ЕВРОПСКО УНИВЕРЗИТЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО БОРЕЧКИ СПОРТОВИ
Каратистот Петар Заборски петти
Каратистот Петар Заборски го освои петтото место од македонските претставници по првиот натпреварувачки ден на Европското универзитетско првенство во боречки спортови, кое се одржува во Тирана, Албанија. Заборски, кој настапи во тежинската категорија до 75 кг, во борбата за бронзениот медал загуби од Словакот Мартин Цијаки со 4-6. Претходно забележа две победи и пораз. Совладани беа Украинецот Артем Панчук (2-1) и Португалецот Лопез Фернандез Пинеу (3-0), а во третото коло загуби од претставникот на Турција, Омер Фарук Јурур (0-4).
Од другите македонски претставници, Викторија Јовановска (до 68 кг) и Ердона Зибери (над 68 кг) не ја искористија шансата што им ја овозможи репасажот. Вчера на вториот натпреварувачки ден требаше да настапат Вукашин Јовановиќ (до 67 кг), Јована Мицовска (до 61 кг) и Рудина Алиу (до 55 кг). На карате-турнирот настапуваат 306 каратисти од 141 универзитет од 26 држави. Во Тирана се натпреваруваат повеќе од 1.500 студенти спортисти од околу 400 универзитети, кои се натпреваруваат во џудо, карате, таеквондо и кикбокс. Македонската репрезентација се состои од 10 каратисти, а ги предводи селекторот на македонската универзитетска репрезентација Бошко Заборски. Г.И.
ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ВУЕЛТА
Петта историска етапна победа на Бренан
Метју Бренан (21) го продолжи своето извонредно деби на грантур-трките. Британецот со спринт стигна до петтата етапна победа на годинашната велосипедска трка Вуелта, која се вози во Шпанија. Членот на клубот Висма, триумфираше на 17. етапа од Дос Херманс до Севилја во должина од 185 км, со време од 4:07,15 часа. Со тоа, Бренан стана најмладиот возач во историјата што стигнал до пет етапни победи на грантур-трка.
Во генералниот пласман Шпанецот Енрик Мас, кој се стреми кон прва севкупна победа на грантур-трка, ја задржа својата предност од две минути и шест секунди пред Австриецот Феликс Гал, а четирикратниот победник на Вуелта (2019, 2020, 2021, 2024), Словенецот Примож Роглиќ, е трет, со заостанување од две минути и 10 секунди зад водечкиот. Вчера се возеше 18-та етапа (од вкупно 21), односно индивидуалниот хронометар од 32,1 км, што им нуди една од последните можности на ривалите на Мас да ја намалат разликата во однос на лидерот. Г.И.































