КУГЛАЊЕ
- Чест е да се биде сведок на ваков подвиг на врвен спортист од планетарен ранг, особено што е македонски репрезентативец и спортски амбасадор, изјави претседателот на КФМ, Дарко Димитровски. Стоклас куглаше непрекинато 25 часа, еден час повеќе од рекордот од 2022 година
Македонскиот репрезентативец во куглање Урош Стоклас (61) постави нов Гинисов рекорд, куглајќи непрекинато 25 часа, што е извонредно достигнување. Притоа Стоклас, кој е и одличен маратонски велосипедист и поранешен скијач, фрли 3.200 кугли и собори 15.972 кегли, комплетирајќи 26 цели серии по 120 кугли. Истовремено тој забележа и импресивен просек од 614,31 соборени кегли по серија, резултат со кој уште еднаш го потврди својот статус на спортист од светска класа.
Со овој историски резултат остварен во Градишка (БиХ), Стоклас не само што го собори претходниот рекорд од 2022 година од 24 континуирани часа, кој беше, исто така, во негова сопственост и влезе во Гинисовата книга на рекорди, туку и на најдобар можен начин го промовира македонскиот спорт на светската сцена како вистински амбасадор на Македонија.
– Тој буквално го даде секој атом од својата сила за ова неверојатно достигнување. Сите вие што го гледавте преносот во живо можевте да видите колку се сериозни кризата и натчовечките напори со кои се бореше на самиот крај. Но тој не се откажа. Среќни сме што ве известуваме дека Урош е целосно исцрпен, но во добра состојба и во сигурни раце. Неговата порака до сите вас што ги држевте палците за него е: „Никогаш не откажувајте се!“ Тој уште еднаш докажа дека е еден од ретките спортски феномени способен за таков натчовечки подвиг. Неговото достигнување е едноставно без преседан и поставува сосема нова историска пресвртница на глобално ниво – рекоа од неговиот тим.
Иако е Словенец, тој, сепак, настапува под македонско знаме и е стандарден репрезентативец на Македонија во куглање. На 23. Светско првенство (СП), во Швац (Австрија) во јуни годинава, тој влезе во осминафиналето.
– Чест е да се биде сведок на ваков подвиг на врвен спортист од планетарен ранг, посебно што е македонски репрезентативец и македонски спортски амбасадор. Toj покажа натчовечка издржливост и врвна форма во подвигот што траеше повеќе од едно деноноќие без прекин – изјави по поголемиот подвиг на Стоклас, претседателот на Кугларската федерација на Македонија (КФМ), Дарко Димитровски. Г.И.
Македонија ќе има четири екипи во европските купови
Македонија и официјално ќе има четири екипи во октомври годинава во европските купови под капата на Светската кугларска федерација ВНБА НБЦ. Така, 25-кратниот шампион на Македонија и 14-кратен победник во домашниот Куп, екипата на Макпетрол во машка и ГТЦ во женска конкуренција ќе се натпреваруваат во најсилното натпреварување, Светскиот екипен куп во Брчко (БиХ). КК Пелистер 1982 во машка конкуренција ќе ја претставува Македонија на Европскиот куп во Бачка Топола (Србија), а КК Вардар 2014 ќе настапи во машка конкуренција во најмасовниот НБЦ-куп во Апатин (Србија).
Од Светскиот куп првите осум обезбедуваат место во Лигата на шампионите (ЛШ), од Европскиот куп најдобрите пет, а од НБЦ-купот првите три ќе бидат дел од ЛШ. Г.И.


































