Фото: „Нова Македонија“

Продолжува ерозијата на довербата на граѓаните во грчките државни институции

  • Пропадна планот поддржан од ЕУ со кој Атина целеше да ги привлече назад истражувачите по „егзодусот на научниците“ за време на
    финансиската криза во Грција. Се проценува дека 500.000 луѓе се преселиле од Грција во странство за време на финансиската криза во земјата што започна во 2008 година, резултирајќи со пад на економијата за една четвртина и доведувајќи ја невработеноста до 28 проценти, при што во голема мера станува збор за грчки граѓани со високо ниво на образование и барани работни вештини

Обидот на Грција да ги привлече врвните научници назад во нивната татковина по траумата од финансиската криза е во застој откако амбициозната програма за враќање на одливот на мозоци пропадна и се претвори во фијаско. Имено, група професори што се надеваа дека ќе ги вратат младите истражувачи преку програма финансирана со средства од Европската Унија, сега се чувствуваат предадено, откако по повеќегодишно чекање увиделе дека програмата нема да се реализира. Згора, тие велат оти никој од грчката влада не ги информирал дека програмата е згасната. Реномираниот медиум „Политико“ објави истражување на оваа тема.

За иницијативата „Враќање на мозоците“

Иницијативата „Враќање на мозоците“ (Brain Regain) на владејачката конзервативна влада на Нова демократија, за да се направи пресврт од последиците на масовното емигрирање на научници и професионалци од Грција кон сите страни на светот, опфаќаше повеќе мерки. Преку програмата се нудеше „ослободување од данок на доход од 50 проценти во период од седум години“, а и се прошири, за да вклучи висококвалификувани работни места во јавниот сектор.
Се проценува дека 500.000 луѓе се иселиле од Грција во странство за време на финансиската криза во земјата што започна во 2008 година, резултирајќи со пад на економијата за една четвртина и доведувајќи ја невработеноста до 28 проценти, при што во голема мера станува збор за грчки граѓани со високо ниво на образование и барани работни вештини.
И се смета дека било забележано одредено подобрување на состојбата. Според истражувањето на ОЕЦД за грчката дијаспора (OECD Diaspora Review Greece), од 2021 година наваму има постојан пораст на бројот на граѓани што се враќаат во Грција, а 2023 година означува пресвртница кога, за првпат од почетокот на кризата, повеќе луѓе се вратиле отколку што заминале. Поточно, во текот на двегодишниот период 2023-2024 година, 69.000 Грци ја напуштиле својата земја, додека 98.000 се вратиле. Но кога станува збор за научниците, сè уште постои голем проблем поврзан со неисполнетите владини ветувања за финансирање на нивната работа.

Научниците гласно прашуваат каде завршиле парите предвидени за нивно финансирање?!

Сегашниот бес на многумина истражувачи и научници зависи од проектот на грчката влада наречен „Верувај им на своите ѕвезди“ – програма за финансирање истражувања од 80 милиони евра, поддржана од средства од фондот на ЕУ за закрепнување по пандемијата на ковид – Фондот за закрепнување и отпорност (РРФ).
Истражувачките тимови биле повикани да ги достават своите предлози, при што биле избрани 145 од вкупно 1.241 предлог. Тринаесет месеци подоцна, по неколку жалби во врска со доцнење на програмата, избраниот список на проекти бил објавен на 22 јули 2025 година. Оние што не биле избрани за финансирање реагирале жестоко, при што околу 203 поднеле приговори и барања за повторна евалуација. Научниците ги искажале своите загрижености во врска со самиот процес на евалуација, а некои дури и поднеле жалби до канцеларијата на европскиот јавен обвинител.
Во јануари годинава грчкото Министерство за развој издало соопштение во кое се наведува дека исплати од околу 40 милиони евра веќе се извршени и дека преостанатата половина од буџетот на програмата е наменета за завршување до 31 декември 2029 година. Но и натаму биле испраќани жалби, при што некои од избраните за финансирање испратиле формални правни известувања до Министерството за образование, барајќи детали за тоа каде се потрошени парите бидејќи програмата сè уште не била започната.
Потоа било објавено дека програмата повеќе нема да ги добива средствата од ЕУ. Во соопштение објавено во мај, грчкото Министерство за образование соопшти дека Министерството за финансии на земјата одлучило да „го отстрани проектот за време на прегледот на Националниот план за закрепнување и отпорност на Грција“. Подоцна било откриено дека на денот кога официјално бил објавен списокот на избрани предлози, владата исто така ја отстранила програмата од листата – но никој не ги информирал апликантите десет месеци.
– На крајот, не беше можно да се спроведе проектот „Верувај им на своите ѕвезди“ во временската рамка утврдена од РРФ. Поради таа причина, проектот беше отстранет, како дел од прегледот на Националниот план за закрепнување и отпорност од страна на Советот на Европската Унија. Што се однесува на средствата поврзани со предметните акции, тие беа пренасочени за финансирање други акции преземени од РРФ и Министерството за образование. Следствено, под никакви околности немаше губење ресурси од РРФ – рече функционер од Министерството за образование.

Урнисана довербата во државата

На 15 јули грчкото Министерство за финансии издало соопштение во кое се наведува дека се обидува да обезбеди средства „за решавање на сите неплатени финансиски обврски што произлегуваат од законските обврски склучени во времето на укинувањето на програмата“.
Иако соопштението ги разбуди надежите дека ќе се најде решение, професорот на Универзитетот во Атина, Аристидес Хацис, тврди дека тоа било само правен трик и дека Министерството за образование нема законска обврска бидејќи не се потпишани договори по првичното објавување на прифатените предлози.
– Она што се случи го крши фундаменталниот принцип, оној што е свет во државите управувани од владеењето на правото, за легитимната доверба на граѓанинот во државата. Можеби нема договорна одговорност, бидејќи не потпишавме договор, но постои политичка, морална, па дури и законска обврска. Многу млади луѓе одбија други понуди или не прифатија работа на друго место затоа што се надеваа дека ќе бидат платени преку програмата – рече Хацис.
Тој додаде дека со справувањето со ситуацијата, владата успеала да ја сврти целата научна заедница против неа – и оние што биле успешни и оние што не биле.
– Ако сте млад научник и сте во странство, останете таму! Ако сте млад научник и размислувате да се преселите во странство, слободно. Не чекајте! – напиша Хацис во долга објава на социјалните мрежи.
Пантелис Камас, вонреден професор на Атинскиот универзитет за економија и бизнис, кој беше ководач на еден од тимовите што имаа успешен предлог, рече дека програмата е хроника на претскажана смрт.
– Перцепцијата во научната заедница беше дека ова се пари од ЕУ и дека може да се доделат брзо преку нетранспарентни процедури. Постоеше чувство на недоверба бидејќи ова беше еднократна програма за итни случаи. Министерството немаше организирана рамка за евалуација, приговорите на академската заедница се темелеа на овие добро познати недостатоци, а медиумите што се обидуваат да се спротивстават на владата скокнаа на тоа. Ова беше совршена бура, па владата одлучи да се повлече и да ја откаже програмата – рече Камас.
Петрос Бурас-Валијанатос, вонреден професор по историја на науката на Универзитетот во Атина, рече дека собрал тим од 25 млади научници што дошле во Грција од земји како Велика Британија и Германија за студија за лекови што се користеле за време на византискиот период, што би можело да послужи како инспирација за нови фармацевтски формулации. За среќа, тие веќе не патувале до моментот кога проектот беше откажан.
– Најнавредливо е што владата никогаш не се потруди да се сретне со нас или да ни даде разумно објаснување за тоа што се случило – рече тој, истакнувајќи дека справувањето на владата создало уште поголеми проблеми со научната заедница од оние што веќе постоеле.
Самиот Бурас-Валијанатос се вратил во Грција во 2022 година, по 15-годишна кариера во Единбург, Шкотска, бидејќи сакал да ги одгледа своите деца во својата татковина. Сепак, тој додаде дека иако многумина други сакале да се вратат во Грција, условите за тоа не биле исполнети.
– Нема сериозна политика од страна на грчката држава за враќање на своите научници – тврди Бурас-Валијанатос.
Според прелиминарните статистички податоци, трошоците за истражување во Грција се намалиле, паѓајќи на 1,27 милијарда евра – или 0,51 процент од БДП во 2025 година, од 1,3 милијарда евра во 2024 година.
– За време на финансиската криза имаше само една област во која се инвестираа пари: истражување, бидејќи ЕУ го приоритизираше тоа. Сега нема ништо, тоа е на самото дно од листата на приоритети – изјави Хацис.
Бурас-Валијанатос смета дека е потребно независно тело да одлучува за парите за научни истражувања.
– Финансирањето и ниските плати се голем проблем. Треба да се формира независно тело што ќе одвои средства за истражување и ќе се придржува до меѓународните стандарди во однос на евалуацијата. Ние сме мала земја, сите се познаваме, па затоа голем дел евалуатори треба да бидат странци – смета Бурас-Валијанатос. Р.С.