Во театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп на сцената се поставува „Животинска фарма“ според Орвел, во режија на Чендрим Ријани. Претстaвата e дел од годишната програма на театарот за 2026 година и е поддржана од Министерството за култура и туризам.

„Животинска фарма“ е сатирична алегорија напишана од Џорџ Орвел во 1945 година, во која се говори за група животни што го преземаат управувањето со фармата од луѓето. Животните, поттикнати од визијата на едно старо прасе, организираат бунт против сопственикот на фармата и ја прогласуваат за своја слободна фарма. На почетокот нивниот идеал се еднаквост, правда и самоуправување, но постепено свињите ја преземаат контролата и се претвораат во тирани полоши од луѓето.

„Животинска фарма“ е еден од најдраматизираните романи во светот, вели режисерот Ријани, и затоа мислам дека е добро што во овој момент се поставува во прилепскиот театар.
– Имам концепт што се надградува над „Животинска фарма“ и многу му личи на театарот „Војдан Чернодрински“. Освен она што има внатре, во делото, тука е моментот во кој се наоѓа театарот без театар, се надградува и се вградува во концептот на „Животинска фарма“. Прилепскиот театар има добра актерска екипа, која работела претходно со вакви експерименти. Имаме можност да посветиме внимание на актерите што се многу добри, за да извадиме претстава што ќе произлегува од самите нив. Имаме извонреден потенцијал за трансформација во визуелна и симболична театарска претстава. Сите актери ќе дадат свој придонес да направиме алегорична трагикомедија – посочува режисерот Чендрим, истакнувајќи притоа дека ќе биде камерна претстава.

Во претставата ќе играат Игор Трпчески, Марија Спиркоска Илијеска, Наташа Ачански, Димитар Ѓорѓиевски, Јасмина М. Станкоска, Александар Тодески, Даниела Иваноска, Зоран Иваноски, Михајло Миленкоски, Илија Волчески. Драматург е Лидија М. Ѓорѓиевска, сценограф е Валентин Светозарев, костимографка е Марија Папучевска, а за музиката е задолжен Томе Темелкоски. Премиерата ќе биде во октомври.
Инаку, режисерот Чендрим Ријани досега има реализирано 27 театарски претстави, три документарни филмови, една опера во театри во земјава и во странство, а првпат соработува со прилепскиот театар. Има освоено над 70 награди, од кои над 40 како режисер. Двапати е наградуван на МТФ „Војдан Чернодрински“. Ка.М.