Уапсени се тројца хакери, спречени се нови напади и продажба на украдени државни податоци на Даркнет во најголемата истрага за рансомвер во историјата на регионот, соопшти српското Министерство за внатрешни работи.
Српската полиција идентификуваше и уапси тројца членови на хакерската група „INF Group“, што е поврзана со голем број високопрофилни софтвери за уцена, таканаречениот рансомвер и други кибер напади и компромитирање на информациски системи во Србија и земји од регионот.
Уапсени се Н. М. С. (22) од Белград, Л. Д. (23) од Заечар и седумнаесетгодишник од Белград, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело неовластен пристап до заштитен компјутер, компјутерска мрежа и електронска обработка на податоци.
Според полицијата, цел на таа хакерска група биле системи на државни институции, големи компании и други организации. Се сомневаат дека напаѓачите ги компромитирале и шифрирале системите или преземале големи количини на податоци, вклучувајќи лични и други чувствителни податоци на граѓаните.
Од некои жртви било побарано да платат откуп во криптовалути за да не бидат објавени украдените податоци.
Групата ги нападнала системите во Републичкиот фонд за здравствено осигурување на Србија, базата на податоци на јавни извршители, евиденцијата на Управата за странци при МВР на Србија и Фудбалскиот сојуз на Србија.
Меѓу целите, како што се сомнева полицијата, биле и Министерството за труд на Република Хрватска, судскиот систем на Хрватска, системите за јавен превоз во Белград, како и информациските системи и базите на податоци на неколку големи компании и организации во регионот.
Според бројот на напади и компромитирани системи утврдени досега, „INF Group“ се смета, според полицијата, за најактивна и оперативно најефикасна идентификувана хакерска група што досега дејствувала во регионот.
Министерството за внатрешни работи наведува дека оваа операција претставува една од најзначајните и најуспешните истраги насочени против криминалот со ransomware спроведен во Европа во последните неколку години.





































