски простори во светот, имено врската меѓу Индиски Океан, Арапско Море, Аденскиот Залив, Баб ел Мандеб и Црвено Море. Токму затоа, она што на мапа изгледа како контакт меѓу две релативно оддалечени милитантни организации, во стратешка смисла претставува спојување на две крајбрежни оперативни зони.

Милитантните организации повеќе не се ограничени на својата национална територија како примарен оперативен простор

Хутите со години го демонстрираат потенцијалот Баб ел Мандеб и Црвено Море да ги претворат во инструмент на воен и економски притисок. Ал Шабаб, пак, дејствува во простор во кој државниот капацитет е ограничен, а долгото и тешко контролирано крајбрежје овозможува шверц, нелегална трговија и движење на луѓе и материјали. Фондацијата „Карнеги“ забележува дека сомалискиот брег станал важен дел од мрежите преку кои се движат оружје и опрема поврзани со Хутите, при што се користат различни крајбрежни точки и посреднички мрежи. Тоа создава нов тип на ризик. Имено, милитантните организации повеќе не се ограничени на својата национална територија како примарен оперативен простор. Тие градат транснационален простор.

Од шверц до размена на воено знаење

Најголемата промена во карактерот на односите е можеби преминот од едноставна размена на оружје кон трансфер на знаење. Оружјето може да биде запленето, уништено или пресретнато. Знаењето е многу потешко да се елиминира. Обуката за беспилотни летала, експлозиви, противвоздушни способности, тактики и логистика значи дека организацијата што прима знаење постепено ја зголемува сопствената автономија. Наместо да биде само купувач на оружје, таа може да стане производител, модификатор и корисник на сопствени системи. Токму затоа информациите за обука на припадници на Ал Шабаб во Јемен имаат поголема тежина од самата испорака на пушки или муниција. Ако овие сознанија се точни и обуката продолжи, тогаш станува збор за пренос на оперативна култура од едно бојно поле на друго. Тоа е многу посериозна закана од класичниот шверц. Експертскиот панел на ОН во 2025 година токму затоа го проширува описот на соработката од оружје кон техничка обука и оперативни тактики. Р.С.


Хутите ја добиваат Африка, Ал Шабаб добива технологија

Стратешката логика на односот помеѓу Хутите и Ал Шабаб е релативно јасна.
За Ал Шабаб, Хутите се потенцијален извор на технологија, оружје и знаење што може да го подигне нивниот оперативен капацитет. За Хутите, Сомалија е потенцијален простор за логистички, финансиски и разузнавачки операции и можен начин за проширување на сопствениот досег кон Африканскиот Рог. Така се создава комплементарност на капацитетите. Едната организација располага со технологија и воено искуство; другата со територијален и човечки капитал во стратешки чувствителен простор. Ова е токму причината зошто Фондацијата „Карнеги“ предупредува дека соработката може истовремено да ја зголеми способноста на Ал Шабаб и да им обезбеди на Хутите дополнителни можности во сомалискиот простор. Во таа смисла, не станува збор само за сојуз меѓу две организации туку станува збор за размена на географски предности. Хутите ја носат технологијата преку морето, Ал Шабаб ја обезбедува длабочината на африканскиот брег.

Пиратството како инструмент на хибридно војување

Особено е значајна можната врска меѓу тероризмот и пиратството. Историски, пиратството во Сомалија најчесто се анализирало како криминална активност мотивирана од финансиски интерес. Но ако пиратските мрежи станат дел од поширока стратегија на вооружена организација, нивната функција може да се промени. Тогаш пиратството станува инструмент на хибридно војување.
ОН уште во 2025 година известија за наводен договор според кој Ал Шабаб би обезбедувал поддршка за пиратски активности, додека за возврат би добивал оружје и техничка експертиза. Овој модел има двојна корист.
Прво, пиратските активности можат да создадат дополнителен приход.
Второ, тие можат да ја зголемат несигурноста на поморските комуникации и да го принудат комерцијалниот сообраќај да користи поскапи и подолги маршрути.
Со други зборови, криминалната активност може да се претвори во -геополитички инструмент. Р.С.


Од терористички групи кон транснационална мрежа

Терористичките организации од XXI век сè помалку треба да се разбираат како изолирани хиерархиски структури. Тие сѐ повеќе личат на флексибилни мрежи што поврзуваат милитантни групи, шверцери, финансиски посредници, криминални структури, трговци со оружје и локални политички актери. Таквата мрежа не бара единствен команден центар. Доволно е различните актери да имаат заеднички интереси.

Оската Хути – Ал Шабаб пример за анализа за форми на поврзување

Во случајот „Хути – Ал Шабаб“, досегашните докази покажуваат токму таква динамика: состаноци, посредници, транспорт на оружје, обука, логистичка соработка и интерес за поморскиот простор. Тоа е многу поопасно од класичниот модел на билатерален сојуз, затоа што мрежата може да преживее губење поединечни посредници. Еден посредник може да биде елиминиран. Каналот може да остане.

Иранскиот фактор

Безбедносната анализа би била нецелосна ако Хутите се набљудуваат изолирано од поширокиот ирански регионален екосистем. Хутите се дел од пошироката мрежа на вооружени актери што Иран ги поддржува или со кои развива стратешки односи. Но тоа не значи дека секоја активност на Хутите автоматски е директно командувана од Техеран. Токму тука треба да се избегне поедноставувањето. Поверојатниот модел е стратешко усогласување со значителен простор за оперативна автономија. Хутите имаат сопствени интереси во Јемен, Црвено Море и Аденскиот Залив. Но нивната воена технологија и нивната способност за ракетно и беспилотно војување не можат да се одвојат од пошироката регионална инфраструктура на иранска поддршка. Затоа евентуалното ширење на хутското влијание кон сомалискиот брег треба да се набљудува и како можност за индиректно проширување на иранското стратешко влијание кон Африканскиот Рог. Истовремено, треба да се нагласи дека доказите за директно оперативно командување на Иран со конкретни контакти меѓу Хутите и Ал Шабаб мора да се разликуваат од доказите за поширока иранска поддршка на Хутите. Тоа разграничување е суштинско за сериозна безбедносна анализа. Р.С.


Зошто ова е проблем и за Европа

Често се прави грешка со тоа што безбедносните ризици од Африканскиот Рог се третираат како далечна регионална тема. Тоа не е така. Аденскиот Залив, Баб ел Мандеб и Црвено Море се дел од транспортниот систем што ја поврзува Азија со Европа. Секое долгорочно зголемување на ризикот во овој простор може да значи:

  • повисоки трошоци за транспорт и осигурување;
  • подолги поморски маршрути;
  • зголемен ризик за енергетските испораки;
  • поголема потреба од воено
    обезбедување на трговските линии;
  • дополнителен притисок врз
    европските економии;
  • зголемена можност за спојување
    терористички и криминални мрежи.
    Затоа прашањето не е само дали Ал Шабаб ќе може да нападне американска или сомалиска база, прашањето е дали постепено ќе се создаде нестабилна безбедносна екосфера по должината на целата оска Јемен–Сомалија–Црвено Море. Ако се случи тоа, тогаш терористичката закана престанува да биде само копнена, таа станува поморска, економска и глобална.

Новата вредност на Сомалија

Во оваа равенка и Сомалија добива ново стратешко значење. Државата со децении се соочува со слаб институционален капацитет, оружени конфликти и ограничена контрола врз делови од територијата. Но токму слабоста на државниот апарат, во комбинација со долгиот и тешко контролиран брег, создава простор што може да го користат транснационални мрежи. Од перспектива на Хутите, Сомалија не е само соседен простор преку море, таа е потенцијална т.н. оперативна длабочина. Од перспектива на Ал Шабаб, Јемен не е само извор на оружје, тој станува потенцијален центар за стекнување воено знаење. Оваа меѓузависност ја менува природата на конфликтот.

Сомалискиот проблем станува дел од блискоисточниот конфликт

Друга важна последица е можноста локалните конфликти да престанат да бидат локални. Ал Шабаб традиционално својата борба ја насочува кон сомалиската држава и регионалното присуство на странски сили. Хутите ја темелат својата политика врз јеменскиот конфликт и регионалната конфронтација со Израел, САД и нивните сојузници. Со нивното приближување се создава можност за прелевање на агендите. Сомалискиот простор може да стане продолжение на блискоисточната конфронтација, додека јеменскиот простор може да стане продолжение на африканските нелегални логистички мрежи. Така се руши традиционалната граница меѓу Блискиот Исток и Африканскиот Рог како одделни безбедносни театри. Тие стануваат еден оперативен простор. Р.С.


Што треба да загрижува најмногу?

Не е најопасна можноста Хутите едноставно да испратат уште едно оружје до Ал Шабаб. Многу посериозна е можноста да се создаде самоодржлива транснационална инфраструктура во која оружјето се произведува или набавува на едно место, се пренесува преку второ, се финансира преку трето, се модифицира во четврто, а се користи на петто… Таквата структура е исклучително тешка за прекинување. А ако во неа се вклучат пиратски мрежи, нелегални финансиски структури, локални трговци со оружје и други вооружени организации, тогаш станува збор за нешто поголемо од сојуз меѓу Хутите и Ал Шабаб. Станува збор за регионален пазар на насилство.

Од „оска“ кон екстремистички екосистем

Токму затоа би било погрешно да се зборува за нова „терористичка оска“ во класична смисла. Поимот оска подразбира релативно цврста политичко-воена структура со координирано лидерство. Она што денес се појавува во Црвено Море и Африканскиот Рог е посложено. Тоа е – екстремистички екосистем. Во него различни организации не мора да делат идеологија. Не мора ниту формално да се подредени една на друга. Доволно е да можат да разменуваат оружје, пари, луѓе, технологија, информации и логистички услуги. Тоа е новата логика на транснационалниот тероризам. И токму затоа е потешко да се спречи.
Соработката меѓу Хутите и Ал Шабаб не треба да се претставува како историски невозможен сојуз што се појавил одеднаш. Достапните извори покажуваат постепена еволуција, и тоа од контакти и трансакции, преку состаноци и трансфер на оружје, кон техничка и логистичка соработка. ОН експлицитно регистрираат интензивирање на тие врски. Тоа е суштинскиот наод. Не станува збор за тоа дека Хутите и Ал Шабаб ги надминале сите свои идеолошки разлики, туку дека во услови на регионална нестабилност, идеолошката некомпатибилност станува помалку важна од оперативната корист. Ал Шабаб добива пристап до технологии и знаење. Хутите добиваат можност за проширување на својата географска и логистичка длабочина. Криминалните мрежи добиваат нови клиенти. Пиратските структури можат да добијат нов политички и финансиски покровител. А регионалниот конфликт добива нов простор. Тоа е причината зошто оваа појава треба да се набљудува не како уште една епизода во долгата историја на блискоисточниот и сомалискиот конфликт, туку како можен премин кон нов модел на транснационално оружено поврзување.

Најголемиот безбедносен ризик

Најголемиот ризик не е создавањето формален сојуз меѓу две терористички организации. Најголемиот ризик е создавањето инфраструктура во која нивната соработка ќе стане толку практична, профитабилна и институционализирана што повеќе нема да зависи од поединци. Тогаш веќе нема да зборуваме за два одделни конфликта на спротивните страни на Аденскиот Залив. Ќе зборуваме за еден поврзан безбедносен простор, од Јемен, преку Аденскиот Залив, до Сомалија и поширокиот Африкански Рог, во кој тероризмот, шверцот, пиратството, прокси-војувањето и геополитичкото ривалство се спојуваат во единствен систем. Токму тоа е развојот што западните и регионалните безбедносни служби имаат причина да го следат со најголемо внимание. Р.С.


Кое е значењето на продлабочувањето на соработката меѓу Хутите и Ал Шабаб за ЕУ и Балканот?

Уште еден безбедносен проблем за Европа!

 

1. За Европа, продлабочувањето на соработката меѓу Хутите и Ал Шабаб не е далечен африканско-блискоисточен безбедносен проблем. Неговото значење се мери со фактот дека се случува токму во просторот низ кој минуваат некои од најважните поморски и енергетски врски меѓу Азија, Блискиот Исток и Европа.
Секоја дополнителна нестабилност во Баб ел Мандеб, Црвено Море и Аденскиот Залив го зголемува ризикот за европските синџири на снабдување, транспортните трошоци и енергетската безбедност. Доколку терористичките и криминалните мрежи успеат трајно да воспостават оперативна поврзаност од јеменскиот до сомалискиот брег, Европа ќе се соочи со уште еден пример на безбедносен проблем што не може да се ограничи на една држава или регион.
Но за Европа постои и втор, помалку видлив ризик – трансферот на знаење. Ако Ал Шабаб преку Хутите стекнува способности за употреба на беспилотни летала, современи комуникации, експлозивни системи и други технологии, тогаш се создава можност тие капацитети со текот на времето да се пренесуваат и кон други организации и криминални мрежи. Технологијата, за разлика од оружјето, не мора да се транспортира физички. Таа може да се пренесе преку луѓе, обука и дигитални канали. Токму тука се појавува и балканската димензија.

2. Балканот не е директна цел на оваа нова соработка, ниту има сериозни индикации дека Хутите или Ал Шабаб во моментов воспоставуваат оперативна инфраструктура во регионот. Но Балканот е дел од европскиот безбедносен простор и од мрежите преку кои се движат луѓе, капитал, стока и информации меѓу Блискиот Исток и Европа. Во услови на засилена миграција, слаби институционални точки, нелегални финансиски канали и присуство на криминални мрежи, секое зголемување на транснационалната терористичка инфраструктура создава дополнителни можности за инфилтрација, регрутација или финансиско посредување. Посебно внимание заслужува спојувањето на тероризмот со организираниот криминал. Ако оружјето, дрогата, шверцот на луѓе, пиратството и нелегалните финансиски трансфери се поврзат со идеолошки мотивирани организации, тогаш класичната поделба меѓу „терористичка“ и „криминална“ закана станува сè помалку корисна. За балканските безбедносни служби тоа значи дека следењето на радикалните мрежи повеќе не може да се ограничува на локалните структури и традиционалните канали на финансирање. Потребно е многу посериозно следење на финансиските текови, посредничките компании, поморската логистика, нелегалната трговија со оружје и врските меѓу криминалните и екстремистичките структури.

3. Постои и поширока геополитичка последица. Доколку Црвено Море и Аденскиот Залив станат трајно нестабилни, европските држави ќе бидат принудени да вложуваат повеќе во заштита на поморските комуникации и енергетските коридори. Тоа значи поголемо европско воено присуство далеку од европскиот континент, во момент кога Европа веќе се соочува со сериозно прераспределување на своите одбранбени ресурси поради војната во Украина. Во таа смисла, развојот околу Хутите и Ал Шабаб е дел од пошироката слика: Европа постепено се соочува со свет во кој повеќе кризи можат истовремено да влијаат врз нејзината безбедност, економија и миграциски притисоци. За Балканот, најважната лекција е превентивна. Не треба да се чека некоја од овие мрежи да се појави физички на Балканот за заканата да биде сфатена сериозно. Доволно е регионот да биде дел од европските транспортни, финансиски и комуникациски системи за да биде потенцијално релевантен за транснационалните мрежи. Затоа новата соработка меѓу Хутите и Ал Шабаб треба да се чита како предупредување за иднината на безбедноста. Имено, терористичките организации повеќе не мора да освојуваат територии за да го прошират своето влијание, доволно е да воспостават мрежи. А кога тие мрежи ќе ги поврзат Блискиот Исток, Африканскиот Рог, поморскиот сообраќај, криминалните финансии и современите технологии, последиците веќе не остануваат регионални. Стигнуваат до Европа. А во крајна линија, и до Балканот. Р.С.