Фото: „Нова Македонија“

Или: Зошто македонската лекција од исландското „НЕ“ не смее да биде дека мораме да се откажеме од себе за да станеме европска држава…

Исланд не гласаше против Европа, туку гласаше за правото сам да одлучува

На 29 август, Исланд не гласаше дали сака или не сака да биде во Европа. Гласаше нешто многу поконкретно, односно дали сака повторно да ги отвори преговорите за пристапување во Европската Унија. Референдумското прашање беше педантно и политички еднослојно и недвосмислено формулирано: „Дали Исланд треба повторно да ги започне преговорите за пристапување во Европската Унија?“ Одговорот беше 52,8 проценти „не“ и 47,2 проценти „да“, при исклучително висок одзив од 82,5 проценти.
Тоа не е референдум за „излегување од европскиот периметар“. Не е ниту референдум со кој граѓаните одбиле економска, политичка или безбедносна соработка со Европската Унија. Напротив. Исланд останува дел од Европската економска област, има пристап до единствениот европски пазар и е дел од шенгенскиот простор. Неговата економија и општество се длабоко поврзани со европскиот простор.
Но Исланѓаните направија нешто што во дел од македонската јавност како да станува сè потешко да се замисли: ја одвоија Европа од Европската Унија. И уште поважно – ја одвоија европската соработка од откажувањето од дел од сопствената политичка автономија. Тоа е суштината на исландската порака.

Европа не е исто што и Брисел

Во македонската јавна дебата постои една (опасна) искривена логика: Европа=Европска Унија=Брисел=единствен пат кон уредена држава (?!). Ако ја прифатиме таа равенка како политичка аксиома, тогаш секое барање од Брисел автоматски станува „европска вредност“, а секое наше прашање или несогласување автоматски станува „антиевропско“!?
– Ете тука започнува проблемот. Затоа што европската идеја не е создадена за да ги поништи европските народи, туку за да овозможи тие да соработуваат. Европската Унија е политички и правен систем со огромни придобивки, но и со реално пренесување на надлежностите од национално на европско ниво. Членството не е бесплатна членарина за пристап до фондови. Тоа е институционална и политичка одлука за споделување на дел од сувереното одлучување. И токму затоа прашањето не смее да биде: „Колку сме подготвени да дадеме за да нè примат?“ Туку: „Што добиваме, што даваме и дали рамнотежата е во наш национален интерес?“ Тоа е зрела европска политика. Не антиевропска, велат повеќе наши соговорници, универзитетски професори, правници, економисти и историчари, вклучително и двајца дипломати од кариера, со долгогодишно искуство во дипломатијата и меѓународните односи.

Исланд не избра изолација, тој избра позиција

Исландската ситуација е специфична. Земјата не стои пред Европа како Македонија. Таа веќе има изграден институционален систем, функционална демократија, силна економија и висока административна способност. Истовремено, преку Европската економска област има широк пристап до европскиот единствен пазар. Тоа значи дека за Исланд прашањето било многу поинакво од она што би било за држава што сè уште го гради својот институционален систем.
– Токму во ова е и најважната поента што треба ние да ја прочитаме. Исланѓаните не велат: „Не ни треба Европа“. Тие велат: „Не сакаме автоматски да преминеме од оваа форма на европска интеграција во друга форма, ако сметаме дека цената е превисока“. Најсилниот пример е рибарството. За Исланд рибарството не е само економска гранка. Тоа е дел од националниот економски модел, од локалните заедници и од чувството дека државата мора сама да одлучува за стратешки ресурс. И токму стравот дека со членството би се намалила националната контрола врз рибарството беше меѓу клучните причини за отпорот кон повторното отворање на преговорите. Рибарството сочинува околу 15 проценти од исландскиот БДП и околу 40 проценти од извозните приходи. Затоа не е чесно исландското „не“ да се преведува како страв од Европа. Тоа е, пред сè, глас за условите под кои една држава сака да биде поврзана со Европа – велат наши соговорници, професори, дипломати и економисти, со кои направивме повеќеслојна фокус-група за повеќеслојна анализа за „случајот Исланд и Македонија“.

„Златниот појас“ не е капитулација, но не е ни модел што автоматски може да се преслика

– Голем дел од македонските аналитичари имаат право во една работа. Македонија не е Исланд. Ние немаме институционален капацитет каков што има Исланд. Го немаме ниту неговото економско ниво, ниту неговата административна ефикасност, ниту неговата историски изградена политичка стабилност. Европската комисија и самата во последните извештаи укажува на потребата Македонија да ги зајакне владеењето на правото, судската независност, борбата против корупцијата, јавната администрација и демократските институции. Во 2025 година, комисијата повторно оцени дека се потребни натамошни чекори за отворање на првиот кластер, а како услов ја наведува и уставната измена поврзана со вклучувањето граѓани припадници на други народи. Тоа се реални проблеми. И не треба да се бега од нив. Но од тука до тврдењето дека „Европа е нашата единствена и последна шанса да создадеме нормална држава“ има огромен политички скок. И тоа е суштинскиот аргумент на кој треба ние интелектуалците да реагираме и да изразиме несогласување – велат нашите соговорници.

Тие додаваат дека токму со ваквиот став, ние самите се деноминираме.
– Ако навистина веруваме дека единствениот начин да создадеме нормална држава е некој друг да ни ја постави нормата, тогаш сме се откажале од најважната претпоставка на секоја модерна демократија: дека државата можеме да ја изградиме самите. Европската интеграција треба да биде катализатор. Не патерица! Тоа е недоверба во себе, а тоа е самоуништувачко на долги патеки – нагласуваат соговорниците.

Најопасната идеја не е евроскептицизмот, туку невербата во себе

– Македонскиот проблем не е само што имаме слаби институции. Многу подлабок проблем е кога почнуваме да веруваме дека тие институции никогаш не можат да станат силни без некој однадвор да ги поправи. Тоа е менталитет на трајна политичка малолетност. Ако Европа ни помогне да изградиме подобро судство – одлично. Ако европските стандарди ни помогнат да ја исчистиме администрацијата од партизација – одлично. Ако европските фондови помогнат да изградиме инфраструктура, енергетска независност, дигитална економија и конкурентно земјоделство – одлично. Ако европскиот процес ни создаде притисок да го подобриме владеењето на правото – уште подобро. Но сето тоа не значи дека самата државност мора да ја увеземе од Брисел. Зашто државата е наша. Судството е наше. Администрацијата е наша. Економијата е наша. Ресурсите се наши. Историјата е наша. Јазикот е наш. И одговорноста за нивниот квалитет, пред сè, е наша – велат соговорниците.

Не постои европски пат што бара да престанеме да бидеме Македонци

Ова е точката каде што македонската европска дебата премногу често станува или романтична или дефанзивна.
– Ајде да потсетиме… Едни во Македонија велат: „Ќе влеземе во ЕУ и сите проблеми ќе исчезнат“. Други велат: „Ако влеземе во ЕУ, ќе исчезнеме“. И двете тврдења се премногу поедноставени. Членството во ЕУ не треба да ги брише националните идентитети. Но некој сака така да ја престори работата. Членството не треба да биде ниту ултимативно ниту уценувачко. Тоа си има одамна административна процедура и утврдени (Копенхашки) критериуми. И тоа е тоа… Со исполнувањето на критериумите треба да се отворат вратите во политички сојуз во кој државите делат дел од своите надлежности за да добијат поголема заедничка моќ. Затоа Македонија треба да оди кон Европа. Но треба да оди исправена. Не со чувство дека оди пред комисија на која треба да докажува дека заслужува да постои. Туку како држава што има што да понуди – велат нашите соговорници.

Македонија не треба да биде „трета лига“ на Европа

Тука е и суштинската слабост на метафората со „златниот појас“. Ако алтернативата на полноправното членство е Македонија да остане во некаква трајна периферна зона, без политичко влијание, без рамноправно учество и со постојано прифаќање правила врз кои нема доволно влијание – тогаш таквата позиција навистина не треба да биде наша крајна цел. Но од тоа не следува дека треба да прифатиме каква било цена само за да добиеме членство. Напротив. Токму затоа што сакаме полноправно членство, мора да инсистираме на квалитетно членство. Не сакаме Европа во која Македонија само ќе биде статистичка бројка. Сакаме Европа во која македонскиот граѓанин ќе има еднакви права. Македонската држава ќе има еднакво достоинство. Македонските институции ќе бидат способни да ги застапуваат своите интереси. Македонскиот јазик ќе биде европски јазик. Македонската култура ќе биде европска култура. Македонската историја ќе биде предмет на научна, а не на политичка арбитража. А македонските национални интереси ќе се бранат со истата политичка сериозност со која секоја друга членка ги брани своите.

Суверенитетот не е нешто што се жртвува на олтарот на ЕУ

Ова е можеби најважната работа што Македонија мора да ја научи од Исланд. Суверенитетот не е апсолутна изолација. Но не е ниту валута со која купуваме членска карта. Модерниот суверенитет е способност да донесуваш одлуки, да преговараш, да склучуваш договори, да преземаш обврски и – кога е потребно – доброволно да споделуваш надлежности затоа што тоа ти носи поголема корист. Тоа е разликата меѓу делегирање и откажување. Кога држава доброволно делегира одредена надлежност во заедничка институција затоа што добива поголема заедничка моќ, тоа може да биде рационална суверена одлука. Но кога државата се откажува од нешто само затоа што верува дека „нема избор“, тогаш тоа веќе не е стратегија. Тоа е капитулација на политичката волја. П.Р.