Фото: Маја Јаневска - Илиева

Вкупно 55 случаи на западнонилска треска се регистрирани досега во државата. Од нив, 53 се потврдени од кои 52 биле хоспитализирани, соопшти на денешната прес-конференција министерот за здравство Сако Клековски. Тој информира дека последната недела има пет случаи од кои два се непотврдени, што е намалување во однос на претходните три недели кога имало од 9 до 11 случаи, а промени има и во тоа што последните случаите на западнонилска треска во Скопје доаѓаат од северниот, североисточниот дел на градот, за разлика од досега кога биле регистрирани претежно во јужниот дел од градот.

– Моменталната состојба е 19 хоспитализирани во Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, од кои 17 се потврдени, два непотврдени – соопшти министерот за здравство Сашо Клековски.

Смртноста досега е 11,5 проценти, просечното траење на лекувањето е 14 дена. Најдолгото лекување траело 29 дена, најкраткиот испис е по осум дена.

– Врвот на оптовареност на Клиниката за инфективни болести е на 12 август, кога имало 24 хоспитализирани случаи. Моментално, спрема овој пресек, се 18 – додаде Клековски.

Тој појасни дека  односот машки – женски е 3,7 спрема 1. Значи, скоро 4 наспроти 1 во однос на хоспитализациите – четирипати повеќе мажи се хоспитализирани од жени. Сите починати се мажи.

Клековски информираше дека првата хоспитализација била во месец мај. Потоа, повеќе недели немало ниту еден случај. Потоа започнал раст. На 18 јули, Институтот за јавно здравје го издал извештајот врз основа на кој се констатирал овој раст и започнале да се спроведуваат мерките.

Најмногу хоспитализации имало во периодот од 3 до 24 август.

Последната недела имало три потврдени случаи и два непотврдени, вкупно пет хоспитализации во оваа недела, во споредба со 9 до 11 хоспитализации претходните три недели.

– Дополнителна промена на епидемиолошката слика е дека од условно од Скопје југ, новите случаи сега се во Скопје север, условно се изразувам, или североисток, и тоа го комуницираме со Град Скопје и со општините за преземање на соодветни мерки во тој правец – додаде Клековски.

Трета птица, гавран, била позитивна на западнонилска треска во општина Карпош кај Драмски театар.

– Тука да апелирам до граѓаните, бидејќи бројот на пријави на мртви птици надминува 20-30 дневно само во Скопје, да не пријавуваат одамна погинати, изедени, распаднати птици, бидејќи не може да се изврши тестирање на такви птици. Фокусот на пријавување да бидат гаврани. И замолница, бидејќи во Скопје отприлика ја знаеме состојбата, ќе се обидеме да се фокусираме на мртвите птици надвор од Скопје, бидејќи тие ќе бидат епидемиолошки поважни наоди отколку наодите во Скопје – рече Клековски.

Директорот на Инфективната клиника во Скопје, доктор Фадил Цана, одговарајќи на новинарско прашање, информираше дека моментално на Клиниката во Одделот за интензивна нега се петмина пациенти.

– Моментално на Клиниката за инфективни болести во одделот за интезивна нега се пет пациенти, од кои пет кои беа сите во тешка клиничка форма. Тројца од пациентите се екстубирани, значи кај нив ова е значително подобрена клиничката слика и очекуваме дека брзо ќе бидат опоравени. Така што засега во моментот остануваат се уште на респиратор двајца пациенти кои се доста во изразито тешка состојба. Додека другите останати пациенти, затоа што вкупно моментално се хоспитализирани 19 пациенти, се во добра здравствена состојба – одговори Цана на новинарско прашање.

Тие со потешка клиничка форма биле во напредната возраст, стнаувало збор за пациенти кои имаат доста придружни заболувања. Сите биле машки лица.

Сите кои биле хоспитализирани биле над 60 години. Или, 66,8 години просечната возраст на хоспитализацијата.

Досега 28 биле оздравени и пуштени дома., пренесува МИА.