• Комисијата за наградата „Кромид“ за најдобар долгометражен документарен филм на 17. „Македокс“, во состав Алфонсо Ривера, Маја Крајнц и Рахул Џаин, му ја додели наградата на филмот „Тристан засекогаш“ на авторите Тобијас Ноле и Лоран Бонардо

Заврши 17-то издание на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“, кое од 20 до 27 август се одржа под мотото „Само сонот е стварност“. Доделувањето на наградите се одржа на 27 август во „Куршумли-ан“.

Автор на статуетките што се доделуваа на наградените автори е уметникот Глигор Кузмановски. Вечерта на доделувањето на наградите беше посветена на Влатко Милев-Циги, кој беше љубител на документарниот филм и пријател на „Македокс“.
Фестивалот „Македокс“ доделува награди во пет категории: награда „Кромид“ за најдобар долгометражен документарен филм, „Млад кромид“ за најдобар филм во категоријата „Нови автори/ки“, „Сечкан кромид“ за најдобар краток документарен филм, „Кокарче“ за најдобар студентски филм и Награда за филм со најдобри етички идеи. Членови на комисиите беа 15 признаени домашни и странски филмски автори, продуценти и филмски критичари.

Комисијата за наградата „Кромид“ за најдобар долгометражен документарен филм на 17. „Македокс“, во состав Алфонсо Ривера, Маја Крајнц и Рахул Џаин, му ја додели наградата на филмот „Тристан засекогаш“ на авторите Тобијас Ноле и Лоран Бонардо.
Жирито едногласно смета дека „Тристан засекогаш“ емотивно го разоружува гледачот уште од самиот почеток, преку формално сензуален јазик на интимна едноставност. Филмот нежно ги балансира спротивставените сили меѓу соновните регистри на внатрешната психолошка изолација и надворешното чувство на припадност кон просторот.

Комисијата за Наградата за најдобри етички идеи беше во состав Хана Корнети, Олександра Калиниченко и Кристина Леловац, а наградата ја доби филмот „Од црвени фенери до рефлектори“ на Бипулџит Басу.

Наградата за филм со најдобри етички идеи е посебна затоа што фокусот се преместува од оваа страна на екранот на онаа страна од камерата – со други зборови, ова е награда заснована на начинот на кој филмот се однесува кон темата и кон луѓето чии животи ги прикажува.
– Нашите главни критериуми беа ненасилничкиот и неексплоататорскиот пристап, способноста на авторите да воспостават искрена поврзаност со својата тема, истовремено нудејќи храбар поглед кон едно актуелно општествено прашање, како и потенцијалот на филмот да создаде простор за нови наративи и толкувања на светот во кој живееме, а истовремено да поттикне поширока поддршка од заедницата за неговите учесници и надвор од екранот – стои во образложението на жирито.

Посебно признание на наградата за најдобри етички идеи доби „Земјата Кикују“ на Беа Вангондју и Ендру Браун, со образложение: „Ова е нежна и великодушна приказна за заедница што станала сидро за сите членови. Филмот пристапува кон тешките теми користејќи ја формата на филм во филм, давајќи им на учесниците простор да го заштитат она што е приватно наместо да се бара од нив да ги откриваат своите најболни искуства поради сензационализам. Филмот нè потсетува дека луѓето се важни, уметноста е важна, и дека филмовите се важни“.

За наградата „Млад кромид“ одлучуваше комисијата во состав Марго Мека, Муртада Елфадл и Матјаж Иванишин, а наградата за категоријата „Нови автори“ ја доби филмот „Кон запад, во Запата“ на Дејвид Бим за „храбрата и возбудлива употреба на сите елементи на филмскиот јазик и естетиката, за начинот на кој работи со времето, додавајќи контекстуален ритам на својот наратив, како и за прекрасната и живописна кинематографија. И, конечно, затоа што станува збор за режисер чиј следен филм со нетрпение го очекуваме“.

Жирито му додели посебно признание на филмот „Имаго“ на Дени Умар Пицаев.
– Суптилен филм што со прецизност и емпатија прикажува мошне лична и емотивна приказна, кон сите нејзини протагонисти, без оглед на нивните разлики. Бевме восхитени од начинот на кој режисерот создава отворен простор во кој зборовите и разговорот имаат тежина и значење – образложи жирито.

За наградата „Сечкан кромид“ за најдобар краток документарен филм одлучуваше комисијата во состав Стојан Синадинов, Џони Костантино и Марина Д. Рихтер, а наградата ја доби „Роење птици“ на Ксавиер Марадес со образложение:
„Додека јато од илјадници сколовранци, менувајќи ја формата, хистерично лета над покривите на неговиот роден град, мислите на режисерот летаат кон други места и времиња што го оформиле, како и кон изворот на инспирација за неговата интимна приказна, која ги надминува автобиографските рамки. Филмот плени со својата искреност и остроумно поврзува навидум неповрзани култури и колективни сеќавања на две малцинства, без притоа да го изгуби фокусот. Гледачите се вовлечени во јатото од идеи и мисли преку нежната, поетска кореографија на режисерот“.

Посебното признание на наградата „Сечкан кромид“ му беше доделено на „Отворено поле“ на Тебохо Едкинс за моќта со која се обработуваат и соочуваат личната загуба и болка – преку лично учество, водено со умерена режија – во филм што отвора драгоцени погледи кон универзалното споделување, прелевајќи се во ритуал на колективна грижа наспроти цинизмот на економската моќ.

За наградата „Кокарче“ одлучуваше комисијата во состав Томасо Пријанте, Милагрос Тавара Естела и Радован Петровиќ, кое одлучи наградата да ја добие студентскиот филм „Здраво ново тело, како си денес?“ на Лаура Канси за „храброста да се прикаже себеси искрено и нежно, откривајќи ја кревкоста на телото, интимноста на една врска и убавината што се наоѓа во секојдневните моменти“. С.Ј.