Во периодот на распадот на Социјалистичка Федеративна Југославија и годините на осамостојувањето на Република Македонија бев генерален директор на НИП „Нова Македонија“, најголемата новинско-издавачка куќа во државата. Од таа позиција бев во можност секојдневно да ги следам настаните, политичките случувања, партиските договори и одгласите на јавноста. Значи, може да се рече дека сум бил активен учесник и сведок во тие пресвртни историски настани на македонскиот народ и неговата државност. Соодветно на сознанијата, слободен сум да изнесам мои определени впечатоци и мислења за неколкутемина личности што го водеа процесот на осамостојувањето, односно референдумот.

Киро Глигоров…

Во каков било контекст да се посматраат тие настани и личности, без сомнение првото место му припаѓа на Киро Глигоров, првиот претседател на независна, суверена Република Македонија. Беше вистински диригент на големиот ансамбл, ладен, смирен, одмерен. Умееше да лавира меѓу двете главни страни – меѓу силното националистичкото ВМРО-ДПМНЕ на Љупчо Георгиевски и посткомунистичките сили предводени од СДСМ, со Бранко Црвенковски, либералите на Стојан Андов и социјалистите на Киро Поповски. Претпазлив и недоверлив кон првите, поотворен за консултации со вторите. Беше велемајстор да ја контролира владата и да им ја одржува соработката со Собранието, да не дојде до конфликт меѓу Кљусев и Андов, два спротивни карактера и различни темпераменти. Умешно ја смируваше наелектризираната атмосфера со ЈНА, не дојде до сериозни инциденти, за кои фалеше само едно чкорче. На Глигоров може да му се ставаат разни замерки за подоцнежниот период, може да се критикува за неговиот политички карактер и односот кон некои стари кадри, но тој е човекот број еден во македонската држава во тој период. Не само по функција туку и по дело.

Во месеците јули-август 1991 година бев неформален член на едно мешовито тело за организирање и спроведување на референдумот. Тоа беше, всушност, оперативниот проширен консултативен штаб за негово практично реализирање. Телото го сочинуваа претставници на владата на чело со Никола Кљусев, нејзин претседател, неколкумина министри, пратеници, претставници на партии и владини пониско рангирани службеници. Присуствуваа и безгласни претставници на некои помали партии, повеќето како декор за поддршка и покритие за раѓањето на демократскиот плурализам. Бев повикуван да слушам што треба по тоа важно прашање да прават изданијата на „Нова Македонија“, а истовремено да бидам критикуван за тоа што не ги слушам владините препораки на начин и во обем како што тие посакуваа.

Присуствував на две средби во Скопје одржани во старото седиште на владата (зградата до Инвалидскиот дом) и на една во претседателската вила крај Охридско Езеро. На широката тркалезна маса во Скопје седев меѓу министерот за внатрешни работи Јордан Мијалков и пратеникот Фаик Абди, а еднаш до министерот за одбрана Ристо Дамјановски. До кого сум седел во Охрид сум заборавил, но се сеќавам дека тоа беше поголем собир, на кој присуствуваа и директорите и главните уредници на други медиуми. На средбите (работните состаноци) се чувствуваше наелектризирана атмосфера. Стануваше збор за многу сериозен потфат полн со непознаници. Владата, и самата уплашена од предизвиците и неизвесностите, знаеше што сака да направи, но не знаеше како да го направи тоа. Бидејќи повеќето од присутните министри немаа политичко искуство зад себе се ширеа една внатрешна нервоза и воочлива нетрпеливост меѓу оние што беа на страната за брзи чекори кон независноста и оние што беа скептици, односно беа на мислење да не се избрзува со тој чин.

Никола Кљусев…

Претседателот на владата, Никола Кљусев, навистина беше ангажиран и посветен да се завршат задачите што побрзо и подобро. Особено енергичен, но не многу трпелив кон различните мислења што укажуваа на потреба од толерантност, рамноправност и меѓусебно почитување. Во некои нервозни моменти знаеше да го прекинува говорникот, да употребува зборови на навреда, на закани за одмазда, дури до нечие апсење ако се оцени дека се спротивставува на владините ставови. Една од тие закани ми беше упатена и лично пред сите присутни. Распнат меѓу исполнување на обврските кон ВМРО-ДПМНЕ и од нужните рационални релации со претседателот Глигоров, експлозивниот Кљусев напати мораше да ги смирува своите страсти на сопствена штета. Сепак, неговата личност и улога во референдумот се од трајна вредност.

Блаже Ристовски…

Покрај Никола Кљусев, главната ударна сила, мисловна и реторичка, но истовремено ризична, беше во рацете на потпретседателот на владата Блаже Ристовски, вербално еден од најзагреаните за експресно решение. Можеби е претерано да се рече дека Ристовски беше духовниот фанфар на тој чин, но тој беше оној што го диктираше набојот за електризирање на атмосферата во целиот процес. Колку што внесуваше национална патетика толку носеше и пораки на застрашување. Од она што Кљусев го кажуваше во неколку жалопојни или славопојни реченици, изговорени наизменично, Блаже правеше цела драма. Кљусев, Ристовски и другата група министри не извираа од првите редови на ВМРО-ДПМНЕ, но беа избрани во владата по предлог на таа партија. Некои од нив го носеа бремето на „стари вмровци, дури и бугараши“ дел на информбировски затвореници, други на соработници на УДБА… Нешто можеби во тоа имаше вистина, а нешто беа намерни подметнувања…

Атмосфера на штрек и со висок степен на стрес

Министрите предложени од СДСМ на Бранко Црвенковски и од либералите на Стојан Андов во (од) ова тело, и воопшто, или не беа повикувани или беа ставани на маргините, на не толку важни „столчиња“. Кљусев и неговиот министерски состав бегаа како од оган од бившите кадри. Новите отворено не поднесуваа сѐ што било поврзано со комунистичкото владеење, иако повеќето од нив и самите дотогаш биле членови на Сојузот на комунистите. Не само што не ги поднесуваа туку таа неподносливост и јавно ја манифестираа. Исклучок беше претседателот Глигоров, кон кого, ако може така да се рече, имаа поданички однос. Некои од нив јавно го критикуваа и плукаа, но зад завесата му се клањаа. Во таква констелација на поранешните високи кадри не им се даваше широк простор ниту некое поголемо значење. Васил Тупурковски, кој до појавата на Киро Глигоров беше најпопуларниот политичар во Македонија и кому му предвидуваа најблескава политичка иднина во новата држава, полека-полека го туркаа на маргините, му го гаснеа сјајот и го изолираа на еден или друг начин. Иако беше член на претседателството на СФРЈ, околностите што владееја, националните политики што преовладуваа, не оставаа простор за негова нова национална ангажираност.

Петар Гошев, Бранко Црвенковски, Ратка Димитрова…

Петар Гошев, една од првите ластовици на македонската политичка пролет, еден од првите кадри од комунистичките редови што навестија независност, неколку месеци претходно беше сменет од претседател на СКМ – партија за демократска преродба. Беше само пратеник, далеку од своите поранешни сопартијци, уште подалеку од новите кадри на најмакедонската партија. Влошени беа неговите односи и со Глигоров, така што не беа користени неговите погледи и ставови.

Бранко Црвенковски беше нов лидер на Социјалдемократскиот сојуз (бивши СКМ-ПДП), неговата активност се одвиваше главно преку пратеничката функција. Кај новата влада не уживаа доверба Киро Поповски, Тито Петковски, Благоја Ханџиски, Јован Андонов, Никола Поповски, Лазе Китановски, ниту пак некој што бил во претходните еднопартиски влади. Некои од нив одржуваа блиски врски со претседателот Глигоров, но кај владата на Кљусев не беа добредојдени гости ниту прифаќани како добронамерни советници.

Мене особен впечаток ми оставаа ангажираноста, жестокоста во настапите и содржината на говорите на Ратка Димитрова, тогашна координаторка на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Оваа одлична виолинистка, професорка на Факултетот за музичка уметност, тогаш на 50-годишна возраст, беше моторот на партијата на овие средби. Димитрова учествуваше со пламени дискусии, кои присутните ги слушаа со внимание и ги прифаќаа без збор. По нејзините огнени говори, секоја дебата со неа или со нејзините ставови беше сосекувана уште пред да почне. Имав лично чувство дека таа е страв и трепет во партијата, во некоја смисла посилна и посигурна дури и од неприкосновените Љупчо Георгиевски, Борис Змејковски и Доста Димовска.

Георгиевски, тогаш на функцијата потпретседател на претседателот, остро навиваше за брзо донесување одлука за осамостојување без да води сметка на можните последици или воени опасности. Ја диктираше и одржуваше тензијата на постапките на ВМРО-ДПМНЕ, ја користеше секоја пригода да изрази сомневање во конечниот резултат на референдумот, беше преоптоварен со стравот дека што и да се случува, Македонија ќе биде доведена под власт на Србија.

Стојан Андов…

На крајот, не по вредност или по азбучен ред, останува Стојан Андов, тогашен претседател на Собранието на Република Македонија, втор по уставна хиерархија, гледан како природен наследник на Глигоров. Искусен во политички игри, упатен во детали за Уставот и собранискиот деловник, во ниту еден момент не беше надвор од центарот на вниманието. Кај што требаше да сопира – сопираше, кај што требаше да забрзува, забрзуваше. Неговата улога речиси редовно беше подведена под сомневање за можно сплеткарење. Тоа сомневање беше сведено на една реченица – што сака човекот. Неговите односи со Глигоров не беа другарски туку службени, кон Кљусев и Црвенковски се однесуваше со потценување, не ги сметаше дораснати за сложеноста на прашањето за осамостојување. Повеќето беа убедени дека Андов од петни жили се труди Македонија да остане во некаква идна Југославија отколку да биде независна.
Но тој сомнеж ги следеше сите – од првиот до последниот, само на различен начин и од различни извори. Сомневањето кон него остана до крајот на неговиот мандат и подоцна и поради една негова, можеби непромислена постапка. Вечерта кога се објавуваа резултатите и кога се славеше независноста, Андов не беше во Скопје на бината. Бил во Грција. Во своите мемоари „На мој начин“ вели дека посетата била однапред планирана поради најавите дека е можно од страна на Грција да бидат прекинати услугите на солунското пристаниште. Му било сугерирано дека најдобро е посетата да биде направена на 9 септември 1991 година, на отварањето на саемот во Солун, каде што биле договорени средби со претседателот на Комората за Северна Грција и генералниот директор на солунското пристаниште. Затоа уште вечерта на 8 септември делегацијата по ноќевањето во Дојран, утрото се упатила кон Солун. Освен ова, до денес нема некое ново објаснение зошто претседателот на Собранието предвреме замина во Грција, без да се радува на прогласувањето на независноста.

Вечерта на 8 септември, при прогласувањето на успешноста на референдумот, на свечената бина не беа ниту некои угледни политички, културни или спортски лица познати во Македонија. Немаше претставник на Албанците! Одговорот на прашањето зошто беше така – сѐ уште виси во воздухот на независна и суверена Република Македонија, сега преименувана во Северна.

(крај)

Конфликтите со ЈНА, неспособноста на Европа и последните денови
Повикот на ВМРО-ДПМНЕ
Македонија во бурите на југословенскиот распад
Патот кон осамостојувањето: Прашањето и датумот