Претседателката Гордана Силјановска Давкова денеска додели Орден „8 Септември“ на Јордан Плевнеш и Раде Сиљан, како и постхумно на Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски, пренесе МИА.
На свечената церемонија во Вила „Водно“, претседателката истакна дека петтемина добитници зад себе оставиле значајни дела кои ги надминуваат границите на жанрот, времето и уметничкиот израз.
-Петтемина добитници на Орденот „8 Септември“ оставија дела што не се ограничени на еден жанр, на сцена, една книга или едно време. Тие создаваа, истражуваа, преведуваа, играа, сликаа, но зад сите тие различни облици на творештво останува нешто заедничко: трагата не исчезнува со завршувањето на едно дело, туку продолжува да живее преку оние што го читаат, гледаат, изучуваат и паметат – порача Силјановска Давкова.
Во својот говор претседателката нагласи дека 8 Септември не претставува само историски датум или завршено минато, туку и трајна обврска што секоја генерација ја презема – да ја чува, гради и унапредува државата што ја наследила.
Според неа, државата не е само збир од институции, туку произлегува од граѓаните и ним им припаѓа.
































