- Образованието е прашање на национална безбедност, економска конкурентност, демократска зрелост и, во крајна линија, на слобода на една личност да мисли со сопствена глава
Резултатите од ПИСА 2025 не се само оценка на учениците. Тие се огледало на општеството што ги воспитува, образова и подготвува за иднината. А огледалото за европското образование не е пријатно. Според најновото истражување на ОЕЦД, меѓу 2015 и 2025 година просечниот резултат по читање во земјите на ОЕЦД (Организација за економска соработка и развој, моментално има 38 земји членки, а Македонија не е членка на организацијата) паднал за 28 поени, што одговара на приближно една и пол година учење. Математиката паднала за 22 поена, односно за нешто повеќе од една година учење. Тоа не е само проблем на училиштата.
Кога децата престануваат да читаат со разбирање, кога математиката станува неразбирлива, кога природните науки се сведуваат на меморирање факти, а критичкото мислење се третира како непотребен луксуз, не исчезнува само знаењето, исчезнува способноста на една генерација да ја разбира сопствената реалност. А општество што не ја разбира реалноста станува лесен плен на манипулацијата. Затоа образованието не е само уште еден владин ресор, уште еден буџетски корисник или уште една тема за дневнополитички препукувања. Тоа е прашање на национална безбедност, економска конкурентност, демократска зрелост и, во крајна линија, на слобода на човекот да мисли со сопствена глава. А овој европски и светски тренд на деконструкција на образованието е вклучително и македонски. И ние имаме сериозен проблем.
Имено, македонските ученици на ПИСА 2025 постигнале просек од 357 поени по читање, 380 по математика и 378 по природни науки. Во сите три области резултатите се под просекот на ОЕЦД. Само 26 проценти од учениците во Македонија достигнуваат барем основно ниво на компетентност во читањето наспроти 69 проценти во ОЕЦД. Во математиката уделот е 32 проценти наспроти 65 проценти во ОЕЦД. И уште поважно. Во споредба со 2022 година, математичкиот резултат е понизок, а јазот меѓу најдобрите и најслабите ученици во периодот 2022–2025 се проширил во сите три области. Тоа е предупредување.
Но токму во таа смисла треба да се охрабри и поддржи реформската ориентација на Министерството за образование и наука. Таму се гледа амбицијата да се промени системот. Министерството најави промени во наставните програми и учебниците, јакнење на компетенциите на наставниците, подобрување на инфраструктурата, професионален развој и посилно поврзување на образованието со реалните потреби на општеството и стопанството/економијата. Министерството подготвува и нова стратегија за образование 2026–2032, а реформите се прошируваат и кон високото образование и науката, со нова законска рамка за квалитет, евалуација и научноистражувачка дејност. Тоа е вистински исчекор, но мерливи се резултатите кога ќе стигнат. Намерата е во ред, а валоризирањето на стремежите е по резултатите. Нам ни требаат резултати заради сопствената одржливост, сигурност, безбедност по сите основи. Затоа не е на одмет сите да ја имаме на ум изреката од денешниот стожерен текст за образованието отпечатен на страниците на нашиот весник: „За да се уништи една нација, не се потребни атомски бомби или ракети со долг дострел. Доволно е да се намали квалитетот на образованието и да им се дозволи на учениците да мамат на испитите. Тогаш пациентите ќе умираат во рацете на таквите лекари, зградите ќе се рушат поради таквите инженери, парите ќе се губат во рацете на таквите економисти и сметководители, човечноста ќе умира во рацете на таквите верски учители, а правдата ќе исчезнува во рацете на таквите судии…“
Ова можеби звучи како предупредување, но всушност е дијагноза на едно општество што полека се откажува од сопствената иднина. Нацијата не се уништува само со војни. Доволно е систематски да се потценува знаењето, трудот и одговорноста. Кога мамењето станува „снаодливост“, а нечесноста се наградува со оценка, диплома и работно место, тогаш проблемот одамна ги надминал училишните клупи. А проблемот навистина е многу подлабок и поширок. Имено, веќе подолг временски период сме сведоци на процеси и индикатори што упатуваат на сериозни промени во начинот на кој се разбираат образованието, човекот и општеството. Политиките на глобализација и транснационализација, отворањето кон глобалниот пазар, либерализацијата и дерегулацијата, како и постепеното менување на традиционалните вредности на индивидуата и колективитетот, создадоа амбиент во кој критичката мисла сè потешко наоѓа простор. Последиците од таквите долгорочни процеси може да се согледаат и преку различни показатели, вклучувајќи ги и резултатите од меѓународните тестирања на учениците. Но прашањето на сѐ уште доминирачката западна идеологија е каков човек и каков граѓанин произведува актуелниот образовен систем.
Кога економските и технолошките процеси почнуваат да го потиснуваат човекот како мислечка, историска, културна и морална личност, тогаш веќе не станува збор само за образовна политика, станува збор за сериозен политички, општествен и цивилизациски проблем. Ако образованието се сведе на производство на „корисни идиоти“, на човечки капитал приспособен исклучиво на потребите на пазарот, тогаш неговата суштинска мисија е осакатена. Човекот не е само инструмент, ресурс или алатка тој е и носител на достоинство, паметење, јазик, култура, морал, припадност, слободна волја и одговорност кон заедницата. Тој не е само економски субјект туку и историско и политичко суштество. Затоа, образованието не смее да биде подредено единствено на логиката на пазарот, ниту неговата вредност да се мери само преку продуктивноста, вработливоста и економската корисност на поединецот. Тука лежи една од најголемите опасности на некритичкото прифаќање на еден актуелен глобален образовен и општествен тренд, а лежи и трендот на негово преиспитување. А преиспитувањето веќе тргна, со надеж дека ќе биде како лавина. Надежта е дека промените на подобро во образованието наскоро ќе имаат резултат и кај нас. Заради нас самите.
































