Европскиот зелен рак со години прави сериозна штета долж брегот на Нова Англија во САД. Ги уништува морските треви, јаде школки и други морски организми и им создава проблеми на локалните рибари. Сега, наместо само да се обидуваат да го искоренат, сè повеќе луѓе во регионот применуваат необична стратегија – да го стават на менито, пишува Асошиејтед прес (Associated Press).
Во Мејн, Мајк Маси од компанијата „Шел енд кло“ одгледува зелени ракови што се непосредно пред менување на оклопот. Тогаш тие стануваат меки и се многу попривлечни за рестораните. Разликата во цената е огромна: тврд зелен рак може да вреди само неколку центи, додека за мек примерок Маси добива и до три долари.
Идејата не е само гастрономска. Европскиот зелен рак е меѓу најпроблематичните инвазивни видови во регионот. Организацијата „Маномет конзервејшн сајенсис“ (Manomet Conservation Sciences) наведува дека ги јаде домашните школки, се натпреварува со автохтоните видови и ја уништува морската трева, важна за целиот крајбрежен екосистем.
Интересот сепак расте. Според Асошиејтед прес, од 2021 година бројот на ресторани што нудат зелен рак се зголемил повеќе од десетпати. Некои го пржат и го ставаат во сендвичи, други го додаваат во тестенини, сосови и супи. Во Кембриџ во Масачусетс, на пример, ресторанот „Пагу“ го користи за супа со тестенини и во пржен мек рак сервиран во бао (меко азиско лепче на пареа).
Но, засега ова не е решение што може да ја запре инвазијата. Мал број рибари ги ловат зелените ракови, а недостига и инфраструктура за нивна преработка и транспорт. Сепак, идејата „од проблем до чинија“ добива сè повеќе поддршка – во 2026 година повеќе од 100 ресторани и рибни пазари веќе го понудиле инвазивниот вид на своите менија.


































