Човекот што ќе ја обликува непосредната политичка иднина на Шпанија влезе во соба од шест квадратни метри, допирајќи го дебелото стакло што го одвојува од неговите посетители, велејќи дека во затвор научил оти тоа означува почит. Станува збор за Ориол Жункерас, поранешниот потпретседател на шпанската покраина Каталонија, кој ги помина последните 14 месеци зад решетки, чекајќи го неговото судење, пренесува европското издание на магазинот „Политико“.
Тој е обвинет за бунт и за злоупотреба на јавни средства, и се соочува со затворска казна од 25 години, со што претставува централна фигура во можеби најважниот судски случај во историјата на Шпанија. Тој е меѓу 12-те владини претставници, законодавци и граѓански лидери што ќе се појават пред Врховниот суд на Шпанија годинава, во врска со обвиненијата за каталонскиот референдум за независност, одржан во октомври 2017 година.
Судот кој ќе го води процесот (ќе биде емитуван во живо на телевизија) се состои од 12 судии, кои ќе одлучуваат за судбината на луѓето обвинети за најголемата политичка криза во државата во изминатите 40 години.
– Судењето е важно, многу важно. Наша обврска претставува, судењето, кое нема да биде фер, да стане лост за демократски промени, во државата која назадува во смисол на демократијата – порача Жункерас од затворот што се наоѓа на 70 километри од Барселона.
Тој смета дека е неправедно кривично гонет.
– Моите деца можеа да го видат татка си на само 36 часа во изминатата година, само затоа што одлучив да го бранам правото на глас – вели каталонскиот лидер.
Но, шпанското обвинителство не се согласува со Жункерас. Во неговото обвинение е опишан „заговорот на каталонската влада, партиите за независност и на сецесионистичките граѓански оргнизации, чија цел била да се натера државата да го прифати одвојувањето на дел од нејзината територија, во што безмалку и успеале“. Во надлежните шпански институции, сепак, постои несогласување околу висината на затворската казна, со што постојат барања за полесно обвинение (наместо за бунт) што би значело 12 години во затвор.
– Единствено би прифатил ослободување – категоричен е Жункерас, кој додава дека не би барал помилување доколку биде прогласен за виновен, бидејќи, според него, тоа би било слично со признавање на вината.
Судењето предизвика дебата и за ефектите што би можело да ги има врз политичката ситуација во Каталонија. Се јавуваат мислења оти затворските казни би можеле да ги засилат тензиите, додека други сметаат дека каталонските лидери треба да се соочат со законот.
Жункерас има големо политичко влијание и од зад решетки, останувајќи лидер на Каталонската републиканска левица, една од двете водечки сецесионистички партии кои ја формираат каталонската владејачка коалиција. А покрај борбата за слобода и за независност на Каталонија, од која не се откажува, тој се соочува и со борба за политичка доминација со уште еден од каталонските лидери, Карлес Пуџдемон, кој моментно престојува во Ватерло, Белгија.