Дигитално реставрираниот филм „Солунските атентатори“ во режија на Жика Митровиќ премиерно ќе биде прикажан на отворањето на фестивалот на филм, музика и уметност „Нем филм 2026“, кој ќе се одржи од 10 до 15 септември во Кинотеката на Македонија. Филмот е најновото издание на кинотеката во рамките на нејзината програма за дигитална реставрација на македонски филмови, што е една од заложбите на кинотеката за зачувување на македонското филмско наследство.

„Солунските атентатори“ се вбројува меѓу најуспешните историско-акциони филмови од југословенската кинематографија. На фестивалот на југословенскиот игран филм во Пула во 1961 година, филмот ја доби традиционалната награда на публиката „Јелен“, а сценографот Диме Шумка е одликуван со Специјална поединечна диплома за сценографија. Исто така, режисерот Жика Митровиќ добил и признание од жирито за успешно негување на акциониот жанр во домашниот филм, со што филмот ја потврдил својата значајна уметничка и продукциска вредност. За дигиталната реставрација на филмот „Солунските атентатори“ ќе зборува Владимир Павловски, декан на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а специјален гостин ќе биде филмскиот критичар Дејан Дабиќ, уметнички директор на Мартовскиот фестивал.

Фестивалот, кој оваа година се одржува по шести пат, носи и посебна целина посветена на немиот и класичниот филм, со која повторно се нагласува потребата од курирано присуство на филмското наследство во современиот културен простор. Оваа фестивалска програма е дел од богатата септемвриска филмска понуда на кинотеката, која оваа година го слави својот голем јубилеј. На програмата се ретки проекции на антологиски дела од филмското наследство.

Фестивалот ќе понуди и уникатна филмска проекција на кратките филмови на Алис Ги, која се вбројува меѓу жените пионери на светската кинематографија, а музички ќе бидат придружувани од страна на музичарот Андреј Татарчевски. Оваа програма ја реализираме со поддршка на Францускиот културен центар од Скопје. Годинашното издание вклучува и дел од филмскиот избор од ретроспективната програма на „Берлинскиот филмски фестивал“, именувана „Загубени во 1990-тите“, реализиран во соработка со Друштвото за македонско-германско пријателство и соработка. Дел од програмата ќе биде посветен на големиот Буњуел. С.Ј.