Во земјава до 13 часот денеска се регистрирани вкупно 10 пожари на отворен простор, од кои седум се активни, еден е ставен под контрола, а два се целосно изгаснати, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Активни пожари има во седум општини. Во општините Студеничани и Зелениково гори мешана шума на потегот од селата Моране, Вртекица и Рамни Габер, со крак кон село Палиград и во правец на Преслап.
Пожар е активен и на подрачјето на Општина Сарај, меѓу селата Копаница и Радуша, каде гори нискостеблеста шума и ниска вегетација. Во Општина Јегуновце пожарот е кај село Копанце, во мешана шума.
Во Општина Чашка гори ниска вегетација и единечни дрвја над село Нежилово, во местото Сватови. Пожар има и кај село Виничани во Општина Градско, во близина на турските гробишта, каде се зафатени ниска вегетација и дрвја.
Активни се и пожарите кај Агино Село во Општина Куманово, каде гори ниска вегетација, како и кај село Витолиште во Општина Прилеп, во местото Рамна Нива.
Пожарот кај село Трново во Општина Гостивар, кој се шири кон селата Битово, Заград и Страјане во Општина Македонски Брод, е ставен под контрола. Зафатени се нискостеблеста шума, ниска вегетација, пасишта и папрат.
Целосно изгаснати се пожарите во Општина Долнени, кај село Црнилиште, каде горела ниска вегетација, и во Општина Босилово, кај село Бориево, на депонија.



































