Фото: Министерство за европски прашања

Проширувањето на Европската Унија повеќе не е само политички избор, туку геополитичка неопходност и инвестиција во безбедноста, стабилноста и конкурентноста на Европа, порача првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали, на неформалниот состанок на Советот за општи работи на ЕУ во Даблин.

На сесијата посветена на проширувањето учествуваа министрите на земјите членки на ЕУ, како и претставници на земјите кандидати и партнери. Во фокусот беа забрзувањето на реформите и зајакнувањето на институционалните капацитети.

Сали нагласи дека Македонија останува цврсто посветена на европската интеграција, спроведувањето на реформите и целосното усогласување со европските вредности и политики.

Говорејќи за пристапниот процес, тој ја истакна важноста на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, која, според него, претставува еден од клучните столбови на европската трансформација на земјата и придонесува за унапредување на законодавството, економијата и јавната администрација.

Како главни предизвици, Сали ги посочи ефикасното спроведување на реформите, особено во областа на владеењето на правото, судството, борбата против корупцијата и реформата на јавната администрација.

Тој ја поздрави визијата на еврокомесарката за проширување, Марта Кос, за поамбициозен модел на постепена интеграција. Според Сали, ваквиот пристап би овозможил земјите кандидати постепено да се вклучуваат во политиките, програмите и делови од Единствениот пазар на ЕУ и пред полноправното членство.

Сали оцени дека постепената интеграција може да го забрза процесот на подготовка за членство, да донесе конкретни придобивки за граѓаните и бизнисите и да ја зајакне довербата во европскиот процес.

Воедно, тој повика на посилна и покоординирана поддршка од земјите членки преку директна експертска помош, инструментите TAIEX и Твининг, како и преку подолгорочен ангажман на европски експерти во домашните институции.

Сали порача дека пристапниот процес треба да остане правичен, предвидлив и заснован на заслуги, при што реформите и тешките политички одлуки треба да бидат проследени со конкретен напредок.

 – Македонија ја избра Европа. Подготвени сме да го исполниме нашиот дел и очекуваме посветеноста, реформите и резултатите да бидат препознаени со напредок. Инвестирањето во нашите капацитети е инвестиција во идна земја членка и во посилна Европа – истакна Сали.