Џон Ретклиф - Фото: ЕПА

Анализа со повод: Неколкучасовна блиц-посета на директорот на ЦИА на Москва

  • Ненајавеното слетување на американски воен транспортен авион на аеродромот во Москва, во кој главен патник бил директорот на ЦИА, Џон Ретклиф, отвори многу загатки, од тоа со кого се сретнал американскиот шеф на разузнавањето до прашањето за тоа што било предмет на разговор. Дали Вашингтон му испратил на Кремљ предупредување за Украина и НАТО или, пак, понуда за нова рунда преговори и порака за Иран? Или се подготвува некаква поширока голема „зделка“ меѓу Трамп и Путин?
    Нашата анализа во продолжение ќе направи обид да фрли светлина на сите можни варијанти во врска со целта на посетата, како и на рефлексијата на таа посета на глобален план.
    Во дипломатскиот свет постојат посети што се најавуваат со недели однапред и постојат посети чија најголема порака е токму тоа што никој не знае дека се случуваат. Тајното патување на директорот на ЦИА, Џон Ретклиф, во Москва спаѓа во втората категорија. Токму затоа безбедносно-политичкиот ребус на посетата е особено интересен за јавноста…

На 25 август американскиот шеф на разузнавањето пристигна во руската престолнина со американски воен транспортен авион, а по неколку часа авионот ја напушти Москва. Американските власти не ја најавија посетата, ЦИА не ја коментираше, а Кремљ првично соопшти дека нема информации за авионот и дека нема планирани средби со претставници на американската администрација. Сепак, американските медиуми потоа објавија дека Ретклиф бил во Москва на разговори со руски претставници. Токму оваа комбинација, имено висок функционер, тајна посета, воен авион, краток престој и молк од двете страни, ја прави приказната многу позначајна од обична разузнавачка консултација. Прашањето, затоа, не е само со кого се сретнал Ретклиф туку и што било неопходно да биде кажано лице в лице во Москва, а не преку телефон?

1. Првата и најсериозна можност: Вашингтон му испраќа предупредување на Путин

Една од најсериозните верзии што се појавија во американските медиуми е дека Ретклиф можел да му пренесе на Кремљ порака заснована врз американски разузнавачки сознанија. Според „Волстрит журнал“, американските разузнавачки служби собрале информации дека Русија презема почетни подготовки за можна нова воена мобилизација и дека Москва би можела да размислува за тестирање на решителноста на НАТО. Ако ова е вистинската причина, тогаш Ретклиф во Москва не отишол да преговара за мир, туку да испрати порака со сосема поинаков карактер: „Знаеме што подготвувате и знаеме како ќе реагираме“. Таквата порака има смисла токму од директорот на ЦИА. Тој не е класичен дипломат и не мора да се занимава со формулации за јавноста. Неговата сила е во тоа што може да каже што Вашингтон знае или барем што сака Москва да мисли дека знае. Американскиот новинар и аналитичар Мајкл Вајс, исто така, ја поврза посетата со разузнавачки информации што САД ги споделувале со Полска, балтичките и скандинавските земји во услови на зголемени сомнежи за руски саботажи и активност на руското военото разузнавање ГРУ. Во таков случај Москва би добила предупредување пред евентуалната следна ескалација.

2. Втора можна тема на разговорот: Украина и последен обид да се оживеат преговорите

Втората, можеби и најлогична варијанта, е темата – Украина. Мировните напори на администрацијата на Доналд Трамп меѓу Киев и Москва се заглавени, додека истовремено борбите и нападите со беспилотни летала и ракети продолжуваат. Ретклиф, интересно, не е целосно надвор од овој дипломатски процес. Според „Њујорк тајмс“, тој бил вклучен во тимот на администрацијата задолжен за напорите за завршување на војната. Тоа значи дека неговата функција во оваа мисија можела да биде нешто што класичните дипломати не можат да го направат. Ретклиф можел да разговара за условите под кои Москва би прифатила повторно отворање на преговорите; за можен привремен прекин на огнот; или за ограничување на нападите врз енергетската инфраструктура; за иднината на окупираните територии; за гаранции за Русија и Украина; и се разбира за американските граници на компромисот.
Но тука постои една многу интересна околност. Вашингтон, според повеќе извештаи, претходно ја информирал Украина и побарал од Киев да не изведува напади врз руска територија за време на престојот на американската делегација. Тоа е можеби еден од најзначајните детали во досега познатите околности. Ако една страна во конфликтот добива порака да „не пука“ додека шефот на ЦИА е во Москва, тогаш посетата веројатно имала чувствителна политичко-безбедносна компонента.

3. Трета можна исклучително интересна тема за разговор: Иран

Третото сценарио е особено интересно затоа што доаѓа во момент кога американско-иранскиот конфликт повторно го менува поширокиот геополитички распоред. Вашингтон неодамна ја засили економската и политичката кампања против Техеран, додека Москва и Иран имаат развиено блиско стратешко партнерство. Русија во последните години му обезбедуваше политичка, воена и технолошка поддршка на Иран, а Техеран ѝ испорачуваше беспилотни летала на Москва за војната во Украина. Затоа е сосема можно Ретклиф во Москва да разговарал за нешто што формално нема директна врска со Украина. На пример, што може Русија да направи за да го ограничи иранското воено дејствување? И уште поважно, што бара Вашингтон од Москва за возврат? Тука се отвора можноста за најинтересната геополитичка равенка. САД би можеле да бараат од Путин да го ограничи трансферот на воена технологија, разузнавачки информации или други форми на помош кон Иран. А Москва би можела да бара нешто за возврат – во Украина, во санкциите, во односите со НАТО или во поширокото европско безбедносно прашање. Тоа би значело дека Москва и Вашингтон можеби не преговараат за една, туку за поврзани кризи.

4. Тајна разузнавачка дипломатија: Ретклиф и Наришкин

Постои и едно многу поинакво објаснување. Шефот на ЦИА не мора секогаш да патува во странство за да преговара за голема политичка зделка. Понекогаш неговата задача е да го одржи каналот меѓу разузнавачките служби отворен токму кога официјалната дипломатија е во криза. Во овој случај природниот руски соговорник е Сергеј Наришкин, директорот на руската Служба за надворешно разузнавање. Според германскиот „Тагесшау“, Наришкин претходно не ја исклучил можноста за лична средба со Ретклиф, а двајцата разузнавачки директори имале повеќе телефонски контакти од 2025 година наваму. Тоа отвора можност Москва и Вашингтон да се обидуваат да создадат посебен безбедносен канал, независен од јавната дипломатија. Таквите канали се особено важни кога ризикот од погрешна проценка станува поголем од вообичаено.

5. Уште една интересна претпоставка за веројатна тема на разговор: Размена на затвореници – мала тема што може да крие голема политика

Една од најконкретните можности е и најпрозаична. Имено, тоа е темата за американски затвореници во Русија. ЦИА и руските разузнавачки служби веќе имаат искуство со посредување во размена на затвореници. Токму разузнавачките канали одиграа значајна улога во претходни случаи, меѓу кои и ослободувањето на новинарот Еван Гершкович и поранешниот маринец Пол Вилан во 2024 година. Во руските и западните медиуми се појавија и шпекулации дека посетата може да има врска со уште еден американски државјанин, Чарлс Цимерман. Доколку би следувало ново ослободување, тоа би можело да биде повеќе од хуманитарен гест. Москва со тоа би можела да испрати порака дека и покрај војната, директниот канал со Вашингтон функционира. А Вашингтон би добил нешто што може да го претстави како конкретен резултат на својата политика.

6. Супертешка тема: Подготовка за некаква заеднички координирана „голема операција“ за крај на воениот судир

Во информацискиот простор се појави и една многу помалку проверлива, но интригантна верзија: дека Ретклиф отишол во Москва во врска со некаква „важна операција“. Украинскиот канал „Украина контекст“, близок до украинскиот воено-разузнавачки круг, објави тврдење дека подготовките за операцијата наводно траеле подолго време и дека нејзиниот резултат би можел значително да влијае врз следниот развој на настаните. Оваа верзија треба да се земе со голема резерва бидејќи нема независна потврда. Но самото нејзино појавување е индикативно. Зошто? Затоа што посетата на директорот на ЦИА по дефиниција отвора простор за претпоставката дека станува збор за нешто што не може да се води преку нормалните дипломатски канали.

7. Претставување на „црвените линии на САД“ од страна на директорот на ЦИА

Постои уште една можност што се наоѓа помеѓу првото и второто сценарио. Ретклиф можеби не отишол ниту да се заканува ниту да нуди договор. Можеби отишол да ги претстави исцртаните граници на дозволеното за Вашингтон. Тоа би значело разговор од типот дека „Вашингтон нема да толерира одреден руски чекор во Украина“. Од друга страна можеби ќе има реплика дека „Москва нема да толерира одреден украински чекор“ итн. САД нема да дозволат одредено руско однесување кон НАТО. Русија нема да прифати одредена американска воена или разузнавачка активност.
Во таква комуникација шефот на ЦИА е идеален посредник, бидејќи разговорот може да биде многу подиректен од она што би го кажал државниот секретар.

Зошто токму сега?

Ова можеби е најважното прашање. Посетата се случува во момент кога се преклопуваат три кризи:
1. Украина, каде што мировните напори се блокирани и продолжуваат меѓусебните далечни напади;
2. Иран, каде што Вашингтон ја засилува политичката и економската принуда врз Техеран, додека Москва останува негов важен партнер; и
3. НАТО, каде што во западните разузнавачки процени расте загриженоста за можни руски провокации или тестирање на западната одлучност.
Токму затоа е можно посетата да не е поврзана само со една тема. Напротив. Можно е Ретклиф да отишол во Москва со пакет од пораки.

Повторување на 2021 година или, пак, токму спротивното?

Историската паралела е неизбежна. Во ноември 2021 година тогашниот директор на ЦИА, Вилијам Барнс, отпатува во Москва и му пренесе на Владимир Путин дека Вашингтон знае дека Русија се подготвува за голема воена операција против Украина. Неколку месеци подоцна започна целосната инвазија. Сега повторно директор на ЦИА тајно пристигнува во Москва. Разликата е што овој пат светот веќе е во петтата година од војната. Ако Ретклиф навистина отишол со предупредување, тоа би можело да значи дека американското разузнавање гледа нешто што смета дека е доволно сериозно за директен разговор со Кремљ. Но постои и спротивна можност. Во 2021 година Вашингтон се обиде да ја спречи војната. Во 2026 година можеби се обидува да ја спречи следната фаза на војната.

Што ако зад сцената се подготвува голема размена?

Најинтересната хипотеза е, сепак, онаа во која Украина, Иран и односите Русија–НАТО не се одделни теми, туку делови од една поширока преговарачка архитектура. Трамп одамна покажува дека претпочита директни договори и трансакциски пристап кон меѓународната политика. Во таков пристап Москва би можела да добие нешто во Украина доколку направи отстапка во однос на Иран. Или обратно. Вашингтон би можел да понуди олеснување на одреден притисок врз Русија доколку Москва прифати ограничување на воените активности или помогне во некоја друга стратешка цел. Сè уште нема докази дека таква зделка постои. Но ако Ретклиф навистина разговарал со највисоки руски безбедносни претставници, токму вакви разговори во „пакет“ би биле меѓу темите што вреди да се следат.

Ретклиф можеби не отишол да преговара – туку да измери

Во овој момент би било прерано да се тврди дека посетата претставува почеток на нов мировен договор меѓу Москва и Вашингтон. Но би било еднакво погрешно да се третира како обична разузнавачка средба. Фактите укажуваат на внимателно организирана, кратка и крајно дискретна мисија. Американските власти ја информирале Украина за патувањето, а според извештаите побарале да нема напади врз руска територија додека делегацијата е таму. Во исто време, посетата се случува во момент на застој во украинските преговори, зголемени тензии околу Иран и нови западни стравувања за руското однесување кон НАТО. Затоа најверојатно не станува збор за една порака. Можно е Ретклиф да однел седум пораки во една дипломатска актовка: предупредување за Украина; понуда за повторно отворање на преговорите; барање до Москва во врска со Иран; разузнавачка координација; прашање за американските затвореници; поставување црвени линии кон Кремљ; и можеби – најчувствителното од сè – разговор за некаква поширока геополитичка размена. Дали нешто од тоа навистина се случило, најверојатно нема да дознаеме веднаш. Но едно е сигурно, кога директорот на ЦИА тајно лета во Москва во време на војна, застој во мировните преговори и нова конфронтација околу Иран, тешко е да се поверува дека на дневниот ред било нешто мало. Можеби вистинската приказна не е што Ретклиф ѝ кажал на Москва, туку што му одговорила Москва… Р.С.


Москва молчи – а тоа е можеби најгласната порака

Кремљ потврди дека Ретклиф бил во Москва, иако не кажа ништо повеќе, откако и американските медиуми и извори блиски до администрацијата го потврдија неговото патување. Тоа може да значи повеќе работи. Можеби разговорите биле толку чувствителни што двете страни се договориле да не ги коментираат. Можеби немало договор за што било конкретно. А можеби токму неизвесноста е дел од стратегијата. Во разузнавачката дипломатија понекогаш најважната порака не е она што се објавува. Туку она што намерно не се објавува. Р.С.


Има ли порака во тоа што директорот на ЦИА отиде во Москва со воен авион?

Ако Вашингтон сакал само дискретна дипломатска средба, постоеле и други начини за патување. Но Ретклиф пристигнал со американски C-17, воен транспортен авион што обично се користи за стратешки и тактички транспорт. Самото користење таков авион не докажува дека мисијата била воена. Но покажува дека Вашингтон сакал максимална контрола врз безбедноста, маршрутата и логистиката. Уште поинтересен е фактот што авионот претходно летал до Латвија, а од таму продолжил кон Москва. И токму тука се појавува симболиката. Имено, американскиот шеф на разузнавањето стигнува во Русија, додека Вашингтон истовремено ги предупредува сојузниците за руската активност во Европа. Тоа е порака сама по себе. Р.С.